1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сјајот и бедата на патриотизмот

Керстен Книп/ превод:СН19 август 2016

По нападите во Германија, покраинските министри за внатрешни работи на демохристијаните денеска усвојуваат декларација во која се залагаат и за забрана на бурката. Дали земјата е подготвена за брзите демографски промени

Фотографија: picture-alliance/dpa

Еднаш, во годините по Втората светска војна, политикологот Долф Штернберг размислуваше за тоа која формула за патриотизам би била можна во Германија по нејзиниот „источен грев“. За свој одговор употреби еден единствен поим: уставен патриотизам. И предупреди оти тоа не е замена за вообичаениот национален патриотизам, туку дотолку повеќе, се заснова на сопствени темели. За него патриотизмот и Уставот се тесно поврзани.

Сувопарениот шарм на Уставот

Денес, речиси 4 децении по поимот на Штернберг кој ја обележа епохата, се поставува прашањето: колку се Германците уставни патриоти? Како тие, во време на стресот предизвикан со доселувањето, се однесуваат кон својот Устав? Мнозинството, може да се каже, го поддржува. Но јасно е и тоа дека за поголемиот број од нив Уставот не е доволен за патриотизам. Поголемиот број Германци со својата земја поврзуваат многу повеќе од тоа отколу што е само Уставот.

Причина за тоа е дека тој, како и уставите во другите земји, е од сосема апстрактна природа. Неколку листови хартија- со тоа се исцрпува неговата материјална содржина. Од него не произлегува чувствителност. Дали е можно дека на патриотизмот токму тоа му треба: чувствителност?

Максимална провокација

Тоа во моментов може да се провери. Можност за тоа нуди расправата за никабот и бурката, (муслиманските женски прекривки). Што и да се мисли за тоа парче ткаенина: тоа предизвикува чувства. Со својата одбивна форма буквално паѓа во очи. Кај поголемиот број буди не баш пријатни чувства, а најчесто е веројатно згрозување: како можат тука, во Германија, така да се појавуваат во јавност? Никабот и бурката се како створени за максимална провокација. На примерот со никабот и бурката е видливо следното: чувствата на блискост и непознато, интеграција и одбивање, се засноваат главно на лично искуство. Светот е конкретен, а човекот, таков каков што е, многу силно реагира на конкретни работи. Апстрактноста е само условно негова посилна страна. Тој со неа не се врзува, неговите вистински побуди стигнуваат по други канали. Припадноста има многу врска со афектите.

Храбар експеримент

Да се заобиколи таа поврзаност- тоа е голем експеримент во кој се впушти Германија под раководство на Ангела Меркел. Симпатизерите на овој експеримент пронаоѓаат инспирација и поттик во текстовите на угледните теоретичари на т.н. „повеќестран“, „хетероген“ или „ликвиден“ идентитет. „Ние не можеме да одбереме со кого живееме“, пишува филозофката Јудит Батлер, ѕвезда на пост-идентификациската сцена. „Ние мораме активно да го оддржуваме тој плуралистички соживот кој не е заснован на избор.“

Може да биде. Но сеедно за тоа би требало на мир да се размисли. Луѓето, во секој случај мнозинството од нив, не се само чувствителни, туку и изразено конзервативни битија. Тие го сакаат светот онаков каков што го познаваат. Додуша, подготвени се и за промени, но само во одредена мерка.

Уставни патриоти, омаловажувачи на Уставот

Во овој момент се’ се одвива брзо, многу брзо. За многумина премногу брзо. Земјата се менува во фрапирачки ритам. Од луѓето може и нешто да се бара, но не смее да се претерува. Политичките испитувања на јавното мислење покажуваат дека пребрзите промени вршат преголем притисок врз утврдената демократска култура. И затоа би требало да се забави темпото. За да не се претворат уставните патриоти во оние кои го омаловажуваат Уставот. Германците за време на национализмот докажаа дека се спосбни за оваа улога. Неопходно е значи да се намали брзината. На крајот на краиштата, тоа Германците ги штити и од нив самите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми