1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талат Џафери во вкрстен оган

ДТЗ
25 мај 2022

Собранискиот спикер е под притисок на опозицијата да поднесе оставка откако се појави аудио-снимка како разговара со собраниските служби. Џафери не се извини, туку им порача на службениците да работат место да шетаат.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Собранискиот спикер Талат Џафери веќе две недели е во вкрстен оган и притисоци да поднесе оставка откако во јавноста се појави снимка на која се слуша неговиот глас како им се обраќа на вработени во собраниските служби по завршување на седницата. „Џафери ги пцуеше и малтретираше вработените, а сега нема храброст да се соочи со своите постапки за да не мора да поднесе оставка“, реагираше во средата опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако претседателот на македонското Собрание порача дека не чувствува потреба да им се извини на вработените во собраниските служби за кажаните зборови. Тој напротив им порача дека треба совесно да ги извршуваат работните задачи за кои се платени. 

Злоупотреба на позицијата 

Дали Џафери ја злоупотребил позицијата и се изживувал со вработени во Собранието? Опозицијата тврди дека пцуењето и дивеењето на Џафери одело во живо на Собранискиот канал, па целата јавност можела да слушне како се изживува со вработените во Собранието „кои молчат и ги трпат неговите навреди“.

„Ароганцијата и забеганоста немаат нација, но имаат име и презиме – Талат Џафери! Оставка!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Тие се децидни дека претседателот на Собранието „ги малтретира и се изживува со луѓето кои му се подредени во хиерархија, а кога треба да се соочи со своите постапки, велат, нема храброст да признае и да си поднесе оставка“. 

ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање до претседателот на собраниската Комисија за деловнички и етички кодекс, да свика седница на која ќе се расправа за спорната аудио - снимка. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Незадоволство 

Но, собранискиот спикер не чувствува потреба да им се извини на вработените во собраниските служби. Тој вели дека меѓу другите надлежности, негова обврска е и да ја следи работата на службата и да создаде услови за нејзина работа. 

„Ако некој мисли дека службата треба работното време да го помине на улица ‘Македонија’, претпоставувам дека граѓаните не посакуваат таква служба, ниту во Собранието ниту во која било институција“, изјави Џафери на средба со новинарите. Своето незадоволство од работата на службите го објасни со тоа што тие ги имаат сите предуслови за работа, а собраниските службеници имаат и повисока плата за 20 отсто во однос на своите колеги од други институции.

„Не барам ни помалку ни повеќе. Да бидат на свое работно место колку што е пропишано - осум часа“, вели Џафери и додава: „При вршење на моите должности не сметам дека сум прекршил нешто, другото е прашање на јавноста“. 

Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски од НСДП, по снимката што беше објавена,  оцени дека станува збор за политичка пресметка и тврди дека Џафери имал секогаш одлична релација со службениците од Собранието. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на 19 мај порача дека постапката поврзана со снимката на која се слуша гласот на Џафери, треба да се одвива во законодавниот дом, кој е независен од извршната власт. 

ВМРО-ДПМНЕ поднесе барање до претседателот на собраниската Комисија за деловнички и етички кодекс, да свика седница на која ќе се расправа за спорната аудио - снимка.  

Несекојдневните методи на Талат Џафери

01:48

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми