1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талат Џафери: Ако сакаат ново мнозинство, фер е да кажат!

14 февруари 2020

Секој на мое место би се запрашал „каква е намерата“, ако изјавата за ново мнозинство не доаѓа од кого било, туку од Генералниот секретар на СДСМ, вели претседателот на парламентот

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Денеска во 11 часот треба да продолжи седницата на која се расправа за предлог законот за Јавното обвинителство. Таа синоќа беше прекината од претседателот на парламентот, поради немање услови да продолжи, бидејќи за збор во расправата се јавиле 38 пратеници. Но она што го привлече вниманието беше повикот на Џафери, партиските лидери да се изјаснат дали имаат желба изборите да се одржат на 12-ти април.

„Се додека примам пораки дека има можност да се создаде  друго мнозинство дека ќе биде поуспешно, јавно ги повикувам партиските лидери доколку сериозно мислат дека имаат потреба да создадат друго мнозинство, јавно ќе организирам преку мојата покана во текот на утрешниот ден да има лидерска средба согласно Пржинскиот договор, согласно договорот за предвремените избори од 12-ти април, да потврдиме дека има желба изборите да се одржат на 12-ти април“, рече Џафери.

Ваквиот повик уследи и откако Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, во гостување на ТВ „21“ изјави дека ако опозицијата го оневозможува гласањето на важните закони, тогаш се отвора опцијата за формирање ново парламентарно мнозинство и избори во редовен термин. 

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо НиколовскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Не сме венчани!

Претседателот на Собранието вели дека направил се што е во негова надлежност.

„Јас ли сум виновен што оставија важни закони да се усвојуваат во последните два дена пред распуштање на парламентот?", вели Џафери во разговор за ДВ.

„Сите закони кои ги сметаат за приритетни се ставени на дневен ред. Оној за ЈО го доставија на 10-ти февруари, а знаеја дека на 11-ти имаме ратификација на Северноатлантскиот договор. Од септември преговараат за Јавното обвинителство, и јас ли сум виновен што сѐ се собра во два дена? Јас не продавам време и не располагам со екстра време. Не знам кој со кого се расправа и за што се убедува, но ако сакаат ново парламентарно мнозинство, ред е да дојдат и да кажат, а не да се расправаат преку мене. Нека објаснат зошто пред шест месеци се договорија да има избори на 12 -ти април! Ако не сакаат избори, ако сакаат ново мнозинство, нека кажат. Не сме венчани. Но, ако со тоа се вратиме во периодот на политичката криза каква што беше во 2015 година, тоа ќе биде нивен проблем“, вели Џафери.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Вели дека секој на негово место би се запрашал „каква е намерата“, ако изјавата за ново мнозинство не доаѓа од кого било, туку од Генералниот секретар на СДСМ.   

„Јас седницата за распуштање на парламентот веќе ја закажав за во недела, 16-ти февруари. Ако некој не сака да се распушти парламентот, нека гласа против. Јас како претседател на парламентот имам обврска да ги обезбедам роковите за изборните дејства. Тоа е индивидуален акт и моја индивидуална одговрност, односно сносам поединечна кривична одговрност доколку не го обезбедам тоа“, вели Џафери.

Услови за демократска процедура

Што изјави синоќа Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски? 

„Доколку во Собранието се продолжи со тактизирање и ако на било кој начин се оневозможи гласање на важните законите, а особено Законот за јавно обвинителство, изборниот законик, Законот за одбрана разрешувањето на Мизрахи, во тој случај постои реална можност ние да направиме ново парламентарно мнозинство, а потоа и нова стабилна влада која ќе организира редовни парламентарни избори“, изјави Николовски.

Тој потенцираше дека најважно е да се обезбеди демократска процедура за гласање на Законот за јавно обвинителство.

„Никој не смее да се дрзне одново да блокира и опструира. Без разлика дали има или нема мнозинство за законот, мора да се обезбедат услови за гласање. Овој Закон за јавно обвинителство има поддршка од Европската Унија, од САД и претставува основа за правна држава и за владеење на правото", рече Генералниот секретар на СДСМ.

Притоа ги повика сите политички партии да овозможат гласање на законите.

„Ние не би сакале да дојде до редовни избори затоа што веќе имаме закажано термин за предвремени, но се наоѓаме во ситуација во која структури не опструираат, односно прават се да не дојде до гласање. Со ова се опструира правдата и се враќа државата назад. Тие структури ги знаете, се плашат од иднината соочени со криминал и пресуди“, изјави Николовски.

Фотографија: DW/V.Kalinski

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека тоа е знак на нервоза.

„Не би го коментирал овој господин. Мислам дека текстот е напишан од неговиот претседател. Срамот е огромен и се бара начин луѓето да се скријат од одговорност. Јасна е намерата на Заев по која било цена да ги одложи изборите или на насилен начин со пазар. Ова е знак на нервоза. Да видиме како ќе се одвиваат работите и ќе имаме соодветен одговор“, изјави тој.

Веќе извесен период пратеници тврдат дека се под силен притисок и разни заплашувања да не гласаат за законот за ЈО. Синоќа на пратеничката Емилија Александрова од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ која го поддржува законот за ЈО, и бил оштетен автомобилот на паркингот пред Собранието.

Засега нема информации дали пратениците ќе се охрабрат и ќе ги пријават заплашувањата.

Денеска, покрај 135-тата седница на која од 11 часот ќе се расправа за предлог законот за ЈО, во 15 часот е закажана и 136-тата седница, на чиј дневен ред е Предлог за разрешување на министерката Рашела Мизрахи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми