1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

С. Македонија - субјект или објект во големата криза?

1 март 2022

Во стравувањата дека руската агресија ќе се прошири и на други земји, често се спомнува и Западен Балкан. Кои се слабите алки?

Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Русија би можела да покрене активности за дестабилизација во Босна и Херцеговина и на Западен Балкан, предупреди вчера високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел. Ова не е единственото предупредување што се однесува за Западен Балкан, откако почна руската агресија во Украина. Картите на Балканот, меѓудругото, се измешани и заради отсуството на осуда на руската агресија од страна на Србија, која го поддржува интегритетот на Украина, но не и европските санкции кон Москва. Ова наиде и на првото барање да се преиспита македонското учество во иницијативата „Отворен Балкан“.

„Со Србија, која толку отворено политички и економски соработува со рускиот агресор, Отворен Балкан ризикува да стане тројанскиот коњ на Путин на Западен Балкан“, регираше вчера на Фејбук лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.

Тој ја повика македонската влада веднаш да се повлече од иницијативата Отворен Балкан, сѐ додека Србија не се дистанцира од Путин и продолжи да ја поткопува независноста на Косово.

Од Владата за некои медиуми изјавија дека „и за  Србија  и за Северна Македонија иницијативата  Отворен Балкан е придонес во регионалната соработка на државите, преку имплементацијата на европски вредности во регионот, а значењето на добрососедските односи е важно во сочувување на стабилноста и мирот во регионот и во Европа.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која на локалните избори имаше коалициска соработка со АА, велат дека немаат ништо против регионална иницијатива која е во насока на подобрување на меѓусебните односи.

„Ставот на Села е став на Села. Немаме никакви информации позврзани со тој процес за да можеме да носиме заклучоци. Секоја регионална иницијатива која е во насока на подобрување на меѓусебните односи, а не е замена за полноправно членство во ЕУ, е добредојдена“, велат за ДВ од ВМРО-ДПМНЕ.

Опасност од искри во регионот

Но, се чини дека „Отворен Балкан“ е најспоредното прашање во овој момент, бидејќи во прв ред се стравувањата дека руската агресија ќе се прошири и на други земји, а во нив најчесто се спомнува и  Западен Балкан.  Премиерот на Словенија, Јанез Јанша, вчера за порталот Еуроактив изјави дека е „100 отсто уверен дека  Русија  нема да запре во Украина“.

„Ако падне Киев, следната цел се Молдавија, Грузија, ќе се појават проблеми во Западен Балкан, а потоа следна цел ќе бидат Балтичките земји“, изјави Јанша.

Аналитичари и политичари предупредуваат дека Путин на Западен Балкан има свои приврзаници, а во тој контекст ја потенцираат неосудата на руската агресија од страна на Вучиќ.

„Со овој став Србија де факто се дисквалификува од процесот на пристапување во ЕУ. Не треба да има простор за нови членки на Унијата што не ги делат нашите основни вредности и интереси“, порача вчера на Твитер поранешниот шведски премиер и поренешен Висок претставник во БиХ, Карл Билт.

Александар Вучиќ - критики за неосудата на руската агресијаФотографија: Reuters/G. Fuentes

Може ли неосудата на руската агресија да резултира со нешто повеќе „суверен, внатрешен став“ и да предизвика искри во регионот?

„Повеќето, ако не и сите изјави се возбудени рефлексии на масивната тектонска промена предизвикана од оваа војна, која сепак сѐ уште е на почеток и не е сосема јасно како ќе се развива понатаму“, вели поренешниот македонски амбасадор и колумнист на ДВ, Арсим Зеколи.

„Изјавата на Билд е точна во смисла на нелогичноста и апсурдноста на ЕУ за фаворизирање на Србија во преговорите за членство во Унијата, без испорачување на вистински, видливи реформи. Мислам сепак дека поупатно е да се пристапи на поинаков начин, а тоа е да се упати порака до регионот, вклучително до Србија, преку отварање на преговори со Босна и Херцеговина и Косово и да се врати аранжманот за пакет-влез на сите земји во ЕУ. Истото важи и за иницијативата  Отворен Балкан,  која последните месеци стана објект на сомнеж, не само кај земјите кои се против, туку и кај добар дел од политичарите во земјите кои се дел од иницијативата. Кризата во Украина ги потенцира критичните точки на слабост на таа иницијатива, како што се недостигот транспарентност, отсуство на институционална контрола, исклученост на улогата на парламентите, но пред сѐ, авторитарниот карактер на нејзините најголеми поддржувачи Александар Вучиќ и  Еди Рама  и нивните заткулисни зделки“, оценува Зеколи.

Она што е битно во сегашната ситуација, според него, е дека како потенцијално  кризно жариште,  ние сме повторно повеќе објект отколку субјект  во големата криза на континентот.

„Тоа значи дека сме зависни од волјата и квалитетот на мудроста на трансатлантската заедница да преземе итни и решителни чекори за превенција на злоупотребата на нашата статична, замрзната состојба од страна на Руската Федерација. Брисел, Берлин, Вашингтон, Париз не треба да ја повторат грешката од раните ’90-ти години, туку императив е да се преземат чекори за итно вклучување на регионот во европската заедница. Конкретно, тоа подразбира не само почеток туку забрзани преговори со сите земји заинтересирани за членство во ЕУ, итен прием на БиХ и Косово во НАТО. Свесен сум дека расположението во Унијата сѐ уште е негативистичко определено од размислувањата за интерните последици од таквите постапки во приклучување на регионот. Но останува надежта дека токму војната во Украина ќе укаже за далеку поболните, потрагични, политички и последици на непреземање одлуки кои се можеби времено непопуларни, но долгорочно сосема исплативи“, вели Зеколи.

Разговорот Лавров-Додик

Односот на некои земји и политичари во регионот кон руската агресија веќе добиваат силни рефлексии и резултираат со пораки за потреба од брзо интегрирање на регионот.

„Србија не е неутрална. Србија останува со Русија. Значи членството на Косово во евроатлантските институции е потребно повеќе од кога било“, напиша на Твитер претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Милорад Додики Сергеј Лавров телефонски размениле мислењаФотографија: Elvis Barukcic/AFP

Но, она што вчера предизвика многу поголемо внимание, е телефонскиот разговор меѓу шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, со членот на претседателство на БиХ,  Милорад Додик.

Како што соопшти руската амбасада во БиХ, во разговорот „била направена размена на мислења за имплементација на договорот по средбата на претседателот на  Руската Федерација  Владимир Путин и Милорад Додик во Москва во декември 2021 година, и биле зацртани чекорите зa интензивирање на напорите во таа насока“.

Во соопштението нема објаснување што договориле Додик и Путин пред два месеца.

„Повторно е потврдена заедничката определеност за стриктно почитување на Дејтонскиот договор и за сузбивање на сите присутни обиди да се преиначат принципите одобрени од Советот за безбедност на ОН како би им одговарале на ЕУ и НАТО, а на штета на народот на Република Српска“ се вели во соопштението.

Во него се додава и дека „разјснувањата од руска страна за ситуацијата околу Украина и за причините за релевантната одлука што ја донело руското раководство, биле примени со разбирање од Додик“.

Средбата Додик-Путин во декември лани предизвика бројни коментари, со оглед дека немаше фотографија од неа ниту јасни пораки за што разговорале.

„Што се однесува до мене, јас се враќам со багаж далеку поголем отколку што очекував дека ќе го понесам одовде“, го изрази задоволството Додик од договореното, во изјава за руски медиуми.

Жозеп Борел по вчерашниот состанок на министрите за одбрана на државите членки на ЕУ, потенцираше дека одлуката донесена минатиот петок за јакнење на силите на мисијата „Алтеа“ во БиХ со уште 500 војници е “внимателен и соодветен знак на одлучноста за зачувување на стабилноста на БиХ, која може да се соочи со дестабилизирачки активности на Русија на Западен Балкан“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми