1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ повеќе бегалци во светот

ЖА / агенции
19 јуни 2018

Бројот на луѓе кои бегаат поради војни, прогонувања и глад, достигна рекордно ниво - во светот има 68,5 милиони бегалци.

Bangladesch Biometrische Registrierung von Rohingya-Flüchtlinge
Фотографија: DW/M. Mostqfigur Rahman

Комесаријатот на ОН за бегалци, УНХЦР, во својот најнов извештај констатира дека петти пат по ред бројот бегалци достигнува рекорд, лани ги имало три милиони повеќе отколку во 2016. година, вкупно 68,5 милиони. Притоа, најголем е бројот на внатрешнораселените лица, околу 40 милиони, нешто помал од лани. Од оние кои бегаат преку граница, според УНЦХР, речиси 70 проценти потекнуваат од само пет земји:  Сирија,  Авганистан, Јужен Судан, Мијанмар и Сомалија. „Ако се најдат решенија за овие земји, бројките можат значително да се намалат“, истакнува високиот комесар Филипо Гранди.

Околу 85 проценти од сите бегалци живееле во држави со ниски или средни приходи по глава на жител, како Либан, Пакистан или Уганда. Главни причини за бегство се конфликти и прогони во родните земји, поради нив татковината ја напуштиле 25,4 милиони луѓе.  Германија, според податоците од УНЦХР, лани згрижила 970.400 прогонети луѓе  и се наоѓа на шесто место, зад Турција, Пакистан, Уганда, Либан и Иран. Бројот новодојдени бегалци во Германија бележи силен пад, во 2017. година во земјата влегле 186.644 баратели на азил, наспроти 280.000 во 2016. година.

Ниедна друга земја во 2017. година не примила толку многу бегалци како Турција - 3,5 милиони, воглавно од Сирија. Мерено според бројот на жители, најголем број бегалци згрижува Либан, а следат Јордан и Турција. Лани околу пет милиони луѓе кои биле во бегство решиле да се вратат назад во татковината.

Преку половина од мигрантите, 52 проценти, биле малолетни, често станува збор за деца, раздвоени од семејствата. САД, како што истакнува комесарот Гранди, со сума од 1,3 милијарди долари лани биле најголем донатор на УНХЦР, но ги редуцирале бројките за прием на иселеници-бегалци од 110.000 на 45.000.

Гранди апелира на хуманитарната одговорност на богатите држави. „Никој доброволно не станува бегалец, но ние можеме да им помогнеме на другите“, вели тој и критикува дека во ниедна конфликтна област не е на повидок некое решение. „Се наоѓаме на пресвртница. За да можеме успешно да реагираме на светските бегалски движења, потребен ни е нов и сѐопфатен ангажман, кој пооделните земји и општества нема да ги остави сами да се борат со проблемот“, потенцира високиот комесар. За неколку месеци во Генералното собрание на ОН треба да биде усвоен нов глобален пакт за бегалците.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми