Сѐ поголем број натурализирани Германци со два пасошa
ЖА / агенции
10 август 2018
Исклучоците за ЕУ-граѓаните и бегалците во последните години доведоа до тоа зголемен број луѓе по стекнувањето со германско државјанство, да го задржуваат и својот стар пасош.
Реклама
Шест од десет луѓе кои се стекнуваат со германско државјанство во последниве години го задржуваат и своето претходно државјанство, според Сојузната служба за статистика. Ниеден Сириец, Авганистанец, Мароканец или Нигериец лани не се откажал од старото државјанство, пишува весникот „Ди велт“ во денешното издание, повикувајќи се на статистичката служба. Според овие податоци, 68.918 од вкупно 112.211 натурализирани Германци, си го зачувале својот претходен пасош, а уделот на двојно државјанство никогаш досега не доживеал толкав пораст.
Добивањето германско државјанство претставува чин со трајни последици, тоа останува доживотно, луѓето на таков начин веќе немаат статус на странци, без оглед дали егзистира и нивното претходно државјанство. Во Германија постојат исклучоци при натурализирањето на граѓани од ЕУ-државите. За разлика од другите, тие имаат право на двојно државјанство, што лани го искористиле 99 проценти од речиси 39.000 „новопечени“ Германци. Освен тоа, не се бара отпис од претходното државјанство и за лицата кои стекнале статус на азиланти и оние на кои им е признат статус на бегалци, како што истакнува Сојузната централа за политичко образование, врз основа на регулативата добиена од Министерството за внатрешни работи.
Зе темата двојно или мулти-државјанство во Германија често интензивно се дискутира. Противниците сметаат дека оние кои поседуваат два пасоша, подлежат на конфликт на лојалност. Понатаму, тие тврдат дека двојното државјанство ја поткопува интеграцијата во земјата, зашто ги спречува доселениците целосно да се адаптираат во новата татковина. Заговорниците на двојното државјанство имаат сосема спротивна аргументација: двојните врски, според нив, ја засилуваат интеграцијата, тоа служи како средство за зголемување на бројот на нови државјани во Германија. Последново добива потврда и со резултатите на истражувањата на социолозите: обврската за откажување од претходното државјанство долго се смета како пречка за барање германско државјанство.
Од 2014. година е воведена значајна измена: дотогаш децата родени во Германија, кои го „наследиле“ државјанството на родителите-странци, мораа да се одлучат за еден пасош со наполнувањето 18 години. Оваа опција во 2014. година беше укината, ако децата израснале во Германија. Во оваа година бројот на нови државјани кои го задржале стариот пасош порасна за четири проценти.
Околу 4,3 милиони Германци имаат најмалку уште едно државјанство. Иако најчесто во фокусот на јавноста се наоѓаат германските Турци, тие се трета по големина група со двојно државјанство со 530.000 лица со два пасоша. На прво место се Полјаците - 690.000 и околу 570.000 германско-руски државјани.
Девет нешта во Германија кои на странците им се чудни
Она што на Германците им е целосно нормално, на некои странци им претставува културен шок. Претставуваме неколку типични примери на однесување и навики, кои во други земји не се баш вообичаени.
Фотографија: Colourbox
Гласно чистење на носот
Не само кога се сами дома, туку и во јавност или дури и во ресторани Германците го чистат носот- како воопшто да не им е гајле кога тоа го прават гласно и притоа, бескрајно долго. Во многу други земји тоа е апсолутно непристојно и потполно незамисливо.
Фотографија: Colourbox
Синхронизирани филмови и слатки пуканки
Освен во малобројни кина, филмовите се исклучиво со германски превод, наместо во оригинал, со титлови. Исто така, наместо солени постојат слатки пуканки. И не треба да се исплашите кога по рекламите повторно ќе се запали светлото и ќе се појави продавач на сладолед. Таа навика е уште од времето кога мораа да се менуваат филмските ленти.
Фотографија: Filmfest Hamburg/Cordula Kropke
Црковен данок
Воведен е уште во 1875 година, а од 1950 година директно од платата го одбива даночната управа. Осум до девет отсто од данокот на приход или добивка оди за црквата. Оној кој сака да го избегне тоа мора да излезе од црквата. Незамисливо за многу странци.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Претплата за радио и телевизија за сите
И оној кој не гледа телевизија и не слуша радио, мора месечно да плаќа претплата за радио и телевизија. Таа се наплаќа по домаќинство, без оглед дали таму има еден или повеќе уреди. Од плаќањето на претплатата можат да бидат ослободени само граѓаните со минимални примања.
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Schlesinger
Во недела е сѐ затворено
Под притисок на црквата и синдикатите, во недела и за празници сите продавници мора да бидат затворени. Тој ден треба да му биде посветен на семејството и слободното време. Само пекарите се отворени претпладне, бидејќи слободен ден без лепчиња, сепак, не може да се замисли.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst
Туш без ѕидна шипка
Само во модерните бањи тушевите се закачени на шипка или на плафон. Но честопати, рачката од тушот мора да се држи в раце. Германците не сакаат долго туширање. Уверени се дека тоа е расфрлање со вода и дека не е здраво за кожата.
Фотографија: Fotolia/gradt
Благ ручек
Во повеќето земји за ручек дома, во кантините или во рестораните се сервираат обилни солени оброци. Десертот доаѓа на крај. Но во Германија за ручек се сервираат и пржени рендани компири со пире од јаболка, царски омлет или благи кнедли. Тоа особено го сакаат децата!
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Thieme
Турканици во супермаркетите
Оној кој во супермаркет ќе дојде на идеја да плаќа со ситни пари, мора да има силни нерви. Редот зад него може да стане доста долг и нетрпелив. Лути погледи и дофрлувања како „Ајде веќе платете!“. Од касиер(к)ите не треба да се очекува помош, и ним им се брза исто толку како и на други купувачи.
Фотографија: Fotolia/Robert Kneschke
Пената останува
Плакнењето на садовите не се прави со одвртена славина, туку водата се запира. Испраните садови заедно со пената се ставаат на сушење. Германците така сакаат да штедат вода, што за странците е едноставно нехигиенски.