Сјајот и бедата на европскиот фудбал
21 ноември 2009
Ова е само врв на ледениот брег, вели истрагата: 200 манипулирани фудбалски натпревари во девет држави во Европа. Ако навистина станува збор само за врв на ледениот брег, под површината стојат скриени уште 90 проценти. Од тоа полазуваат студени морници по грбот. Дали непотребно вложувавме емоции во фудбалските натпревари, чии резултати биле студено калкулирани од криминалци, кои нашле волни помошници во подземјето на фудбалот?
По големиот скандал со местење натпревари во 2005 година со фудбалскиот судија Роберт Хојцер, одговорните во германскиот спорт оставија впечаток дека сега ситуацијата ја имаат под контрола. Беа воведени системи за рано предупредување за да бидат спречени можни манипулации и да се спречи предизвикување штети. Но, овие системи потфрлија, не само во Германија, туку и во цела Европа. Пазарот на облози се промени. Се вршеше врбување дури тогаш кога топката ќе се стркалаше. Овие облози во живо се речиси неможни за контрола.
Така речиси и не изненадува што биле лажирани дури и натпревари во тековната сезона во Лигата на шампиони и Купот на Европа. Во двете лиги се наоѓа најплатената европска голгетерска елита. Со овие блескави лиги европскиот фудбал се претставува во светот. Сега се лупи сјајниот слој, лакот паѓа. Се‘ уште се непредвидливи штетите за европскиот фудбал кратко пред Светското фудбалско првенство во Јужна Африка во 2010 година. Рано е за обвинувања, но едно може да се констатира: сите биле наивни. Функционерите во фудбалот, кои се опуштија по преземањето мерки. Ние медиумите, кои најчесто викавме „ура“, без да истражуваме. Навивачите, кои во време на економска и финансиска криза се самозалажуваа во постоењето здрав фудбалски свет.
Автор на коментарот: Штефан Нестлер
Превод: Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска