Во судницата на Основниот суд Скопје 1 денеска седнаа обвинетите за насилниот упад во Собранието од 27 април минатата година. Пет пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и екс-директорот на БЈБ, Чавков се меѓу обвинетите
Реклама
Процесот против 30 обвинети за насилствата во Собранието на т. н. „крвав четврток“ на 27 април 2017 година, започна со музика од зурли и тапани пред судската зграда и препирки меѓу адвокатите и обвинителите во судницата. Барањaтa на дел од адвокатите на обвинетите да се одложи рочиштето поради недоставени докази од страна на обвинителството, беа одбиени од судијката Добрила Кацарска.
Обвинителниот акт го третира упадот во Собранието како организирана и координирана акција чија цел, меѓу другото, била и ликвидација на тогашниот опозициски лидер Зоран Заев.
Од обвинетите, 28 се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста според членот 313 од Кривичниот законик, а две лица се обвинети за помагање при вршење на истото кривично дело. Меѓу нив се и екс-директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и пет пратеници на ВМРО-ДПМНЕ: Крсто Мукоски, Љубен Аранудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Љупчо Димовски.
Нови сознанија
Паралелно со почетокот на судскиот процес излегуваат и нови информации за она што се случувало на 27 април околу и во Собранието. Дојче веле дознава дека обвинителството ја истражува и злоупотребата на службените телефони со кои располагала Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).
Трагите на „крвавиот четврток“
01:34
Според досегашните сознанија, најмалку еден телефон кој бил во сопственост на владината служба бил користен за да биде испратен првиот повик за мобилизација за „крвавиот четврток“. Бројот бил користен од лице што го обезбедувало екс-премиерот Никола Груевски во Виена. Во СОЗР не се водела речиси никаква евиденција за издадените службени телефони. Голем дел мобилни телефони се воделе и на име „претседател на државата“.
Дополнително, како што дознава ДВ од истрагата, на 27-ми април во Клубот на пратениците, кој исто така е под надлежност на Службата за општи и заеднички работи на владата, стигнал налог да се подготви големо количество сендвичи. Поради случувањата во Собранието таа вечер, сендвичите никогаш не стигнале до потенцијалните корисници, па морале да бидат замрзнати во фрижидерите на Клубот.
Овие и многу други прашања ќе треба да се разјаснат во текот на судењето. Според планот кој денеска го претстави Судот, закажани се вкупно 38 рочишта, од кои 5 во август, 6 во септември, 10 во октомври и 17 во ноември.
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Невидени хаотични слики: Откако мнозинството пратеници го избра пратеникот на ДУИ Талат Џафери за претседател на Собранието, на противење на пратениците од ВМРО ДПМНЕ, во законодавниот дом упадна толпа насилни луѓе.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Навала пред вратите на Парламентот
По изборот на Талат Џафери за нов претседател на Парламентот, од иницијативата „За заедничка Македонија“ ги повикаа граѓаните да излезат уште помасовно на протест, со цел да ја спасат државата од, како што истакнаа, влегување во сценарио од кое нема враќање назад. Толпата почна да притиска кон вратите на Собранието за да влезе во него.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Слабо присуство на полицијата
Неколку големи групи граѓани влегоа во парламентарната зграда, во пленарната сала, во фоајето и во други простории на парламентот, откако полицијата не го спречи првиот бран од граѓани кои протестираа против изборот на нов претседател на Собранието.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Незапирливо „заземање“ на Парламентот
Меѓу оние кои упаднаа имаше и маскирани лица со качулки, кои фрлаа столици во собраниските простории и медиумска опрема.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
„За заедничка Македонија“ во Собранието
Во закондавниот дом завладеа хаос. Тука беа организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, тука беа и министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski
Знамиња и песни
Дел демонстранти ја „зазедоа“ и Пленарната собраниска сала, каде што пееја песни и вееја знамиња.
Фотографија: picture-alliance/abaca/B. Ademi
Напади врз пратениците на СДСМ
Демонстранти навлегоа и во прес-центарот, каде што беа пратениците на СДСМ и ДУИ и почнаа да ги тепаат со столови и со сè што ќе им дојде до рака. Крвнички напаѓани беа Зоран Заев, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски, Радмила Шеќеринска, Хари Локвенец, Зијадин Села. Полиција немаше.
Фотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev
Полицијата се „разбуди“
По повеќе од еден час по почетокот на инцидентите, полицајци влегоа во Собранието и се обидоа да ги извлечат пратениците од прес-центарот, но беа избркани од толпата што ги држеше како заложници. Толпата се забарикадира во прес-центарот.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Евакуација на повредените пратеници
Некаде пред 22 часот дојдоа и специјалци, па почнаа да се обидуваат да ги вадат повредените од забарикадираниот прес-центар.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Извлечени пратениците
Кратко пред полноќ пратениците од парламентарното мнозинство беа извлечени од Собранието, а пред него и понатаму останаа насобраните демонстранти.
Вкупно стотина лица се повредени, од кои четворица се пратеници. Целото Собрание е демолирано, тврдат новинари, од кои дел исто така беа напаѓани.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Шатори пред Собранието
Припадници на движењето „За заедничка Македонија“, кое ги предводи демонстрациите, кои синоќа прераснаа во безредија и насилство, поставија шатори пред Собранието и најавија дека ќе останат таму „колку што е потребно“, за да ја „одбранат Македонија“.