Дали Заев „ќе го признае овој суд“?
1 јули 2015 Денеска (1.07) пред македонската јавност ќе го соопштам својот став за одлуката на судот, најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако вчера Кривичниот суд го прифати обвинителниот акт против него за случајот „Пуч“ и ги отфрли приговорите на одбраната. Ваквата одлука на судот беше соопштена еден ден пред закажаната јавна расправа за оценка на обвинителниот акт за предметот во кој Заев е обвинет за примање поткуп од струмички бизнисмен.
Лидерот на СДСМ, кој интензивно учествува на лидерските и консултативни средби од кои треба да произлезе договор за излез од кризата, веќе неколку месеци има други неодложни маршрути кои водат исклучиво кон две дестинации: судот во Скопје и судот во Струмица. Тој е четвртообвинет во случајот „Пуч“ и се товари за насилство кон високи државни функционери. Еден од тие функционери е премиерот Никола Груевски, кој лично го пријавил Заев во МВР за „делото“ и ќе биде клучен сведок во процесот. Во меѓувреме заедно со Заев преговара за решение за излез од кризата.
Очекувана одлука!
Правни експерти со кои разговараше Дојче веле, во ваквата одлука на судот ги препознаваат сите „симптоми и болести“, поради кои и досега од релевантни меѓународни организации судството беше оценето како високо зависно и политички контролирано.
„За познавачите на домашните прилики во правосудството, одлуката на судот е очекувана“, вели Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет на УКИМ.
„Во практика, при контрола на обвинението, судот извонредно ретко му опонира на јавното обвинителство, со што потфрла во, со уставот и законот доверената функција, на заштитник од неосновани кривични прогони. Второ, на сите им е јасно дека во случајот постои огромен притисок врз судот и обвинителството. Тоа е констатирано во сите релевантни домашни и странски извештаи, од кои последните се на експертската група на ЕК предводена од Прибе и на Стејт Департментот. Но, во секое зло има и нешто добро, вели народот. Можеби е добро тоа што јасно се гледа дека нема никакви надежи со оваа влада да се надмине правната и политичката криза, со некаков ургентен акциски план или нешто слично. Да не се лажеме - на сите им е јасно дека се работи за политички монтиран процес“, вели Калајџиев.
Според него, обвиненијата се на стаклени нозе.
„Токму извештајот на Прибе е сосема спротивен од тврдењата на полицијата и на обвинителството во однос на тоа кој ги вршел масовните прислушувања. Но од друга страна, судењето ќе има позитивен ефект бидејќи може да придонесе вистината полесно да излезе на виделина. Ова, се разбира, под услов судењето да биде јавно и со можност ефикасно да се тестира веродостојноста на предложените докази. Ако пак имаме судење како оние на Љубе Бошковски, со исклучување на јавноста, со анонимни сведоци и слични интриги, ќе знаеме дека процесот е монтиран и за тоа еден ден некој ќе треба да одговара. За обвинението за 'присилба' ќе повторам дека е срамно и дека за тоа некој исто така еден ден ќе треба да одговара“, смета Калајџиев.
Контра препораките на Прибе
Како што вчера беше соопштено, Советот за оценка на обвинителниот акт по детална анализа на сите приговори поднесени од страна на одбраната и ценење на доказите врз кои се заснова обвинителниот акт, донел одлука со која обвинителниот акт се одобрува во целост, а приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани.
„Воедно, Советот имал предвид и дека одбраната поднесе обемна листа на докази, а усното образложение на приговорите претставува и делумна одбрана на обвинетите, што за советот претставува уште еден аргумент во прилог на одлуката да се закаже јавна, главна и усна расправа на која во контрадикторна постапка ќе се решаваат прашања што се предмет на испитување и оцена на главна расправа“, објаснија од судот.
Д-р Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнел – Македонија, вели дека ваквата одлука покажува дека судството и обвинителство и понатаму се решени да ја продолжат практиката на работење спротивно на сите домашни и меѓународни практики, вклучително и на практиката на Европскиот суд за човекови права, која е дел од македонското законодавство.
„Оваа судска одлука е донесена во услови кога на 24 јуни Парламентарното собрание на Советот на Европа донесе резолуција со која се повикува на заштита на пријавувачите (whistleblowers) вклучително и оние кои работат во секторот за национална безбедност. Дебатата и гласањето покажаа силна поддршка за заштита на пријавувачите како механизам за антикорупција и демократска одговорност. ПС ја нагласи важноста на пресудите од Судот за човекови права кои го нагласуваат правото за слобода на говор и заштита на пријавувачите, вклучително и на оние кои работат во разузнавачките служби. Во овој контекст и експертскиот извештај на Прибе искажа загриженост поради непостоењето на оценката на јавниот интерес која треба да биде основа за продолжување на криминална истрага, дури и во случаите кога постои спогодување, како што беше тоа во случајот на Звонко Костовски, осуден во случајот 'Пуч'“, укажува Тасева.
Токму во услови кога излезот од политичката и институционалната криза се структурира околу потребата за системски реформи на основа на препораките од извештајот на Прибе, македонскиот суд донесе одлука во целост да го прифати обвинителниот акт за случајот „Пуч“.
„Оваа одлука е уште една потврда на недостигот од капацитет на обвинителството и на судството да делуваат независно и да избегнат создавање на впечаток за селективност во постапувањето, особено кога станува збор за случаи за кои се смета дека имаат политичка димензија. Оваа одлука, секако дека може да има влијание и на политичките случувања, затоа што случајот има тенденција да се одвива бргу, без доволно докази и без проценка на јавниот интерес, а со сериозна закана од казна за лидерот на опозицијата Зоран Заев. Тоа едновремено е и недостиг на општествена одговорност од страна на судот како уставно независна власт, кој со оваа издвоена и селективна одлука отворено се вклучува во политичката криза“, вели Тасева.
Точка од која нема враќање
Во предметот „Пуч“ четвртообвинет е Зоран Заев, а првообвинет поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски. Обвинети се и сопругата на Верушевски, Бранко Палифров вработен во општина Струмица и Ѓорѓи Лазаревски поранешен вработен во МВР. Се товарат за шпионажа, неовластено снимање и насилство кон високи државни функцинери.
Одбраната на Заев очекуваше враќање на предметот во фаза на истрага, бидејќи како доказен материјал биле користени снимки кои пртеходно беа објавени на Јутјуб, а биле прибрани со користење посебни истражни мерки. Исто така, кај кривичното дело „шпионажа„ во описот од обвинението недостигало прецизирање на „странската држава, организација или лицето кое им служи...“ за која наводно биле прибирани податоците. Генерално, ставот на одбраната беше дека „обвинението е една целосно неиздржана правно-политичка конструкција, на која не смее да и‘ се дозволи да влезе до судница“.
Сега, одобреното влегување на предметот „Пуч“ во судница, според аналитичари, може да се претвори во точка, по која веќе ќе биде невозможно враќањето назад: не само што одлуката ќе го потврди сомнежот во можноста судството некогаш да биде поставено на независни основи, туку може да ја обесхрабри опозицијата за потребата од натамошно учество во финалните преговори. Ставот на Заев денеска ќе навести во која насока ќе се одвиваат процесите.