Судење на Жак Ширак
7 март 2011
Според обвинувањата, Жак Ширак злоупотребувал јавни фондови, а обвинет е и за злоупотреба на доверба и илегален профит, поради 28 лажни вработувања во администрацијата на градот Париз, додека беше негов градоначалник во 90-тите години на минатиот век. Овие вработени лица, кои бИЛЕ на платната листа на градот Париз, всушност работеЛЕ за политичката партија РПР, создадена од Жак Ширак, која сега го носи името на владејачката УМП.
Ширак не е сам на обвинителната клупа
Заедно со Ширак се обвинети уште девет други лица, но неговата биографија е таа која го прави судењето посебно. Жак Ширак бил пет пати министер, два пати премиер и два пати претседател на Франција, што е невообичаено за еден обвинет. Ова судење треба да ја заклучи судската одисеја која трае цели 15 години, за време на кои беа направени сите можни правосудни постапки за таа да не се одржи.
Но, од судењето на Ширак, кое започна попладнево, извесен е само почетокот, бидејќи е можно еден од адвокатите на обвинетите во последен момент да постави процедурално прашање. Ско судијата одлучи да го проследи прашањето до Уставниот совет, тоа ќе значи ново одлагање на расправата. Имено, адвокатот на поранешниот шеф на кабинетот на Жак Ширак, Реми Шардон, поставува процедурално прашање во однос на застареноста на делото, односно истрагата започнува да се води три години по стореното дело.
Втората непозната е здравствената состојба на поранешниот претседател, околу која во последно време се слушнаа разни гласини, иако Ширак од негова страна најави дека ќе биде присутен на судењето. Се очекува тој да се појави во судницата утре (08.03).
Воздржаност во однос на судскиот процес
Француската политика, со исклучок на крајните политички формации, без оглед на партиската припадност гледа со воздржаност на судењето на 78-годишниот Жак Ширак. Градот Париз ја повлече тужбата против својот поранешен градоначалник, откако тој постигна договор да ги врати околу 2,2 милиони евра колку што беа злоупотребени од лажните вработувања. Од нив лично Жак Ширак ќе треба да врати околу 500.000 евра, додека остатокот ќе го враќа партијата УМП. Ова во момент кога се‘ повеќе се зборува за нови финансиски афери во федерацијата на француските социјалисти, во регионот околу Марсеј. Очигледно е дека политичката корупција во моментов не е во мода кај класичните политички партии во Франција.
Денешното судење е можно бидејќи тужбата ја задржа здружението на граѓани за борба против корупцијата „Антикор“, кое ги брани интересите на даночните обврзници.
Според едно испитување на јавното мислење, три четвртини од Французите (71%) сметаат дека е нормално што поранешниот претседател ќе биде суден, иако дури 77% од испитаните имаат добри спомени од нивниот поранешен претседател.
Жак Ширак ризикува максимално десет години затворска казна и 150.000 евра парична казна. Но, ако Ширак биде прогласен за виновен , најверојатно казната ќе биде условна.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска