Работни групи ќе ги усогласуваат реформските закони. Опозицијата има забелешки за законското решение за СЈО. Според Мицкоски, Катица Јанева нема професионален кредибилитет за да добие опозициска поддршка
Реклама
Корисна средба за релаксирање на политичките односи, но сеуште со отворени прашања. Ова е епилогот од синоќешната лидерска средба Заев-Мицкоски, која доби и посебна симболика бидејќи се одржа на празникот Велики поклади - Прочка. Прошка од Мицкоски не доби СЈО. По средбата тој кристализираше две клучни теми на кои разговарале со премиерот Заев: обезбедување на услови за одржување на фер претседателски избори, и процесот на донесување реформските закони. Во вториот сегмент, најкрупната забелешка на опозицијата е насочена кон работата на Специјалното јавно обвинителство, поради што е неизвесна опозициската поддршка на предлог-законот за јавно обвинителство, со кој се уредува надлежноста на СЈО во рамките на редовното Обвинителство.
„Oвој специјален јавен обвинител го загуби комплетниот имиџ и професионален кредибилитет за да ја добие нашата поддршка во иднина, вклучително и нејзиниот тим. Легитимно се постави прашањето да го провериме работењето на оваа институција која што функционираше овие четири години. Тие луѓе потрошија милиони пари на граѓаните и на даночните обврзници. Имаме сериозни индиции дека не е работено по закон“, рече Мицкоски.
Трка со рокови
За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не е пресуден фактот што периодот за усогласување на законските решенија е краток, имајќи предвид дека Собранието ќе се распушти и потоа ќе нема можност за гласање на тој, и на други закони битни за одлуката за почнување преговори со ЕУ.
„Во животот тешко се снаоѓам со рокови и со ултиматуми. Ниту прифаќам, ниту ќе прифатам каков било ултиматум и рок. Можеше законот да ни биде доставен и пред распуштање на парламентот и ние ќе мораше да го усвоиме за да ги задоволиме страстите на поедини структури во општеството? Не. Или ќе направиме производ кој што ќе има супстанца, кој ќе им користи на сите граѓани и ќе биде заштитник на нивните права, или пак е подобро да немавме ваков хибрид како изминатите 4 години“, изјави Мицкоски.
Од друга страна, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, потсети дека за формирањето на СЈО во 2015 година гласале сите партии.
„Нашите ставови се јасни, ова Специјално јавно обвинителство треба да се вгради во јавно-обвинителскиот систем на Република Северна Македонија, каде што треба да му се даде шанса да продолжи на чело со Катица Јанева и целиот тим“, изјави Заев.
Но, тој ја потенцираше и важноста на роковите за донесување на законите пред почетокот на изборната кампања, посочувајќи дека членството во ЕУ е аспирација на сите партии. Изрази желба законското решение за СЈО да биде донесено со консензус.
„Ако нема консензус, како Влада ќе направиме се, во рамки на можностите, за да се постигне потребното мнозинство“, рече Заев.
Она за што Мицкоски и Заев се согласиле, е од денеска да бидат формирани работни тимови кои ќе работат на тој, но и на другите реформски закони.
За фер-избори
И додека е извесно дека во парламентот битката ќе се води за СЈО со стар или со сосема нов тим, на испит ќе бидат и потезите што ќе му претходат на изборниот процес, од чија регуларност исто така зависи напредокот на земјата кон ЕУ.
„Каков што е сега почетокот, немам гаранција дека ќе биде процесот фер, коректен и демократски, но затоа ја имавме оваа средба, ги кажавме нашите забелешки, да да дадеме шанса Владата да се корегира во нејзиното однесување за да добиеме фер, кредибилен и демократски процес. Укажавме на оние случувања што беа за време на референдумот - гласање за 2,4 секунди, и излезеност поголема од 95%. Дополнително потенциравме изборни места каде што имаме докази за неправилности за време на референдумското изјаснување, да не ни се повторат“, изјави Мицкоски.
Тој предупреди дека на претседателските избори има прв и втор круг, „така што многу нешта ќе зависат од Владата, бидејќи таа ги организира претседателските избори“.
„Ќе обезбедиме изборите да бидат кристално чисти“, изјави Заев, посочувајќи дека на тој план не треба се даде ниту еден аргумент на ЕУ, што би бил слабост во пресрет на добивањето датум за преговори во јуни.
Тој рече и дека „го отворил прашањето за процесот на помирување кој треба да продолжи“. Притоа најави дека по средбата со Мицкоски разговорите за реформските закони ќе продолжат и со сите други парламентарни партии. Но, уште пред да заврши средбата, на Фејсбук реагираше лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.
„Кога се потребни гласови на Албанците, средба со сите лидери на политичките партии. Кога станува збор за државата, состанок само со партнер за државата - Мицкоски. Затоа, НЕ заедничко општество за сите, туку држава за сите", напиша Села.
Сите истраги на македонското СЈО
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.