1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тадиќ во ОН го критикуваше Месиќ

23 јануари 2010

Српскиот претседател Борис Тадиќ во СБ на ОН реагираше остро на изјавата на хрватскиот претседател на заминување, Стипе Месиќ, дека во случај на референдум за одвојување на Република Српска од БиХ би интервенирал воено.

Борис ТадиќФотографија: AP

„Нема оправдување за употреба на сила во Босна и Херцеговина, ниту во која било друга земја во регионот. Ние категорично ги осудуваме таквите провокации и од сите одговорни држави очекуваме да го сторат истото“, рече српскиот претседател Борис Тадиќ на седницата на Советот за безбедност на ОН по главната расправа околу Косово. Тадиќ нагласи дека Србија останува приврзана кон соработката со Хрватска и сите членки на ОН во решавањето на сите спорни билатерални и регионални прашања. „Како одговорна членка на меѓународната заедница Србија ќе продолжи да го поддржува во целост суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и силно ќе се спротивстави на сите обиди за поделба на таа или која било друга држава членка на ОН“, рече Тадиќ.

Тадиќ го известил и Бан Ки Мун за изјавите на Месиќ

Дека зборовите на Месиќ сериозно ги погодија властите во Белград докажува и изјавата на еден српски дипломат од придружбата на Тадиќ во Њујорк, која за Дојче веле изјави дека српскиот претседател ја искористил дури и својата десетминутна средба со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун „за да го извести за овој инцидент“. Истовремено, Тадиќ реагираше на зборовите на Месиќ дури по завршувањето на службениот крај на седницата на Советот за безбедност, во освртот на излагањата на другите дипломати околу Косово. Хрватскиот амбасадор во ОН, Ранко Виловиќ, за Дојче веле изјави: „Имавме подготвен одговор доколку Тадиќ одлучеше да зборува за тоа во официјалниот дел на седницата на Советот за безбедност. Но, со оглед на тоа што не го строи тоа, што е добро, немаше потреба да реагираме“, вели Виловиќ.

Советот за безбедност го разгледуваше извештајот за КосовоФотографија: AP

Советот за безбедност, инаку, расправаше за редовниот тримесечен извештај на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун и шефот на УНМИК, Ламберт Заниер, за состојбата на Косово. Во извештајот Србија и Косово се повикуваат да пронајдат начин да го остават настрана рагледувањето на статусот и да се посветат на регионална соработка.

Автор: Ерол Авдовиќ/бета/ЕМФ

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми