1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО и хистеријата во народното Собрание

Јасна Котеска24 септември 2016

Три дена македонската јавност со подзината уста ја следи работата на собраниската комисија за извештајот на СЈО за прислушуваните разговори.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Најнапред: правните факти. Според правниците, Основното јавно обвинителство уште од 2005, а цели 11 години не само што не доаѓало на собраниските седници за да даде отчет за својата годишна работа, туку во последниве години, Основното обвинителство веќе воопшто и не доставувало годишен извештај за својата работа до Собранието. Во една деценија владеење, од 2006 до 2016, ДПМНЕ успеало од земјава да направи правна пустелија, во која правните институции станале режимски декор, па повеќето народни пратеници од сегашниот состав на Парламентот ниту се сеќаваат, ниту лично учествувале во собраниски комисии на кои некогаш се разгледувала работата на Основното јавно обвинителство.

Така беше се’ до средата, 21.9.2016, кога народните претставници по цели 11 години „обвинителен мрак“, за првпат се соочија со извештај за работата на едно македонско јавно обвинителство, овојпат во форма на т.н. шестмесечен извештај на Специјалното јавно обвинителство. Формирано со посредство на меѓународната заедница за гонење на криминал содржан во прислушуваните разговори, во едногодишната работа, СЈО покрена 2 кривични обвиненија против владини функционери, едно против поранешниот премиер, отвори 4 истраги, 38 предистражни постапки, а досега сомничи вкупно 60 лица за кои има над 300 сведоци. Заради овој правен контекст, кога во средата, на 21 септември, специјалната јавна обвинителка за првпат во многу години се појави во парламентарниот дом за отчет за својата работа, македонската јавност остана нем сведок на еден специфичен тридневен просторен, ментален и културолошки феномен на хистерија!

Јасна КотескаФотографија: privat

Хистеризација

Се’ започна со „хистеризирањето“ на просторот. Уште од доцниот 18 век познато е дека најдобрата просторна архитектура за „надѕор“ е структурата на затворот Бентам, именуван според името на неговиот пронаоѓач, англискиот социолог Џереми Бентам. Нацртот на затворот на Бентам подразбирал централна позиција и прстенест распоред на „ќелиите“, а тоа освен другите работи, овозможувало и повратно набљудување на прстенестите седишта кон централната позиција, овојпат на „чуварот“ на редот. Структурата гарантирала дека секој чувар, па и најневнимателниот, е „доволно добар“, едноставно затоа што позицијатата на чувар сега е делегирана на секој еден присутен во салата. Ваков делумно „прстенест“ распоред гледавме во тридневното соочување на јавната обвинителка со пратениците на парламентарната седница. Седната во средината на просторијата, а опколена со тела кои набљудуваат, дофрлуваат, напаѓаат, викаат, етикетираат, се потсмеваат, дискредитираат, дофрлуваат, критикуваат..., специјалната обвинителка истовремено беше и епитом на мирот и „чуварот“ на редот, но и на местото што е владеено од „сегледачкото око“ на народните пратеници, кои во секој момент се обидуваат да ја дискредитираат.

Дури и да бил инцидентен, распоредот на седењето на народните пратеници околу Јанева, необично потсетува на медицинските амфитеатари на старите психоаналитичари, во кои патологиите на едно општество биле прикажувани како јавна претстава, во која размената била сместена „внатре“, во затворениот простор – како што обвинителката беше сместена помеѓу глутницата народни пратеници, кои и’ се обраќаат со чудна мешавина од иронија, патронизирање, гнев, а сепак најмногу со страв дека е инстанцата што најмногу знае. Токму затоа го видовме сиот садизам на пратениците кои зборуваат, се кикотат, вознемирени се, се удираат по челото, го разобличуваат „туѓото тело“ меѓу нив, додека обвинителката мудро го одмолче поголемиот дел од „сеансата“.

Во меѓувреме, пак, гледачите, посведочија една геометризирана птичја перспектива на мапата на собраниската седница. И додека садизмот на народните претставници беше упатен кон гледачите за стекнување симпатии, за среќа ниеден човек не стекнува симпатии преку садизам, па набрзо секому стана јасно дека пратениците се тие што се’ всушност хистеризирани.

Поради оваа хистерија, она што дотогаш беше впечаток за моќ во собраниската сала одеднаш се претвори во својата спротивност, а што во психоанализата го нарекуваме - „ротација на агентурата на моќта“! И додека за македонската правна иднина ќе биде пресудно кои од доказите на СЈО фактички ќе се потврдат на суд, а кои нема, овие три дена беа практичен доказ дека кога се случува масовно хистеризирање на политички моќници, ние всушност зборуваме за ротација на моќта! Со влезот на Јанева на собраниската седница имавме уникатната можност да видиме како би изгледало нашето општество во кое моќта ја губат силеџиите, а кога животот станува побавен и попријатен. На собраниската седница (а всушност во она што стана „судницата“ за СЈО - и тоа од страна на речиси сите народни пратеници: од целата ударна десна партија, па изненадувачки, до независните - во недостаток на подобро име - да ги наречеме центристички политички позиции) видовме што значи кога народните пратеници се соочени со тезата дека се нелегитимни.

За разлика од хистеријата на народните претставници, специјалната јавна обвинителка покажа и комоција во една фактичка Бентам садистичка просторија, но побара и три правни работи. Прво, иако врз основа на прислушуваните материјали народните пратеници од изборните циклуси од 2012 и 2014 ги прогласи за нелегитимни, од нив сеедно побара продолжување на својата работа додека не заврши гонењето на криминалот (овој парадокс, инаку, не само што не е чуден за психоанализата, туку е кодиран во самото социјално ткиво на заедниците). Второ, побара да се заштитат нејзините сведоци во истражните постапки против моќниците, преку промена на законите. И трето, побара да се почитуваат одредбите на Венецијанската комисија. Истовремено, таа нагласи дека Основниот суд Скопје 1 не дозволува да се открие кој прислушувал илјадници граѓани во тек од седум години, од 2008-2015 (тема на нашата минатонеделна колумна), а потсети и дека за својата работа ја има поддршката на поранешниот премиер, да го гони меѓу другото - и него самиот!

Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Во моментов СЈО се чини посилно од кога и да е

Одговорот на пратениците беше очекувано хистеричен. Така на пример, претседателот на собраниската комисија рече дека постои „Вмровската компонента во македонската држава“, потоа дека таа компонента се состои од „500,000 гласови, а сосе децата е 800,000 луѓе, граѓани на Република Македонија.“ Координаторот на Партијата ја дезавуираше идејата за продолжување на мандатот на СЈО. Еден пратеник од ДПМНЕ на специјалната обвинителка и’ објасни што се’ е нејзина должност: „Вие треба да знаете, без разлика дали ви се допаѓа или не ви се допаѓа, дека имате одредени обврски кои треба да ги испочитувате. Прво треба да сте присутни тука...“. Секако, сите овие работи, ниту тој ниту некој негов колега во сите 10 години власт на ДПМНЕ не ги беше побарал од Основното јавно обвинителство, туку пак од кој било орган од својата партија. А сепак, највосхитувачкиот момент на хистеријата не беа индивидуалните говори, туку сеопштата атмосфера на детска жовијалност и непослушност... Некои од пратениците критикуваа, други пцуеја, трети се фаќаа за главите, четврти вртеа со мобилните, некои си дошепнува иако се смртни политички непријатели според она што го знаеме... а сите заедно делуваа како извадени од ренесансна слика на војници во една земна изгубена битка. Овие војници, „фатени во кадарот“ насреде битката, а „попречени“ од некоја инстанца од „горе“ се најдоа какви што се: ранети, или такви што допрва ќе бидат ранети, фатени за рацете иако не се пријатели, со дошепнувања иако не се сакаат, а во сето тоа - шефот беше отустен, а командантот на тајните служби го нема веќе одамна, па војската де факто е оставена самата на себеси. Кога обвинителката на еден од пратениците му рече дека добро го познава неговиот глас од прислушуваните разговори, хистеријата порасна значително, не само кај водечкиот, туку кај сите политички табори.

Овие три дена стоично издржување на ваквата ренесансната слика на моќта во Република Македонија се чинат ултимативниот доказ дека Јанева има капацитет да биде обвинител во многу сложени кривични процеси во нашата држава

Доказ за тие капацитети не се телевизиските интервјуа, туку токму ова сочелување со една тешка и мрачна, речиси затвореничка Бентам структура. Затоа во моментов СЈО се чини посилно од кога и да е, и тоа - парадоксално токму заради позицијата со која Јанева дополнително се стекна оваа недела! Тоа го препознаа и граѓаните кои за в понеделник најавија граѓански собир за поддршка на СЈО. Поддршка на СЈО според анкетата на ИРИ од пролетта е 2/3 од населението во земјава. Граѓаните за в понеделник не најавија протестити на Шарената Револуција како што беа во времето на аболицијата на Иванов, туку најавија граѓански Собир, кој се чини во моментов целосно соодветствува на смиреноста што токму Јанева ја внесе во парламентарните клупи.

Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Batev

Пораз на пропагандата на Груевски

Конечно, со подемот на Јанева, во овие три дена за првпат се чини пропагандата на Груевски како да доживува фактички пораз. Овој пораз можеби не се гледа на кратки патеки, но секој кој работи со теориската психоанализата (чие десничарско, налудничаво дете е токму Бернајс пропагандата) тоа може сосема фактички да го конкретизира.

Иако во моментов е нејасно што овој пораз во пропагандата на Груевски точно би значел во правни термини, јасно е само дека појавувањето на Јанева во Собранието донесе неочекуван удар за ДПМНЕ. Додека одеше со реалните шоуа и со кратките инсерти од теренот, пропагандата на Протуѓер сепак имаше мерлив и фактички ефект кај гласачите, иако кај интелектуалците тие настапи беа само смешни. Но, смиреноста на Јанева опфаќа далеку поголема маса луѓе, а може да стане дел од сегментот кој ќе го развласти ДПМНЕ на долги патеки. Досега оваа партија играше на комбинации од три стратегии: капиталистичките, комунистичките и постсоветските тактики (за нив, некоја друга прилика). Но, без вождот, војската на ДПМНЕ овие три дена во Собранието не покажа дека е достојна самата да се носи контра-нападите, а нивната хистерија нема да донесе добро за машинерија на власта. За разлика од почетокот на неделата кога СЈО беше предмет на постмев на МРТВ, тридневниот престој на Јанева во Собранието на Република Македонија, обратно покажа дека таа има капацитет да преживее дури и синхронизиран напад од многумина, и тоа од најударните луѓе на ДПМНЕ. А тоа преживување не е мала работа.

Јасна Котеска е теоретичарка и универзитетска професорка

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми