1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Судирот помеѓу Грција и Турција не е нерешлив

16 септември 2020

Тензиите помеѓу Анкара и Атина полека се смируваат. Конфликтот е длабоко вкоренет во културите на двете земји, но луѓето имаат поинакви грижи.

Griechenland |  Insel Kastellorizo
Грчкиот остров Кастелоризо, во позадина турскиот брегФотографија: picture-alliance/dpa/R. Hackenberg

Кога од пред својот ресторан погледнува кон исток, Цикос гледа директно кон турското копно. Неговиот остров, грчкиот Кастелоризо, заедно со брегот пред турскиот град Кас гради еден вид отворен залив. Најблиско грчко место е главниот град на островот Родос, кој е оддалечен четири часа возење со брод. Поради тоа, 150-те жители на Кастелоризо купуваат кај турските соседи, или едноставно одат на кафе во соседната земја. Таму Цикос ја запознал и својата сопруга. Се венчале во Турција. Налето заеднички го водат ресторанот во Кастелоризо, а назима се во Кас. „Ова е прв брак со лице од соседната земја“, објаснува Цикос.

Недалеку од островот на Цикос, до пред неколку дена крстосуваше турскиот истражувачки брод Оруч Реис, придружуван од турски воени бродови, кои пак беа следени од бродови на грчката морнарица. Пред неколку недели дојде до судар помеѓу два брода, или „жежок инцидент“ како што тоа го нарекоа грчките медиуми. Атина и Анкара се обвинуваат меѓусебно за сударот. Луѓето во Кастелоризо стравуваат токму од вакви судари. Никој овде не сака војна со другата страна. „Ние сме пријатели и како фамилија“, објаснува Цикос.

На тензиите со Турција се навикнати одамна. Годинава е полошо од вообичаено, но вистинскиот проблем лежи пред се‘ во пандемијата: „Пред Ковид, имавме интензивни односи. Секојдневно бродови одеа за Кас, а луѓето од Кас доаѓаа кај нас. Општо, може да се каже дека имаме слични ставови за работите. Нас, луѓето, не не’ дели ништо“, вели Цикос.

Цикос: Луѓето не ги дели ништоФотографија: DW/F. Schmitz

Медиумска ескалација

Затоа, меѓу другото, многу луѓе на Кастелоризо се лутат поради начинот на којшто конфликтот се „пумпа“ во медиумите. Секоја земја има свој однос со медиумите, вели Цикос. Турската страна е можеби малку поагресивна, но и грчките медиуми не придонесуваат за деескалација, напротив: „Една телевизија снимаше како се разминуваат еден грчки и еден турски брод, и тоа го опиша како за влакно избегнат судар. Такво нешто воопшто не се случи“, вели Цакос.

Никој на островот не се сомнева дека постои конфликт. Луѓето во Кастелоризо и во Кас со тоа живеат отсекогаш, без притоа да бидат непријателски расположени едни кон други. Медиумското претерување од двете страни има малку заедничко со реалноста на овие луѓе: „Она што го гледаме на телевизија, не е точно“, вели сопственичката на ресторан Ниста Конту. Короната и’ ја донесла најлошата сезона во последните години. Тоа што медиумите сега уште шират и страв, е причина за уште поголемо намалување на бројот на гостите. „Нашиот остров е безбеден“, уверува таа.

Повеќе:

ЕУ подготвува санкции против Турција поради спорот во Средоземно Море

И Грција и Турција ќе мора да попуштат во Медитеранот

Судирот меѓу Турција и Грција и новата реалност во Средоземјето

Повеќе политика отколку правен спор

Грција била дел од Османлиското царство речиси 500 години. Создавањето на денешна Турција и на хеленистичката република бил процес на крвави борби, со многу загуби на двете страни. Ривалството со источниот сосед, старото непријателство помеѓу православните Грци и муслиманска Турција, е цврсто вкоренето во главите на луѓето, а за тоа свој придонес има и училишното образование. Денешните граници се дефинирани во најголем дел дури со договорот од Лозана од 1923 година.

Турскиот истражувачки брод Оруч Реис, придружуван од турски воени бродовиФотографија: picture-alliance/abaca/Turkish Naval Forces

Александрос Сарис, роден во Атина, предава меѓународно право на Универзитетот Амстердам. Негово тежиште - поморското право. Тој со загриженост гледа преку источните граници на неговата татковина: „Ердоган зборува за граници на своето срце. Но, тоа нема ништо со вистинските граници. Сметам дека тој мисли на границите на Османлиското царство.“

И додека реториката на турскиот претседател експандира, економијата енормно слабее. Курсот на турската лира е лош. Дали евентуален воен конфликт би дошол во вистинско време? „Ако не се лажам, една теорија вели дека економијата не почива на мир, туку на војна. Можеби сите овие воени игри се обид да се добие барем економската војна“, нагаѓа Сарис.

Ова не е нерешлива загатка

Како експерт за поморско право Александрос Сарис на турско-грчкиот конфликт не гледа многу како на правен проблем: „Поморското право е еден аспект на меѓународното право кој остава најмалку простор за загатки... Има малку сиви зони, а најголемиот дел од нив се однесуваат на она што се случува подалеку од 200 морски милји.“ Конфликтот во Егејот не е правен новитет: „Што и да се случува таму, за такво нешто веќе имало решение на друго место.“

Се’ е прашање на преговори, смета Сарис. За тие да завршат успешно, двете страни би морале да постигнат согласност околу правните рамки. Сарис не би бил зачуден доколку преговорите помеѓу двете земји, и покрај актуелната ситуација, започнат наскоро: „Тензии пред преговори имало често во историјата.“

И луѓето на Кастелоризо посакуваат завршување на конфликтот помеѓу Анкара и Атина. Ним им е потребна помош за повторно да застанат на нозе по корона-летото. Дополнителни проблеми со воени „борби на петли“ навистина не им се потребни.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми