1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судири на демонстрациите во Пакистан

ЖА/дв/дпа/афп/ртре15 август 2014

Десетици илјади Пакистанци демонстрираат против владата во Исламабад. Тие го обвинуваат премиерот Наваз Шариф за изборна измама. Во меѓувреме дојде и до судири по нападот врз опозицискиот лидер Имран Кан.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Денеска во Пакистан избувнаа улични безредија и судири по нападот врз конвој со возила со антивладини демонстранти, предводени од лидерот на партијата ПТИ, Имран Кан, кои одеа на протест во главниот пакистански град Исламабад. Инцидентот се случил во градот Гуџравала, каде претходно Кан (на насловната фотографија со микрофон во раката) одржа говор на еден импровизиран митинг и притоа ја пофали издржливоста и силна волја на своите поддржувачи кои патуваат со него.

Според соопштението на партијата, конвојот бил засипан со камења од поголема група луѓе, на што возвратиле приврзениците на Кан. ПТИ тврди и дека биле истрелани неколку куршуми кон возилото на Кан, но тој останал неповреден. Полицијата ги отфрли овие информации како лажни. На овој протестен конвој кон пакистанскиот главен град, Кан патува во посебно уредена кабина која е направена од материјали отпорни на куршуми.

Во исто време, свој антивладин конвој на пат за Исламабад организира и верскиот лидер Тахрул Кадри, кој е остар критичар на владината политика. Масовните протести претставуваат досега најголем предизвик за премиерот Наваз Шараф, откако тој минатата година беше избран на оваа функција.

Кан и Кадри го обвинуваат Шариф за лажирање на изборите во мај, барајќи негова оставка и одржување предвремени нови избори. По нападот во Гуџравала, Кан на својот Фејсбук за инцидентот ги обвини приврзениците на партијата на премиерот Шараф, но владата ги отфрли таквите обвинувања.

Имран Кан е поранешен играч на крикет кој беше многу популарен во својата земја. Тој едно време живееше во Лондон каде се ожени со ќерката на богат Британец, но по разводот се врати во Пакистан и се посвети на политиката.

Владата ја обвинува опозицијата за намера преку употреба на сила да ја освои власта во Пакистан. Критичарите ги обвинуваат Кан и Кадри дека со нивните тврдења за фалсификувани избори и‘ одат во прилог на моќната војска. Односите меѓу владата и армијата се затегнати. Армиското раководство е против политиката на Шариф на приближување кон соседот-ривал-Индија.

Разлики меѓу владата и војската постојат и во поглед на политиката кон Авганистан и третманот на поранешниот екс-воен и државен шеф, Первез Мушараф. Армијата го сомничи Шариф за јакнење на нејзините критичари од редовите на организациите за човекови права и обид за ограничување на моќта на генералите, тврдат аналитичарите. Некои од нив дури зборуваат за почеток на револуција против избраната цивилна влада. Во 67-годишната историја на Пакистан досега трипати бил извршен пуч.

Пакистанскиот премиер во вторникот вечерта најави судска проверка на обвинувањата за лажирани избори.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми