1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Табу

10 март 2021

Темпо на забрзани системски реформи е возможно само со основен политички консензус за европската агенда, што повторно ќе ја врати во игра идејата за соработка меѓу двете најголеми македонски партии. Пишува Петар Арсовски

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Изјавата на Заев за можна заедничка влада со ВМРО ДПМНЕ уредно беше дочекана „на нож“ од поголемиот дел од СДСМ, од помалите коалициски партнери, од албанските партии, особено од ДУИ, од самата ВМРО ДПМНЕ, од голем дел од критичката јавност... остана уште пролетните ластовички да почнеа да црцорат: нее со ВМРО, неее со ВМРО.  Јас, за разлика од паниката со која јавноста ја дочека оваа вест, мислам дека не треба премногу да се „потресуваме“: мислам дека ваква комбинација во моментов е практично невозможна.  Но истовремено, мислам дека не треба ни премногу емотивно да ја примаме како идеја – таа вреди да се разговара за во иднина, дури и мислам дека повторно неизбежно ќе се појави.

претходни колумни: Иди ми, дојди ми

Разбирлив е антагонизмот со кој некои актери на политичката сцена пристапуваат кон ваквата можност.  За помалите партии во коалицијата, како и за ДУИ, ваква поширока коалиција веднаш би ја намалила нивната политичка цена во собранието, па за нив е од суштинска политичка важност, би рекол егзистенцијална, овој обид да го дезавуираат или спречат.  За критичката јавност и за СДСМ, сеуште се свежи сликите од нападот во Собранието, раните од автократскиот режим на владеење, сеќавањето на притисокот кон граѓанските слободи и права, а притоа жедта за правда од овие повреди сеуште не им е задоволена, па така, ваквите најави ги третираат како фаустовски пакт, неприфатлив a priori.

Понудата не е за сегашното ВМРО ДПМНЕ

Сепак, ваквата идеја не треба да се анализира само од политичко – прагматична призма, или од позиција на вкоренето непријателство.  Најнапред, како што пренесоа медиумите – оваа понуда не се однесува на сегашното ВМРО ДПМНЕ, со Мицковски на чело.  Тоа истовремено значи дека се додека е Мицковски главен коловодец, и таму преовладува тоталитарна, антизападна и албанофобична ментална матрица, ваква опција не постои.  Тоа е впрочем истата порака која критичката јавност (со граѓанскиот активизам), и која меѓународната заедница и ја испорачуваат на таа партија со години – дека без оглед на недоследностите на актуелната власт, се додека најголемата опозициска партија од корен не го смени своето однесување, за нив нема добра политичка опција. 

претходни колумни: За Бајден, Вучиќ и Алберт Ајнштајн

Ова е особено актуелно последниот период: тие – ако се сеќавате, а сигурен сум дека се сеќавате – се противеа на Преспанската спогодба, го саботираа референдумот за НАТО и ЕУ, упорно поднесуваат илјадници амандмани на сите системски реформски закони, не одржуваат комисиски седници во обид да го блокираат носењето на други закони (помеѓу другото, националната стратегија за борба против корупција), се противат на договорот за добрососедство со Бугарија, упорно се против сите закони кои значат реформи во правец на европските интеграции, и сеуште играат Том и Џери со обвинителството, судовите и правдата, во обид да избегнат судска одговорност за некои свои постапки од минатото.  Со ваква ментална матрица, тие се во основа некомпатибилни со мобилизација околу про-европската агенда на која мисли Заев кога зборува за помирување и соработка.  Оттаму, ваков спој во овој момент е невозможен, најмалку до конгресот за реформи најавен во ВМРО ДПМНЕ за 28 март.   Доколку и таму не се случи ништо спектакуларно, работите ќе останат во пат позиција, најмалку до после локалните избори, имајќи предвид дека Мицковски најави дека до тогаш не планира конгрес.

Рововска поделеност

Сепак, сигурен сум дека, иако од оваа перспектива ваквата соработка изгледа невозможна, таа опција повторно ќе се појави на политичката агенда, и тоа поскоро одошто мислиме. Најнапред, за оние кои имаат дилема дали ваквиот жабарник може да се разреши со избори – најверојатно не.  Прво, Заев најави, а и меѓународната заедница е на сличен став, дека пречести избори го поништуваат концептот на политичка предвидливост и на сработен мандат, и пречесто се злоупотребуваат од страна на мнозинството.  Второ, со ваква рововска поделеност на граѓаните (па соодветно на тоа, и на политичките партии), тешко дека на избори во брзо време може драматично да се смени односот на силите, односно би требало да очекуваме повторно тесно парламентарно мнозинство. Оттаму, барем на кус рок, ниту една партија нема да има бришан простор за работа, особено по прашањата поврзани со системските реформи.  Затоа, изборите сами по себе не се решение на закоченоста во која сега се наоѓаме.

Клучна година

Притоа, во наредниов период на Македонија и следува клучна година во смисла на шанса за пробив кон европските интеграции. На крајот на пролетта и почетокот на летото, ќе се отвори еден прозорец на можности за решение на проблемот со Бугарија (почнувајќи со формирањето влада кон крајот на април, па се до самитот на ЕУ во јуни, а по потреба до КОРЕПЕР во јули), па со тоа на отворање на поглавјата и влегување суштински во европските преговори.  Ова го темелам на четири главни фактори: прво, новата бугарска влада ќе биде на почеток на мандатот, и ќе има поголем политички капитал за да се фати во костец со ваквите прашања на европски, а не популистички начин; второ, во неа најверојатно нема да го има Каракачанов, кој во моментов е најрадикалната варијабла во овој спор, и најголемата пречка за разумен разговор; трето, во меѓувреме Албанија ќе ги исполни своите задачи кои ја спречија минатиот пат да ги почне преговорите, па така притисокот за двете земји заедно да ги одржат првите меѓувладини конференции ќе биде огромен; четврто, дотогаш новата американска администрација ќе биде меѓународно активна, и ова прашање е тема на која ќе има можност да покаже брз напредок, па и таму притисокот ќе се зголеми. 

претходни колумни: И пописот го прогласивме за „мртво“

Овие фактори укажуваат на можноста, веќе наесен, топката за европски реформи инстант да се врати кај нас дома. Во таква ситуација, соработката, наместо саботажите, од ВМРО ДПМНЕ повторно ќе стане значаен фактор: ако продолжат со блокадите, Македонија само ќе каска зад реформите, да не зборуваме дека имаме потреба да ги надоместиме изгубените две години од блокадите на Франција и Бугарија.  Ова темпо на забрзани системски реформи е само возможно со некаков основен политички консензус за европската агенда, што повторно ќе ја врати во игра идејата за соработка помеѓу двете најголеми македонски партии.

Дури и да верувате дека таквиот пробив нема да се случи, соработката ќе остане нужна.  Ако Македонија не ги почне преговорите, дотолку поважна ќе стане реформската агенда дома – како еден вид субститут за преговорите, односно како механизам да се реформираме во меѓувреме, за кога ќе ги отвориме преговорите тие да траат што пократко, односно да немаме загубено време.  Тоа повторно ќе значи некаква политичка мобилизација околу заеднички приоритети за менување на општеството кон подобро – значи повторно натпартиска соработка. Со други зборови, штом ќе се разрешат сегашните недоследности во ЕУ, топката се враќа кај нас, и ние сме оставени сами на себе и своите.  Ако не најдеме заеднички јазик за иднината, нема ни да ја имаме.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми