1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Штрајкот прекина, се тактизира со враќањето на училиште

ДТЗ
26 април 2022

Надлежните порачуваат дека многу е важно утре да почне наставата и да се најде начин да се надомести пропуштеното. Дел од штрајкувачите, пак, се свртеа против СОНК незадоволни од договорот за покачување на платите

Erster Schultag in Nordmazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, очекува по прекинот на штрајкот утре да продолжи наставата во основните и средните училишта и учениците да се вратат во училишните клупи. Конечна одлука се уште не е донесена, откако дел од членовите на синдикатот денеска излегоа на протест незадоволни од договорот којшто СОНК го постигна со Владата за зголемување на платите за 12 проценти. Нивното првично барање беше да се зголемат платите за 18,4 проценти.

„Ќе разгледаме секаков вид на можност за менаџирање на ситуацијата заедно со Бирото за развој на образование и со наставниот кадар. Но, за мене многу е важно утре да започне наставата во сите основни и средни училишта“, изјави Шаќири. Со планираниот колективен договор ќе има исплата на К-15 и ќе се разгледаат можностите за надомест на патните трошоци на сите што патуваат во подалечни подрачја. Советот на СОНК треба да пресече дали и кога наставниците и учениците ќе се вратат во училиштата. 

Незадоволство од договорот

Членови на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) денеска пред седиштето на СОНК изразија незадоволство од постигнатиот договор и најавите за прекин на штрајкот. Реагираа и од Регионалниот одбор на СОНК во Охрид. Катерина Крстеска во изјава за МИА вели дека повеќе од 87 проценти од штрајкувачите во образованието и градинките во Охрид не се задоволни од понуденото решение од Владата и се за продолжување на штрајкот до исполнување на барањата.

Според неа, 87, 3 проценти од 692 штрајкувачи биле за продолжување на штрајкот, 7,5 отсто се против штрајк, а 5,34 биле воздржани или од различни причини не се изјасниле.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека се шпекулации информациите дека е потпишан договор со Владата и дека било поткупено раководството на синдикатот. „Едно е јасно. Вчера бевме во Влада и во изјава за медиумите кажавме дека разговаравме и дека останува на членството да се произнесе по предлозите. Поради тоа, се уште се држат состаноци и се сондира мислењето на членството. Бидете сигурни дека ќе бидат јавни и транспаретни одлуките на членството“, им порача Неделков на членовите. 

По две недели штрајк, раководството на СОНК вчера се договори со Владата платите да бидат зголемени за 12 проценти почнувајќи од јулската плата, откако првично беше одбиен владиниот предлог за зголемување од 10 проценти.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми