Судири и немири во Стокхолм во текот на ноќта
21 февруари 2017До судирите дошло откако полицијата уапсила едно лице во подземната железничка станица. Полицијата употребила пиштоли за да се одбрани од демонстрантите кои ги нападнале со камења во северното предградие Ринкеби.
Околу 80 проценти од жителите на Ринкеби се имигранти, а невработеноста е висока. Полицијата често е мета на критики поради остриот однос кон тамошните жители.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Ларс Бистром денеска изјави дека никој не бил погоден по истрелите со огнено оружје, но инцидентот наведува на тоа дека полицајците „биле втерани во ќош“. Подоцна, и други полицајци испратени во населбата биле нападнати со камења.
Демонстрантите запалиле најмалку 10 автомобили и уништиле и ограбиле повеќе продавници. Еден сопственик на продавница се здобил со тешки повреди откако се обидел да си го заштити имотот.
Полицијата тврди дека успеала да воспостави ред по полноќ. Три лица се евидентирани како повредени, од кои еден полицаец.
Никој не бил уапсен, но полицијата ги анализира снимките од безбедносните камери со цел да ги открие напаѓачите.
Американскиот претседател Доналд Трамп предизвика бура од реакции ширум светот откако за време на викендот говореше за терористички напад во Шведска кој, всушност никогаш не се случил. Неговата изјава предизвика серија подбивни коментари и видеа во кои се исмеваше Трамп. Подоцна, Трамп се правдаше дека всушност мислел на телевизиски извештај во кој се говори за проблемите со мигрантите во Шведска. Вчера, Трамп прејде во „офанзива“ обвинувајќи ги мејнстрим медиумите на Твитер дека ја разубавуваат реалноста во Шведска.
Реагираше и шведскиот премиер Штефан Лофвен кој рече дека е изненаден од коментарите на Трамп.