Првата и најголема истрага на СЈО за кривичното дело „перење пари“ најверојатно нема да заврши пред судот поради процесни причини. Правни експерти тврдат дека ништо не е изгубено, бидејќи делото не застарува.
Станува збор за првата истрага на СЈО за кривичното дело „перење пари“ под името „Талир“, кое се однесува на финансирањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Во истрагата беа осомничени 14 лица, а првоосомничен беше лидерот на партијата, Никола Груевски. Според доказите до кои дошла истрагата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до 2015 година спротивно на законските одредби овозможил финансирање на партијата заради зацврстување на политичката моќ во партијата и државата. Како што соопштија од СЈО во мај годинава, истрагата за овој случај била најобемна досега: од нивна страна биле спроведени околу 1.000 процесни дејства, сослушани над 260 сведоци, доставени 230 барања за податоци од правни лица, обезбедени над 11.000 уплатници од деловните банки, како и 300 страници анализиран материјал.
Но, „алката“ што недостига за да се да се завршат процесните дејства и да се подигне обвинителниот акт, бил фактот што до потребниот рок три осомничњени лица не ги добиле поканите за распит за овој случај: Никола Груевски, Мартин Протогер и поранешниот Генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски.
Бидејќи тројцата досега не биле ниту еднаш запознати со истражните наоди на СЈО, Обвинителството не може да им испрати известувања со кои ќе ги повика да направат увид во доказите или да им даде препис од нив, по што и осомничените би имале рок од 15 дена да предложат прибирање други докази. Бидејќи остануваат само четири дена до истекот на рокот за подигнување обвинение, поради овие процесни причини случајот „Талир“ нема да стигне до судот.
Пресудија „непримените покани“
Од СЈО се недостапни за коментар околу ваквите наводи. Последен кој на 12 јуни беше повикан на распит за „Талир“, беше директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, а три дена претходно Генералниот секретар на партијата и поранешен технички премиер, Емил Димитриев, пратеничката Даниела Рангелова и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. На распит не дојде Никола Груевски, за кого беше речено дека не добил покана, а неофицијално и дека е надвор од земјата. Од СЈО тогаш изјавуваа дека неговото обезбедување со денови одбивало да ги прими поканите, но и дека нема да бараат стражарно приведување на оние кои одбиваат да ги примат поаните. По 16 јуни, тоа практично би бил и некорисен потег, бидејќи и по евентуалниот распит, не останува рок од 15 дена за испраќање известувања до осомничените и за одговор од нив.
Извори од одбраната не сакаат да коментираат дали „непримањето на поканите“ се покажало како клучна тактика за да се стави СЈО во временски теснец, односно пред свршен чин, но потенцираат дека „Обвинителството имало доволно време за ги заврши процесните постапки, а не да ги остава за последен миг“. Според нив, со ова е извесно дека постапката за овој случај ќе биде запрена.
Но, според правни експерти, кривичното дело „перење пари“ не застарува и со него може да се занимава и Обвинителството за гонење организиран криминал, доколку се обезбедат нови докази кои би можеле да бидат тригер за нова истрага, со која практично би биле опфатени истите осомничени.
Обвиненија за сите случаи?
„Талир“ не е единствениот случај во кој беше осомничен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој е засегат и со случаите „Тенк“ (набавка на „мерцедес“), „ТНТ“ (уривање на „Космос“) „Траекторија“ (изградба на автопат), „Титаник“ (изборни измами). Неговиот братучед и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков е осомничен во случаите „Трезор“ (набавка на опрема за Петтата управа) „Тортура“ (апсењето на Љубе Бошкоски) „Таргет“ (незаконско следење на комуникациите) и „Тврдина“ (уништување на системите преку кои незаконски се прислушкувало).
Иако деновиве се очекува СЈО да соопшти за кои случаи ќе подигне обвиненија, веќе се шпекулира дека ќе бидат подигнати за сите, со ислучок на „Талир“. Најголеми меѓу нив според број на обвинети и според временскиот опфат на трањето на кривичните дела се „Титаник“ и „Таргет“. СЈО работеше и на случаите „Топлик“, „Тендери“, „Тарифа“, „Труст“, „Табла“, „Триста“, „Тотал“, „Тифани“, „Тревник“...
Досега СЈО подигна три обвиненија: првото за незаконско уништување на документација од системите на прислушување, второто за нарачаното насилство Центар (шамарите за градоначалникот Андреј Жерновски) и третото за случајот „Транспортер“, во кој градоначалникот на Битола, Владимир Талески, се товари за злоупотреби со превозот на ученици во Битола.
На 30 јуни истекува законскиот рок на СЈО од 18 месеци за подигнување обвиненија или за запирање на истражната постапка за првите предмети што ги презеде од Јавното обвинителство на 4 декември 2015 година, а кои беа комплетирани на 30 декември, кога СДСМ на СЈО му ги ги предаде и снимките од незаконски следените комуникации.
Според ставот 3 од членот 1, Законот за СЈО ќе биде на сила пет години од усвојувањето од страна на Собранието, и може да се продолжува со двотретинско мнозинство од пратениците.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.