По Обединетите Арапски Емирати и Бахреин, и мнозински арапската држава во североисточна Африка ги нормализира односите со Израел. Ова го објави претседателот на САД, Трамп, а тоа наиде на остра осуда кај Палестинците
Реклама
Палестинците ја осудија објавата за нормализирање на односите меѓу Израел и Судан, нарекувајќи го тоа „политички грев“. По една недела тајни преговори кои беа забрзани во средата со посетата на израелската делегација во главниот град на Судан, Картум, претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера вечерта објави дека е постигнат договор за нормализирањена односите меѓу Израел и Судан.
„Каква огромна пресвртница! Денеска Картум вели дека е во мир со Израел, му оддаде признание на Израел и нормализирање со Израел“, изјави премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, најавувајќи дека насокоро ќе се сретнат делегации од двете земји да разговараат за соработката во многу области, вклучувајќи ги и земјоделството и трговијата.
Тој им се заблагодари на лидерите на Судан и на претседателот Трамп за новиот договор за нормализирање на односите.
Остри критики од Појасот Газа и Западниот Брег
Судан е трета арапска земја која од август објави дека ќе ги нормализира односите со Израел, по Обединетите Арапски Емирати и Бахреин. Нетанјаху годинава се сретна со суданскиот генерал Абдел Фатах ал Бурхан во Уганда, но таа средба беше лошо примена од јавноста во Судан, со кој управува преодна влада и каде цивилите и војниците ја делат власта по падот на исламистичкиот режим на Омар ал Башир во 2019, кој владееше од 1989 година.
„Нормализирањето на односите меѓу Судан и Израел е политички грев кој го повредува палестинскиот народ и неговата праведна работа и, исто така, им нанесува штета на националните интереси на Судан и само го користи Нетанјаху“, изјави Хазем Касем, официјален портпарол на Хамас, кој владее со Газа.
Град на судири: комплексната историја на Ерусалим
Ерусалим е еден од најстарите и најоспоруваните градови во историјата на светот. Ерусалим е свет град за евреите, муслиманите и христијаните. Оттука произлегуваат и речиси сите контроверзи поврзани со него.
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/S. Qaq
Ерусалим, градот на Давид
Според Стариот завет, Давид, кралот на двете кралства на Јудеја и Израел, го освоил Ерусалим околу 1.000 година пред новата ера. Седиштето на владата го префрлил во Ерусалим, со што го претворил во главен град и верски центар на кралството. Библијата вели дека синот на Давид, Соломон го изградил првиот храм во чест на Јахве, богот на Израел. Ерусалим станува центар на јудаизмот.
Фотографија: Imago/Leemage
Под персиска управа
Нео-вавилонскиот крал Небукаданезар II (трет од лево) го освоил Ерусалим во 597 п.н.е., според Библијата. Ги заробил кралот Јехоаким (петти од десно) и припадниците на високата класа, ги испратил во Вавилон и го уништил храмот. Откако персискиот крал Сирус Велики го освоил Вавилон, им дозволил на прогонетите Евреи да се вратат во Ерусалим и повторно да го изградат својот храм.
Од 63 година п.н.е. Ерусалим паѓа под окупација на Рим. Се формираат повеќе движења на отпорот, па во 66 година избувнува првата Еврејско-Римска војна. По четири години војната завршува, а храмот е повторно уништен. Римјаните и Византијците владеат со Ерусалим околу 600 години.
Фотографија: Historical Picture Archive/COR
Освојувањето на Арапите
При освојувањето на Сирија, муслиманските армии стигнуваат и до Палестина. По наредба на Калифот Умар (на фотографијата), Ерусалим е освоен во 637 година. Во следните години повеќе различни, меѓусебно спротивставени муслимански владетели го контролираат градот. Ерусалим е често под опсада, а владетелите се менуваат.
Фотографија: Selva/Leemage
Крстоносците
Од 1070 година, муслиманските владетели стануваат сѐ поголема закана за христијанскиот свет. Папата Урбан II повикува на крстоносна војна. Севкупно, пет крстоносни походи се организираат во период од 200 години. Во 1244, крстоносците конечно ја губат контролата врз градот и тој паѓа под муслиманска управа.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Отоманите и Британците
По освојувањето на Египет и Арабија од Отоманите, Ерусалим станува административно седиште на Отоманскиот административен регион во 1535 година. Во првите децении на отоманското владеење, градот доживува процут. Со победата на Британците над Отоманските трупи во 1917 година, Палестина потпаѓа под британска управа. Ерусалим е преземен од Британците без борба.
Фотографија: Gemeinfrei
Поделениот град
По Втората светска војна, Британците се откажуваат од палестинскиот мандат. ОН гласаат за поделба на земјата, со цел да се отвори простор за преживеаните од Холокаустот. Неколку арапски држави започнуваат војна против Израел и освојуваат дел од Ерусалим. Сѐ до 1967 година, градот е поделен на израелски западен и јордански источен дел.
Фотографија: Gemeinfrei
Израел го освојува источен Ерусалим
Во 1967, Израел ја започнува Шестдневната војна против Египет, Јордан и Сирија. Израел ги освојува Синај, Појасот Газа, Западниот Брег, Голанската висорамнина и источен Ерусалим. Израелски падобранци доаѓаат до Стариот град и стојат пред Ѕидот на плачот за првпат од 1949 година. Источен Ерусалим не е официјално анектиран, туку административно интегриран.
Израел не им забранува на муслиманите пристап до светите места. Ридот на храмовите е под автономна муслиманска администрација: муслиманите можат да влегуваат, да го посетуваат храмот и блиската Ал-Акша џамија.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Gharabli
Нерешен статус
Ерусалим до денес останува пречка за мирот меѓу Израел и Палестина. Во 1980, Израел го прогласува целиот град за свој „вечен и нераздвојлив главен град“. Откако Јордан се откажува од своето право на Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1988 година, прогласена е државата Палестина. И Палестина го смета Ерусалим, во теорија, за свој главен град.
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen
10 фотографии1 | 10
Сами Абу Зухри, втор претставник на оваа исламска екстремистичка организација, рече дека тоа е „болна објава спротивна на историјата на Судан, земја која ги поддржува Палестинците“.Додека со Судан владееше Башир земјата беше една од главните симпатизери на Хамас чии лидери повремено го посетуваа Картум. Израел го осудуваше Судан оти дозволува преку земјата да се транспортира оружје од Иран во појасот Газа. Палестинците од секуларниот Фатах на палестинскиот претседател Махмуд Абас, чие седиште е на Западниот брег, сметаат дека на нормализирањето на односите меѓу Израел и арапските земји морал да му претходи израелско палестински мировен договор, а не обратно.
Следна е Саудиска Арабија?
По шестдневната војна во 1967 година, во која Израел го освои Западниот брег, источен Ерусалим и појасот Газа, поголемиот број арапски лидери се сретнаа во Судан да ја усвојат Резолуцијата Картум позната по трите „не“, не на мирот со Израел, не признавање на Израел и не на преговорите со еврејската држава. Судан во 1990-те години го прими и лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен.
70 години Израел
Триумф или катастрофа? Пред 70 години е основана државата Израел. По холокаустот, 14 мај 1948 година беше пресвртна точка од која тие гледаа кон нова, ветувачка иднина.
Фотографија: Imago/Seeliger
Триумф на надежта
На 14 мај 1948 година прeмиерот Давид Бен Гурион пред еврејското собрание прогласи основање на државата Израел. „Надежта никогаш не попушти“, рече Бен Гурион опишувајќи ја историјата на еврејскиот народ. „Никогаш не замолкна неговата молитва за враќање дома и за слобода.“ Сега Евреите се вратија назад во земјата на своето потекло - и располагаа со сопствена држава.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Во новиот свет
Дипломатски триумф: пред зградата на ОН во Њујорк веднаш се развеа знамето на новата држава. За Израелците тоа беше натамошен чекор во насока на безбедност и слобода - конечно имаа меѓународно призната држава.
Фотографија: Getty Images/AFP
Најтемниот час
Колкаво е значењето на основањето на државата Израел станува уште појасно ако се земе предвид холокаустот и убиството на шест милиони Евреи од страна на нацистите во текот на Втората светска војна. Фотографијата прикажува затвореници во логорот Аушвиц по неговото ослободување.
Фотографија: picture-alliance/dpa/akg-images
„Накба“- Катастрофа
Палестинците се сеќаваат на основањето на државата Израел како на „накба“- „катастрофа“. Околу 700.000 луѓе мораа да ги напуштат своите територии за да направат место за граѓаните на новата држава. Така, основањето на Израел значи и почеток на Блискоисточниот конфликт, кој не е решен ниту по 70 години.
Фотографија: picture-alliance/CPA Media
Зацврстена држава
Тензиите со арапските соседи во 1967 година ескалираа во „Шестдневна војна“, во чиј тек Израел ги победи Египет, Јордан и Сирија. Истовремено, Израел, меѓу другото, под своја контрола ги стави Источен Ерусалим и Западниот брег. Тоа значеше почеток на натамошни тензии и војни во регионот.
Фотографија: Keystone/ZUMA/IMAGO
Населби на територија на непријателот
Израелската политика на градење доселенички населби постојано го подгрева конфликтот со Палестина. Палестинските власти го обвинуваат Израел дека со постојаното градење населби онезвозможува палестинска држава. Градењето населби е осудено и од ОН, но Израел до денес си продолжува по свое.
Фотографија: picture-alliance/newscom/D. Hill
Без, омраза, камења
Зимата 1987 година Палестинците протестираа против израелската превласт на окупираните територии. Протестите почнаа во градот Газа и брзо се прочирија на Источен Ерусалим и Западниот брег. Востанието траеше со години и заврши со потпишување на договор во Осло, во 1993 година. .
Фотографија: picture-alliance/AFP/E. Baitel
Конечно мир?
Со посредство на тогашниот американски претседател Бил Клинтон, израелскиот премиер Јицак Рабин и шефот на ПЛО, Јасер Арафат, во 1993 година почнаа мировни преговори. Тие завршија со „Договор од Осло“, со кој двете страни меѓусебно официјално се признаа.
Фотографија: picture-alliance/CPA Media
Празен стол
Убиството на Јицак Рабин на 4 ноември 1995 година го торпедираше мировниот процес и ја покажа растргнатоста на Израел. Умерените и радикалите, секуларните и ултраортодоксните Евреи сѐ повеќе се оддалечуваа едни од други. Рабин беше убиен на еден собир од страна на радикален студент по право. На фотографијата е прикажан тогашниот премиер Шимон Перес покрај празниот стол на својот претходник.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Delay
Обид да се изговори неизговорливото
Геноцидот на Евреите до денес им дава печат на германско-израелските односи. Во февруари 2000 година, тогашниот германски претседател Јоханес Рау одржа говор во Кнесетот - на германски. Јазикот на некогашните злосторници во израелското собрание - невидено голем предизвик за двете страни, пред сѐ за наследниците на жртвите. Но, тоа беше и уште еден чекор на приближување.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Израелскиот ѕид
Израелската политика на градење населби ги заостри фронтовите во конфликтот со Палестинците. Израел во 2002 година почна со изградба на 107 километри долг ѕид на Западниот брег. Тоа делумно го запре насилството, но не ги реши политичките проблеми меѓу двата народа.
Новиот германски министер за надворешни работи Хајко Мас ја продолжува решително традицијата на германско-израелско приближување. Неговото прво патување во странство го одведе во еврејската држава. Во март годинава тој во меморијалниот центар Јад Вашем положи венец во чест на жртвите на холокаустот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Yefimovich
12 фотографии1 | 12
Претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси го поздрави договорот меѓу Судан и Израел за скоро нормализрање на дипломатските односи. „Ги ценам нивните напори во цел на постигнување на стабилност во регионот“, напиша тој на Твитер. Египет ги нормализираше односите со Израел во 1976, а Јордан во 1994 година.
Претседателот Трамп предвиде дека наскоро и Саудиска Арабија ќе воспостави односи со Израел, пренесоа израелските медиуми. Тој изјавил за новинарите во Белата куќа дека најмалку уште пет арапски земји сакаат да се приружат на дипломатскиот продор.