1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

240511 Serbien Gipfel Warschau

25 мај 2011

Србија го откажа учеството на 17. средба на претседателите на централноевропските земји во Варшава, поради тоа што покана е упатена и до претседателката на Косово. Полска реагира со „несфаќање“ на потегот на Белград.

Претседателската палата во Варшава
Претседателската палата во ВаршаваФотографија: AP

Тоа ќе беше прва средба на српскиот претседател со американскиот претседател Барак Обама, но Борис Тадиќ го откажа учеството на Варшавскиот самит. Му пречи името на Атифете Јахјага на листата со гости. Тоа што полскиот министер за надворешни работи ја поканил и претседателката на Косово го налути Белград, нешто што за првиот полски дипломат, Радослав Сикорски, е несфатливо:

„Колку што ми е познато, Косово сега е признато од 75 земји во светот. Тука се вбројува и Полска и повеќето земји на ЕУ. Значи, немаше причина да не биде поканета претставничката на Косово. Србија, ако сака да се приклучи на ЕУ, полека мора да докаже дека ги надминала демоните од своето минато. Ги поканивме претседателите на земјите од Централна и Југоисточна Европа. Со оглед на тоа што го признаваме Косово како држава, се разбира ја поканивме и таа земја.“

Ќе има ли уште бојкоти?

Радослав Сикорски, министер за надворешни работи на ПолскаФотографија: AP

Србија бара Косово да биде претставувано на средбата од страна на ОН. Тадиќ отфрла директни разговори со Јахјага. За неучество размислуваат и претседателите на Романија и Словачка, Трајан Басеску и Иван Гаспарович. Американскиот претседател, значи, ќе се сретне со помалку колеги од првично предвидените 20-мина. Советникот на полскиот претседател Роман Кужњар се надева дека бојкотерите уште еднаш ќе размислат за чекорот:

„Знаеме дека некои држави имаат проблем со признавањето на независноста на Косово. Но, ако ги каниме претставниците на Албанија, Молдавија и други држави од Југоисточна и Централна Европа, нема причина да не ја поканиме претседателката на Косово. Да причекаме и да видиме дали претседателите на Романија или Словачка на крајот сепак ќе дојдат. Што се однесува до српскиот претседател, ситуацијата е релативно јасна и ние ја почитуваме таа одлука.“

Листата ја составиле Американците?

Барак Обама во Полска ја завршува еднонеделната европска турнејаФотографија: picture-alliance/dpa

Варшавскиот политиколог и американист Збигњев Левицки целата возбуда околу листата со гости ја коментира малку арогантно. Според него, листата не ја составил Радослав Сикорски.

„Искрено речено, овој самит го организираа, се разбира, Американците. Тие ја составиле листата со гости. Косово е покането на изречна желба на Американците. Затоа бојкотот не не‘ возбудува. Тоа е работа на американската политика.“

Барак Обама во Полска ќе ја заврши еднонеделната турнеја по Европа. В петок вечер (27.05) тој се среќава со учесниците на Варшавскиот самит, а меѓу нив е и германскиот сојузен претседател Кристијан Вулф.

Автор: Лудгер Кажмијерчак / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми