1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судски процес во Минхен против агенти на југословенската тајна служба

Франк Хофман / Елизабета М. Фиданоска17 октомври 2014

Хрватите Здравко Мустач и Јосип Перковиќ, двајцата поранешни агенти на југословенската тајна служба УДБА, од денеска (17.10) се пред суд во Минхен.

Mord in Titos Namen – Geheime Killerkommandos in Deutschland – Fahndung Perkovic Mustac
Фотографија: BR/DW

Поранешните агенти Јосип Перковиќ и Здравко Мустач се обвинети за соучество во убиството на Хрватот во егзил Стјепан Ѓурековиќ, извршено во 1983 година во Волфратсхаузен кај Минхен. Предвидено е судскиот процес да има 50 рочишта. Пресудата најверојатно ќе биде донесена дури на крајот на 2015 година.

Според досегашните информации, обвинението се темели врз двајца главни сведоци. Сепак, процесот би можел да биде пример за расчистување на најмалку 29 убиства извршени во Германија од страна на југословенската тајна служба.

Во историјата на европското право досега немало ваков пример. Во судот во Минхен се одржува процес за двајца поранешни офицери во тајната служба на една земја која веќе ја нема - Југославија. Мустач и Перковиќ се првите обвинети кои се испорачани од Хрватска во Германија врз основа на Европскиот налог за апсење.

Хрватска долго време се противеше на испораката. Само три дена пред земјата да стане членка на ЕУ, хрватскиот парламент донесе закон со кој испораката во ЕУ требаше да се ограничи само за случаи од 2002 година наваму. И тоа беше ново за Европа - една земја кандидат краткорочно ги менува правилата на игра за кои дала согласност во текот на осумте долги години процес на приклучување.

Внатрешнополитички, социјал-либералната влада во Хрватска го бранеше законот со националистичко-популистички аргументи - требаше да се спречат испораки на воени злосторници од војните во 1990-тите. Во суштина, меѓутоа, стануваше збор за поранешни агенти кои кон крајот на 1980-тите застанале на страната која се борела за независност на Хрватска. Вертикапи какви што имаше насекаде во поранешните социјалистички држави од централна и источна Европа.

Испреплетеност

Во периодот од 1967 до 1989 година, Југославија дала наредба за убиство на најмалку 29 противници на режимот кои се наоѓале во Германија. Во случајот на Мустач и Перковиќ, налозите за апсење што ги издаде Германија, имаат основа. Она што е пикантно е фактот дека синот на Перковиќ, Саша, до денес работи како советник за безбедност на хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ. Тој е социјалдемократ со висок углед во ЕУ и кај групите за човекови права во ЈИЕ. Но семејството на Јосиповиќ и неговиот политички темел се тесно испреплетени со структури од поранешна социјалистичка Југославија. Тоа во најмладата членка на ЕУ, како што се чини, го спречува расчистувањето на злосторствата од југлосвенското време.

Соработниците на тајната југословенска служба, по распадот на државата, се разделија меѓу себе исто како државите наследници на СФРЈ. А уште до крајот на 1980-тите заеднички го славеа заминувањето во пензија на двајца агенти кои учествуваа во „борбата против непријателската емиграција“. Во централата на тајната служба во Белград прославуваа и две лица по кои германското обвинителство трага до денес - Иван Ласиќ и Станко Ц.

Тајните агенти на коктел по повод пензионирањето на двајца свои колеги на крајот на 1980-тите - втор од лево кон десно Перковиќ, до него Ласиќ, Станко Ц. и на крајот СпасиќФотографија: BR/DW

Централна фигура

Во документарниот филм „Убиство во Титово име“, продуциран од Дојче веле (ДВ) и Баварската телевизија (БР), репортерите му дојдоа на трагата на Иван Ласиќ во Босна и Херцеговина. Станко Ц. денес живее во белградската населба Нов Белград. Дојче веле во текот на изминатата пролет телефонски побара интервју со поранешниот офицер во тајната служба, но попусто. Агентот од централата на тајната служба не сакаше да зборува. За многу жртви тој е централна фигура за убиствата во Германија во текот на 80-тите години на минатиот век.

Но во документарниот филм „Убиство во Титово име“ има лице кое зборува. Тоа е поранешниот агент Божидар Спасиќ, кој во жаргонот на агентите бил надлежен за „психолошко подривање“. Спасиќ отворено признава дека југословенската тајна служба им давала налог на криминалци да ги спроведуваат „операциите“, односно убиствата во Сојузна Република Германија.

Жртвата и заднината на убиството

На судскиот процес во Минхен станува збор за убиството на Хрватот во егзил Стјепан Ѓурековиќ, извршено во 1983 година во Волфратсхаузен кај Минхен. Ѓурековиќ важел за добар познавач на состојбите во Југославија, човек кој доаѓал од срцето на југословенкиот самоуправен социјализам. Пред да избега во Германија во 1982 година, тој бил директор на одделот за маркетинг на нафтениот концерн ИНА. Синиша Павловиќ, адвокат на сопругата на Ѓурековиќ, вели дека тој веројатно знаел премногу за коруптивните структури на југословенскиот систем. Менаџерот има напишано критички текстови и книги за социјалистичкиот режим, кои ги објавил дури откако избегал во Германија. Инаку, сопругата на Ѓурековиќ, Гизела, е котужител во процесот кој денеска почнува во Минхен.

Стјепан Ѓурековиќ е убиен во 1983 годинаФотографија: DW

Вистинските мотиви за убиството се предмет на шпекулации до денес. При носењето на првата пресуда против југословенскиот кодош Крунослав П. во 2008 година, судот во Минхен поаѓаше од тоа дека Стјепан Ѓурековиќ сакал да објави информации за корупциски скандал кој допирал до врвот на југословенската држава. Но, како што покажува документарниот филм на ДВ и БР, можно е и Ѓурековиќ да се нашол во визир на убијците поради својата соработка со германската тајна служба БНД.

Она што е неспорно е фактот дека државите наследнички на СФРЈ до денес немаат најдено издржана правна основа за постапување со старите акти на тајната служба и со тоа и за однос кон сопственото минато. Адвокатот на котужителката Гизела Ѓурековиќ нагласува дека тој сака да постигне жртвите на социјалистичка Југославија „конечно да бидат признати како жртви“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми