1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Таблоидите во Србија: Ни дното не е граница

Сања Кљајиќ / Жана Ацеска20 декември 2014

Булеварското новинарство не е српски пронајдок, но српските таблоиди поставуваат нови „стандарди“. Хајките по непожелните политичари мутираа во прогон на обични граѓани, невкусот прерасна во кафанско пцуење. Казни нема.

Фотографија: Montage/DW

Во Србија ни мртвите веќе не почиваат во мир. И ним им се влегува во брачниот или љубовничкиот кревет, им се пребројуваат крвни зрнца и им се истражуваат гревови. Жртвите на убиства веќе не се човек или жена, туку келнерка, наркоманка, проститутка, а осомничените веќе од првиот ден стануваат крволочни убијци, ѕверови и монструми. Заради профит, уредниците се подготвени да ги задолжат своите новинари да го истражуваат љубовниот живот на неодамна почината девојка, детално да ни опишуваат како некоја друга е мачена и убиена, го уценуваат таткото на девојката барајќи му изјави, го прогонуваат семејството на осомничениот и му предвидуваат силување в затвор.

Директно од гробишта

Прилогот на српските весници кон таблоидната култура несомнено е „гробовското новинарство“. Читателите добиваат потресни извештаи од погребите, кој по кого и колку долго плачел и која „песна му била свирена со труба, парајќи го небото додека ковчегот се спуштал во гробот“. Новинарката Тамара Скроца за Дојче веле истакнува дека таквата патетика тешко дека го подигнува тиражот.

„Мислам дека новинарите и уредниците си замислиле како би требало да ги продаваат весниците“, вели Скроца, која е и член за Комисијата за жалби на Советот за печат.

Генералниот секретар на Совет, Гордана Новаковиќ, потенцира оти Кодексот на новинарите на Србија јасно дефинира препораки како да известуваат новинарите во ситуации кои вклучуваат лична болка и тага.

„Постои некој натпревар кој ќе објави побројни детали, но тоа што полицијата е подготвена да оддаде детали од истрагата, воопшто не ги амнестира новинарите од злоупотреба на емоциите на семејствата и неинформираноста“.

Фотографија: informer

Каде е границата?

Таблодите не се српски пронајдок, но во Србија тука имаат повеќестрана улога: да ги забавуваат и анестезираат масите, да ги сатанизираат непожелните поединци и да ги величаат водачите за чиј интерес работат. Некои притоа не избираат зборови, сеедно дали е цел нечија дискредитација или нечие кревање во височина. Познат е панагерикот на еден таблоид за капацитетот на тестисите на српскиот премиер Александар Вучиќ, додека албанскиот премиер Еди Рама по посетата на Белград на насловната страница доби етикета „Шиптар без срам“.

Границите на добриот вкус се разводнети во информативната, но и во забавната програма. Невладините организации неодамна изразија остар протест поради вицот кој популарен водител го раскажа за босанските девојчиња.

„Таа емисија трае со години, никој не ја укина, ниту ја превоспита, ни насочи“, вели Скроца. „Не се поставува прашање за нечии чувства, а мислам дека би требало тоа да биде критериум. Ако не знаеме каде се границите, тогаш само да се запрашаме како му е на човекот за кој се зборува. Медиумите тие граници ги поминуваат на дневно ниво“.

Нема казни

Оштетените граѓани имаат добри шанси на суд против таквите медиуми, но и ако го добијат спорот, не се подразбира дека одреден број медиуми ќе бидат казнети. Иако постои од 2003 година, дневниот весник „Курир“ дури неодамна го испечати 300-от број.

„Тие редовно се пререгистрираат и веќе немаат обврска за плаќање на казните како некогашно згаснато правно лице“, објаснува Тамара Скроца. „Но, ’Курир’ не е единствениот, такви примери има повеќе, со многу сличен профил. Имам впечаток дека на таквите медиуми им се гледа низ прсти зашто и‘ се потребни на секоја власт“.

Меѓутоа, државниот секретар во Министерството за култура и јавно информирање, Саша Марковиќ, вели оти законот дава поддршка на регулацијата и саморегулацијата и дека е нужно медиумите сами да ја уредуваат својата професија.

„Ако државата се меша во тоа, постои основано сомневање од постоење гушење на слободата. Државата не може да го направи она што би требало да го стори новинарската струка сама за себе“.

Но, саморегулацијата најчесто е мртво слово на хартија. Гордана Новаковиќ вели дека Советот за печат, чиј генерален секретар е таа, може да одлучи некој медиум да објави одлука или опомена од Советот.

„Сметаме дека е доволно оној кој е оштетен да добие морална сатисфакција, а медиумот покажува одговорност со тоа што признава оти направил нешто што не е во согласност со кодексот“, вели таа.

Фотографија: kurier

Регулаторното тело за електронски медиуми има овластување за посериозно санкционирање на медиумите, но од своето основање има изречено само 77 мерки опомена и 14 мерки предупредување, додека дозволата за работа привремено му е одземена само на радиото „Фокус“.

Купувачи на таблоидната стока

Цврстото правило на капитализмот гласи - на пазарот секогаш ќе постои одредена стока ако за неа има заинтересирани купувачи. Според податоците за тиражот и гледаноста, најголем дел од српската јавност која ги следи медиумите, главно одбира таблидни содржини. Комуникологот Јелена Клеут вели дека улога игра и економската димензија.

„Таблоидните содржини се евтини, а за квалитет е потребно вложување пари, плаќање на новинарите да се посветат на одредена тема“, објаснува таа за Дојче веле. „Профитните медиуми едноставно не се заинтересирани за тоа. Како резултат, таблоидите се далеку поевтини и попристапни за луѓето“.

Нашата соговорничка истакнува - наспроти врежаното мислење, консумирањето на таблоидите не мора нужно да е поврзано со ниското образовно ниво или лош вкус.

„Таблоидните приказни по правило се изразито персонализирани, многу лични. Таквите вести се приказни во класична смисла“, вели Клеут. „Граѓаните не ги следат вестите само за да бидат информирани. Следејќи ја оваа идеја, одделни истражувачи тврдат дека публиката преферира таблоидни вести за поединци зашто луѓето за таквите вести можат да разговараат со другите. Тие стануваат предмет на секојдневни разговори, згрозувања, чудење, ламентирање“.

Притоа, од евтиното новинарство сосем добро се живее. Во јавната сфера дефинирана со капиталистички релации, „профитот е основната причина за страдање на моралните вредности“, вели Дивна Вуксановиќ, професорка по теорија на културата и филозофија на медиумите. Предупредувањето од алчност по пари е единственото релевантно во капиталистичкиот амбиент, додава таа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми