1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тадиќ: Притисоците немаат влијание врз Србија

28 јуни 2011

Странскиот притисок немаше ефект ниту врз одлуката за апсење на Ратко Младиќ, ниту, пак, ќе има во преговорите меѓу Белград и Приштина, порача во Берлин српскиот претседател Борис Тадиќ.

Српскиот претседател Борис ТадиќФотографија: Petar Labrador

Српскиот претседател на почетокот на предавањето на тема „Србија како актер на регионалното помирување и фактор на стабилноста на Балканот“ , кое го организираше германската фондација „Фридрих Еберт“, истакна дека помирувањето на Балканот никако не е апстрактен поим, туку обврска пред идните генерации и основен предуслов за мирен соживот на балканските народи.

Апсењето на сите осомничени за воени злосторства е предуслов за помирувањето во регионот: „Никој не е и не смее да биде над правдата и сите воени злосторства мора да бидат истражени. Токму затоа очекувам Советот за безбедност на ОН да одобри независна истрага за шокантните наводи на извештајот на Советот на Европа за нелегалната трговија со човечки органи на Косово. Србија не ги негира злосторствата направени над косовските Албанци, но постои тенденција, злосторствата над Србите да се негираат пред очите на меѓународната заедница“, рече Тадиќ.

Фондација „Фридрих Еберт“

Откако со апсењето на Ратко Младиќ го исполни клучното барање, Србија сега очекува да биде прифатена нејзината кандидатура и набргу потоа да започне преговори за пристапување во ЕУ, рече Тадиќ дополнувајќи дека членството на Србија може само да ја зајакне Унијата.

Барање на решение за Косово

Во дискусијата по предавањето, Дитмар Нитан, претседавач со парламентарната работна група на германските социјалдемократи за Југоисточна Европа се осврна на пристапот на Србија кон прашањето на Косово: „Веќе говоревте дека сакате пред влегувањето во ЕУ да го решите прашањето за Косово. Вашата политика последниве години јасно покажа, дека во Србија за проблемот Косово многу рационално се дискутира. Мој впечаток е дека избирачите денес порационално му пристапуваат на тој проблем.“

На прашањето дали Србија со бојкотот на бројни регионални конференции на кои учествува Косово како независна држава го загрозува процесот на помирување, за кој декларативно се залага, претседателот Тадиќ одговори: „Ние во дијалогот со Приштина се обидуваме да пронајдеме решение, а имаме доволно сознанија дека другата страна во дијалогот, трагајќи по решение истовремено сака да издејствува Србија имплицитно да ја признае независноста на Косово и Метохија. Значи не станува збор за политичка игра дали имплицитно признавање или непризнавање на Косово, туку тука станува збор за изнаоѓање на решение кое е оддржливо.“

Младиќ не е уапсен поради притисокот

Ратко МладиќФотографија: dapd

Претседателот Тадиќ објасни дека притисокот на меѓународната заедница немал никаков ефект врз одлуката за апсење на Ратко Младиќ, па така нема да биде ефикасен ниту во случајот со решавањето на проблемот со Косово: „Никаков притисок нема ефект врз нашата политика денес. Многу често сум читал во европските медиуми дека Србија го уапсила и израчила Младиќ поради тоа што постоеле притисоци да го направи тоа. Таа одлука, како претседател на Србија, ја донесов во согласност со моите надлежности, не поради притисокот од ЕУ или Хашкиот трибунал, туку поради нас самите. Поради Србите, поради Бошњаците и поради Хрватите. Никаков притисок немаше ефект врз соработката на Србија со Хашкиот трибунал. Во контекст на преговорите меѓу Белград и Приштина, тие притисоци исто така немаат ефект. Сакаме да пронајдеме решение. Тоа важи и за учеството на регионалните форуми“, рече српскиот претседател.

Автор: Наталија Милетиќ/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми