Сѐ повеќе питачи по германските градови
11 септември 2015 Во секојдневниот метеж во центарот на Берлин, едно девојче подава рака кон минувачите. Само по некој од нив погледнува во нејзините црни очи, повеќето вртат глава. Девојчето со црна коса прицврстена со црвени ленти во три плетенки, не носи обувки и и’ се гледаат валканите стапала. Кога ќе се умори, се враќа во скутот на својата мајка, која седи на влезот од метро на берлинската станица „Кудам“. Така мајката и ќерката заедно питачат, но едвај и по некоја паричка стигнува до нивните раце.
Последниве месеци, германските градови се преполни со такви мајки со деца и најчесто тоа се Роми. Просат пред стоковни куќи и бутици, туристички знаменитости и цркви. Децата некаде се сами: така и во центарот на Берлин гледаме две момчиња со една виолина. Постариот брат свири, а помалиот со хартиена чаша во рака, проси од минувачите.
„Тоа е горлив проблем“, објаснува Бернд Кремер, берлински сенатор за внатрешни работи. Тој ги обвинува семејствата на тие деца и вели дека тоа е нивна тактика за да соберат повеќе пари: „Повеќе ќе се сожалите кога ќе видите дете“, објаснува политичарот од редот на Христијанските демократи (ЦДУ). Затоа, децата се поефикасни питачи од возрасните.
Полицијата е практично немоќна
Свирење на некој инструмент е, исто така, стар трик: тешко може да се каже каква е воопшто таа музика која произлегува од истрошена хармоника, виолина или тапани од невешти детски раце. Но, најважно е да разбудите внимание макар и со цвилење на виолина и неповрзани акорди на хармоника. Полицијата тука едвај може нешто да направи. Ако постои сомнеж дека детето е занемарено, тогаш Канцеларијата за млади може да го смести во дом. Но, ако децата само „прават друштво“ на возрасните, тогаш не им можат ништо, објаснува Хериберт Бит од канцеларија на градот Келн. Смее да се интервенира само ако е загрозено здравјето или благосостојбата на детето, на пример ако го влечат по улиците доцна во ноќта или ако тоа мора со часови да питачи на топлото сонце.
„Тие деца просат додека другите седат на училиште“, се жали Кремер, берлински политичар. Тие се искористуваат, инструментализираат и злоупотребуваат и затоа Берлин сака да забрани питачење на малолетници. Иако таа иницијатива во Берлин во јули крена прашина, такво правило веќе постои во градови, како што се Бремен или Минхен.
Дополнителен политички срам е тоа што многу од тие питачи се Роми. Затоа и Весна Ловриц од организацијата „ИниРомња“ тврди: „Тоа не е заштита за децата, туку криминализација на родители и деца, кои веќе се на дното на општеството.“ Таа, исто така, тврди дека особено жените кои просат ја имаат „само таа работа на улицата“ за да го прехранат семејството. Затоа реакцијата на таква беда со дисциплински мерки наместо со хуманитарна помош „не е вистинскиот пат, ниту политички, ниту човечки“, констатира Ловриц.
Жртви и туѓинци и „свои“
Проблемот со просење во многу кругови лесно прераснува во расизам и омраза кон припадниците на ромското малцинство. Многу од тие просјаци се дојденци, пред се’ од Романија и Бугарија и само мал број од нив учат по нешто од германски јазик. Но, наместо да се расправа за нивната националност, треба да се има предвид дека тие се многу сиромашни, кои ги искористуваат сите, па дури и „нивните“. Во градовите им се бара безобразно висока „кирија“ во претрпани станови со најчесто катастрофални хигиенски услови. Така за сместување во рушевини на места каде што во Берлин се гради обиколница, мораат да плаќаат и по 100 евра - за смрдлив душек во некој ќош.
„Организаторите“ на такви преноќевалишта најчесто се поврзани со криминал, а по националност се и Германци, но има и други доселеници - па и самите Роми кои се на „висока позиција“ во племенска или роднинска хиерархија. На полицијата речиси никогаш не и’ успева да допре до таква организација, не само поради меѓусебната лојалност и јазикот, туку и поради екстремна мобилност на членовите на тие банди: ако германската полиција почне да се интересира за некој од нив, тие лесно продолжуваат со својата „кариера“ во Белгија, Франција или Шведска - и истрагата започнува од почеток.
Бедници на улиците на тој начин стануваат жртви буквално на сите и навистина изгледа како никој да не го интересира нивната судбина. Во берлинската населба Нојкелн, каде што повеќето населени се дојденци, во 2013 година во тамошното училиште се запишани речиси 200 деца од Романија и Бугарија. Од тие земји, всушност, пристигнале повеќе од 190.000 доселеници, а меѓу нив поголема е бројката на ромското малцинство. Меѓу нивните деца има околу 40 отсто кои се на училишна возраст.
Во секој случај, тие деца во берлинските училишта пополниле цели одделенија, т.н „одделенија на добредојдени“, како што ги нарекуваат таму. Во помалите групи најпрвин се учи јазикот на земјата во која се наоѓаат, а градските власти на Берлин тој проект го сметаат за огромен успех.
Но, недалеку од тие училишта се деца, кои и понатаму, парталави и боси, со подадени раце ги обиколуваат минувачите. Училиштето ништо не им’ помогнало, а поголемо прашање е дали нешто ќе помогне и казната која се подготвува за родителите. Казната треба да изнесува 500 евра, но тешко е дека некоја мајка која, исто така, питачи ќе може тоа да го плати. А сиромаштијата не може да се забрани.