1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО чепна во осилото

Зоран Јордановски
22 октомври 2016

Мачната и долготрајна разврска на македонската криза доби драматично забрзување. Македонски „Ди-деј“ за крај на „системот Груевски“. Честа на судиите ја брани Димишкова, не Караџовски. Колумна на Зоран Јордановски.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Деветнаесетти октомври 2016. еден ден можеби ќе добие позначајни димензии во редицата датуми кои маркираат клучни моменти и етапи од македонската внатрешнополитичка криза. Денот кога СЈО влезе во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) за да изврши истражни дејствија, можеби ќе остане забележан како македонски „Ди-деј“ („Денот де“), оти некогаш за него можеби ќе се зборува како за момент кој го означи почетокот на крајот на долготрајната агонија.

Македонија е во постојана отворена криза од „црниот“ 24. декември 2012-та кога самоуверената и арогантна власт, претходно постепено веќе трансформирана во авторитарен режим, ги исфрли опозицијата и новинарите од парламентот. Некои почетокот на кризата го врзуваат за 1. февруари 2015, кога експлодира првата од „бомбите“ - снимки на прислушувани разговори со индиции за тежок криминал и злоупотреба на власта, но тој датум обележува само нејзина квалитативно нова развојна фаза. Ни минатогодишните трагични мајски настани во Куманово не го одвратија вниманието на јавноста од кризата. Јунскиот договор од Пржино за надминување на кризата како да беше пишуван на истата „тоалетна“ хартија како и мартовскиот од 2013, па отиде на „поправен испит“ во јули. Рајнхарт Прибе прецизно ја сецира патологијата на кризата и ги наброја нужните лекови за спас на државата од метастазите на криминалот. Формирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) беше прв чекор кон правна разврска, што е Conditio sine qua non (неопходен услов) за вистински промени. Но, годинашниов 19. октомври сметам дека го означува пресвртниот момент како некаков македонски „Ден де“ (сојузничкиот воздушно-поморски десант во Нормандија на 6.6.1944, кој според многумина историчари беше еден од настаните што го означија почетокот на крајот на Втората светска војна и на Хитлерова Германија). Од „Денот де“ до крајот на војната, навистина, поминаа уште 11 месеци. И по македонскиот „Ден де“ ќе има уште битки, но крајот е исто толку неминовен.

Момент кога вистината ќе излезе на виделина

Катица Јанева и нејзините соработници влегоа во „осилото“ од кое се вршело масовно прислушување. Таму се крие одговорот за неговата легалност, кој го вршел и дали снимките се „сечени, лепени и монтирани“. Во МВР - според содржините од „бомбите“ - се вршеле и изборни криминали и се штителе други криминали на власта. А кога вистината ќе излезе на виделина, таа ќе го растури „системот Груевски“ како што морски бран на плажа растура кули и тврдини правени од песок. Затоа во изминативе денови имаше толку попречувања на СЈО да ги изврши истражните дејствија, во што се ангажираа и највисоки функционери од ВМРО во МВРО, по цена на ризик да добијат кривични пријави. За тоа време првиот човек на министерството дејствуваше кабинетски повлечено, не ставајќи отворено на проба колку е реално моќен. 

Димишкова ја спасува честа на судиите, а не Караџовски

Секоја чест на Весна Димишкова која го потпишала судскиот налог за истражните дејствија на СЈО во УБК. Во нормални времиња и нормални држави тоа е нормален потег во рамките на нормалната надлежност на судот и на судиите. Но, не и во Македонија денес и во нејзиното „Сваровски судство“. Затоа Димишкова заслужува признание за смелоста да постапи на начин кој всушност би морал да биде сосем вообичаен. Токму тој парадокс ја отсликува реалноста на македонското правосудство во ерата на „системот Груевски“. И токму нејзиното однесување може да ја спаси честа на судиите, а не патетичниот, а всушност срамен апел на претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски.

Зоран Јордановски

Нему и на судиите им пречел притисокот од медиумите?! А не им пречело мешањето од страна политиката, напредувањето според тефтерчето и списочето на поранешната министерка за внатрешни работи на судии класификувани од неа како „наши“?! Снимките од опозицијата биле измислени и затоа не го испитувал случајот Сваровски?! За опструкциите на СЈО во УБК не знаел, слушнал само од ТВ?! Па нели му беше и тоа доволно да се заинтересира – конечно, налогот за тие дејствија е потпишан од судија. Та нели бескомпромисно ќе се борел за независноста на судската власт, угледот и честа на судиите, што му било врвен приоритет?! Зошто не ги брани во овој конкретен случај? Зошто не ги прокоментира одлуките на Основниот суд Скопје 1 во однос на барањата на СЈО, споредено со односот кон редовното ЈО? Претседателот на Судскиот совет зборува за обид за уривање на општествениот углед и довербата на јавноста во судството и принципот на владеење на правото во Република Македонија?! На која држава, кој углед, која доверба мисли? Да не живее во некоја друга, оти во Република Македонија, како што покажуваат анкетите, угледот на судството е на најниски гранки, наспроти високиот углед на СЈО. Да функционираше македонското правосудство според стандардите и принципите на правната држава, на кои се повикува Караџовски, ни ќе имаше СЈО, ниту ќе имаше потреба да се бара и формирање специјално судско одделение со надлежност да пресудува по обвиненијата поднесени од СЈО. 

Сево ова мора да му е добро познато на Караџовски. Зошто тогаш излезе со изјава за јавноста, упатена дури и до странските амбасади во Македонија? Поводот е дека СЈО се заинтересирало за работата на неколкумина судии во Управниот суд. Зошто тој, како еден од најповиканите според функцијата што ја врши, не се погрижи прв за прочистување во своите редови? Искривоколчувањето на власта, злоупотребите и криминалите не би биле можни без соучество во форма на заштита од страна на оние кои се надлежни за прогон и судење за кршење на законите. Кого всушност сакаше да одбрани Караџовски? Иако настапи дека зборува во име на сите судии во државата кои биле едногласни, на судии како Димишкова не им е потребна неговата одбрана од притисокот и мешањето на јавноста. Нека ги брани од притисокот и мешањето на оние што го прават тоа зад сцената, од кабинети во владата или од луѓе во високи правосудни органи.

Јанева мора да внимава на секој чекор

Ако судиите се жалат дека работат под притисок, што треба да речат Катица Јанева и нејзиниот тим? Тие се притиснати од сите страни: власта настојува на секој чекор и на секој начин да ги оневозможи да ја извршат мисијата која им е доделена со одлука за која гласаше и истата таа власт, опозицијата очекува индиректна помош со тоа што власта по судски пат од СЈО ќе биде разголена како криминална, а јавноста има големи очекувања дека СЈО со испитувањето на индициите од снимките наречени бомби и утврдувањето на индивидуалната одговорност на актерите во нив ќе помогне и за провев на тешката, задушувачка реа, за излез од длабоката морална криза на македонското општество. Во такви услови СЈО, секој негов чекор, е постојано под лупа. Затоа сметам дека - и ако било неспорно – Јанева мора да избегнува потези како вработувањето на роднина во СЈО. Новинарите од медиумите блиски до власта веднаш се нафрлија на неа. На противниците на СЈО Јанева им даде повод за напад. Иако тоа нема суштинска врска со поводот, тие ја ставаат под прашање целокупната работа - нејзина и на обвинителството. А со таа работа СЈО всушност испишува битни страници во историјата на третата деценија на македонската државна самостојност.

Катица ЈаневаФотографија: DW/P. Stojanovski

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми