1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сценарија за иднината на северно Косово

12 ноември 2011

Ситуацијата во Косово не се смирува - Србите постојано подигаат барикади, кои КФОР ги растура. Дополнително заострување предизвика убиството на Србин во пресметка со Албанци, за што двете страни меѓусебно се обвинуваат.

КФОР ги расчистува српските барикади во северно КосовоФотографија: dapd

Во Косовска Митровица во средата вечерта (09.11) во престрелка беше убиен еден Србин, а двајца ранети. Полицијата го засили присуството. Но, полицијата, меѓународните трупи КФОР и мисијата на ЕУ - ЕУЛЕКС, засега немаат целосна контрола над регионот со мнозинско српско население.

Затегнатоста во северно Косово не е само политички мотивирана. Често зад неа се кријат криминалните интереси на одредени групи, смета европратеникот и експерт за Балканот, Дорис Пак:

„Тие ги блокираат патиштата, го спречуваат слободното движење на ЕУЛЕКС и КФОР и на обичните луѓе. Тоа е многу гнасна игра“.

Ваквите криминални дела на одделни Срби можат да му наштетат и на Белград, вели Пак:

„Не можам да си препоставам дека Белград има некаков интерес од односот на Србите во северно Косово. Овде не се работи за политички, туку за криминални дела, кои мора да бидат спречени. Но, косовската влада тоа не може да го направи, исто како ни КФОР, уште помалку ЕУЛЕКС, за што навистина жалам“, вели Пак.

Поделбата-единствено решение?

Аналитичарите во Приштина, сепак, мислат дека зад најновата ескалација на насилство се кријат политички калкулации на Србите и Албанците. Германските експерти го делат овој став, како на пример Душан Рељиќ од фондацијата „Наука и политика“ во Берлин:

„Веќе подолго време Србија сигнализира подготвеност за трампа: признавање на Косово како држава за добивање дел од неговата територија“, вели Рељиќ.

Тоа би можело дури да значи дека Белград не само што би ја признал независноста на Косово, туку дури и некој вид приклучување на Косово кон Албанија или некоја друга земја, ако северно Косово остане дел од Србија. „Мислам дека поделбата на Косово е најдобро решение“, вели берлинскиот експерт.

Дорис ПакФотографија: DW

Идејата за поделба на Косово или „разграничување со Албанците“ во Белград не е нова. Во последните 20 години за неа се изјаснија некои српски политичари , како и поранешниот претседател на Југославија, Добрица Ќосиќ, соборениот српски претседател Слободан Милошевиќ, дури и сегашниот српски министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.

Натамошно поместување на границите на Балканот за европратеникот Дорис Пак не доаѓа во прашање:

„Ако почнеме со тоа, нема да има крај. Границите на Балкан се повлечени и мора да се почитуваат“.

Планот за иднината на поранешната српска покраина, кој пред пет години го предложи специјалниот пратеник на ОН за Косово, Марти Ахтисари, на српското малцинство му нуди повеќе шанси. Барем во областите каде Србите се мнозинство, уверена е Пак.

Страв од домино-ефект

Поделбата на Косово би водела кон нови делби на Балканот, како во БиХ, Македонија или јужна Србија, смета Дорис Пак.

„Ако биде поделено Косово, многумина ќе речат - зошто би останале Албанците во Макеоднија? Таму Албанците се речиси една третина од населението“, вели Пак.

Душан РељиќФотографија: DW

И Албанците во јужна Србија можат да бараат поголема автономија за себе.

„Значи, може да дојде до големи поместувања, а никој нема интерес од тоа“, додава таа.

Душан Рељиќ пак, има поинакво мислење: барем во случајот со БиХ влијанието од поделбата на Косово би било минимално, зашто, Белград и Загреб веќе ставија до знаење дека го прифаќаат територијалниот интегритет на БиХ. Освен тоа, поделбата на земјата за Србија и Хрватска е економски несносливо. Освен тоа, меѓу трите тамошни народи - Срби, Хрвати и Бошњаци, се‘ уште постојат многу јазични и културни сличности.

„Односот меѓу Албанците и словенското население е поинаков, тие имаат различен идентитет, различни јазици, различна култура“, истакнува Рељиќ.

Всушност, мнозинството од Албанците би сакал да живее во заедничка земја, вели берлинскиот експерт. Тоа го потврдуваат испитувањата на јавното мислење на Галуп, според кои ваква желба имаат 80 проценти од Албанците од Косово, околу 70 проценти од Албанците од Македонија и 55 проценти од Албанците од Албанија.

„Оваа тенденција ќе биде реалност во следните пет до десет години“, проценува Душан Рељиќ.

Автор: Бахри Цани/ Ж.Ацеска

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми