1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талат Џафери: Моите одлуки ги диктира законот

5 февруари 2020

Уставот е јасен, вели претседателот на парламентот, укажувајќи на законските рокови за сите изборни дејства. Тие рокови не може да се кратат, дециден е Џафери.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Битката за последниот предлог на закон за Јавното Обвинителство, чие неусвојување лидерот на СДСМ го стави во директна корелација со можноста Собранието да не се распушти на 12-ти февруари, не ќе може да се води преку скратување на законските рокови предвидени за изборниот процес. Ваквиот заклучок произлегува од законски пропишаните рокови, кои не може да се скратат од 60 на 45 дена, со цел парламентот да добие дополнителни 15 дена за работа, како што се заложи Заев.

На ваквите аспекти укажува претседателот на Собранието, Талат Џафери, во разговор за Дојче веле. Тој потсетува и дека сѐ уште не е завршена 108-та собраниска седница од 27-ми август 2019 година, на чиј дневен ред остана претходна верзија на предлог-закон за Јавното Обвинителство. За тој предлог беа поднесени 50-тина амндмани, а десетина веќе беа усогласени во Комисијата за европски прашања.

„Ако го усогласат тој текст, таа седница може да продолжи. Но, ако достават и нов предлог, не е спорно веднаш да свикам нова седница, бидејќи ние сме во постојано заседание, и кога станува збор за итни потреби ќе биде пуштен по скратена постапка“, вели претседателот на Собранието. 

Повеќе:Златната резерва на парламентот - 9 или 15 дена?

Нема играње со законските рокови

Но, Џафери не се согласува дека парламентот за дополнителна работа може да „украде“ 15 дена од законски предвидените 60 за изборниот процес.

„Лидерите на парламентарните партии заедно се договорија да се одржат избори на 12-ти април, и тогаш знаеја кои закони се битни за донесување пред да се распушти парламентот. Сега во последен миг се пласираат идеи кои се косат со законските рокови за изборните дејства. Уставот е јасен: избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Институциите треба да работат според закон, а не според желби. И јас сум член на партија, и на партијата ѝ кажувам какви се роковите. Не е дека сакам да опонирам, туку мора да ги почитувам нормите", вели Џафери.

Според него, тие 60 дена се исполнети со изборни дејства, за кои роковите не може туку така да се кратат. Дури и парламентарните партии да се договорат зa одложување на распуштањето на парламентот за неколку дена, прашањето е што е со вонпарламентарните партии?

„Како претседател на Собранието јас потпишувам индивидуален правен акт за распишување на изборите, по што почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија. Вонпарламентарните партии може формално да го оспорат мојот акт, затоа што не е обезбеден законскиот рок за изборни дејства“, потенцира Џафери.

Ако евентуално и има простор да се скрати рокот за увид во Избирачкиот список од 20 на 15 дена, за другите изборни дејства тоа е невозможно.

„Може ли да има независни листи, кои имаат временски рок за собирање потписи? Може. Како ќе им го скратите тој рок? Тука се и законски определените рокови за жалбени постапки до ДИК, до Управниот и до Вишиот управен суд. Можете ли ним да им речете дека денеска мора да донесат одлука? Не. Има роковник, кој точно ги овозможува сите непоходни дејства. И оној рок од 51 ден кој го спомнувам како минимален за реализирање на изборните дејства, е речиси на граница на ризик ‘до минута'. Што ако падне елeктронскиот систем на ДИК? Не ќе може да ги прими листите“, предупредува претседателот на Собранието, и порачува - должен сум да го спроведам она што ми го диктира законот!.

Министерството за правда му одговори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ: Поднесете амандмани на текстот на законот, сѐ друго е алиби за негово недонесувањеФотографија: DW/P. Stojanovski

Без консензус

Законот за ЈО и натаму останува камен на сопнување меѓу власта и опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека неговата партија не е против закон за Јавно обвинителство, туку е против партиски закон со кој ќе се заштити криминалот. Тој предложи законот да биде напишан од експерти по уставно и казнено право.

„Секое законско решение мора да биде производ на консензус, но и во дослух со експертската јавност. Законот што експертите ќе го предложат, ВМРО-ДПМНЕ безрезервно и без двоумење ќе го прифати“, рече Мицкоски, кој предложи тим од шест експерти кои би работеле на законот.

Овој предлог на опозицијата не беше прифатен. Од Министерството за правда одговорија дека законот се изготвувал долг временски период од работна група во која учествувале домашни експерти, научната јавност, јавни обвинители, странски експерти, па дури и странски јавни обвинители кои давале сугестии и мислења.

„Законот е уште на маса, и ако ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, ги повикуваме да подготват амандмани на овој текст. Сè друго е алиби за недонесување на законот и за избегнување на правдата“, одговорија од Министерството за правда.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми