1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Така не, господине Ердоган

Бернд Ригерт
13 март 2017

Турската влада ги провоцира до крајни граници своите европски партнери и се вмешува во холандската изборна кампања. Единствено исправен би бил јасен и остар одговор од ЕУ, смета Бернд Ригерт.

Türkei EU Flaggen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Bozoglu

Мора да потсетиме: Турција и Холандија се членки на истата вредносна заедница - НАТО. Турција се кандидира за влез во уште една голема вредносна заедница - ЕУ. Во двата сојуза слободата на мислење и меѓусебното почитување претставуваат исклучителни вредности. Со своето грубо однесување, изминатиов викенд Турција во основа се диксвалификуваше од членството во двете организации.

Да не е геостратешки значајната Турција итно потребна во одбранбената алијанса и како прифатна станица за бегалците и мигрантите, многумина европски политичари најрадо би му покажале црвен картон на провоцирачкиот националистички турски претседател Ердоган. Без оглед на неописливите навреди за нацистички методи и заканите со санкции против Холандија, ЕУ сѐ уште се воздржува. Провокациите од Анкара и нејзината стратегија турската изборна кампања да ја пренесе во либералните демократии во Европа, не беше тема на тукушто завршениот самит на ЕУ во Брисел. Изостанува заеднички одговор, инициран досега единствено од австрискиот канцелар Керн. Од германската канцеларка не може да се слушне јасно „не“ за изборните маневри на турската влада. Обидот за деескалација од германска страна е неуспешен и неговата погрешност ќе се покаже во следните недели. До референдумот на 16. април, турската влада нема да попушти и ќе продолжи да ги конфронтира меѓусебно европските држави. Во Франција турските министри смеат да настапуваат, во Германија понекогаш, од Холандија се дури протерани како непожелни личности. Во Шведска е откажан договорот за закуп на просторија за турски изборен собир. Данска ја повлече поканата за посета на турскиот премиер. Единствен приод изгледа поинаку, а притоа е сосем можен. 

Бернд Ригерт

Слободата на говор има граници

Слободата на мислење во ЕУ важи и за странците, но таа не е апсолутна. Чисто изборните настапи, тирадите полни омраза и обврската за пријавување на собирите не влегуваат во неа, како што потврди и германскиот Уставен суд. Да се аргументира со меѓународното право, како што се обидува сега турската министерка Каја, која беше протерана од Холандија, е апсурдно. Виенскиот договор за дипломатски претставништва им гарантира специјални права на раководните лица на претставништвата, но не и на членови на странски влади. Во случај на загрозеност на јавната безбедност, нормално е да биде оневозможен пристап кон конзулатот, како што се случи во Ротердам. Ни турската влада не постапи поинаку, опколувајќи ја холандската амбасада во Анкара.

Кому всушност му служи овој недостоен спор меѓу пријателски држави? Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган планира да ги искористи инцидентите од викендот. Неговите приврзеници од Европа ќе му бидат уште полојални. По случувањата во Ротердам, еден човек во Истанбул наместо холандското, на конзулатот на оваа земја го ставил турското знаме, извикувајќи „Бог е голем“. На ваков начин им се олеснува на популистите и критичарите на исламот околу Герт Вилдерс да шират стравови и предрасуди и на парламентарните избори в среда да соберат гласови. Десните популисти, но и премиерот Руте можат извонредно да се профилираат со покажаната цврстина против Турција.

Цената на крајот ја плаќаат Турците

Краткорочно, за изборните борци во Турција и во Холандија постои вин-вин ситуација, но на крајот цехот ќе го платат претпријатијата и стопанството во Турција. По неупешниот обид за пуч и радикализирањето предизвикано од Ердоган, туризмот бележи назадување. Инвеститорите ја заобиколуваат Турција. ЕУ-граѓаните се одвратени. Никој не мора да трпи наци-навреди за потоа да помине „опуштен“ одмор во Анталија во вонредна состојба. Безвизниот режим за турските граѓани во ЕУ станува сѐ подалечен. 

Турската влада, која дома ги гази човековите права и во германските новинари гледа терористи, всушност го изигра своето право на слобода на мислење во ЕУ. Да претпоставиме, Герт Вилдерс, холандскиот десничарски популист, да сака на изборен митинг во Истанбул да ја критикува исламистичката политика на владејачката АКП. Како би изгледала реакцијата на турската влада? 

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми