1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талибанците напредуваат – вината не ја одминува ни Германија

Сандра Петерсман
11 август 2021

Безусловното повлекување на НАТО од Авганистан ги охрабри талибанците и повторно ја разгоре граѓанската војна. Германија сега е должна на небирократски начин да му помогне на локалното население, смета Сандра Петерсман.

Afghanistan | Bildergalerie | Truppenabzug
Фотографија: NOORULLAH SHIRZADA/AFP/Getty Images

Развојот на ситуацијата на авганистанското бојно поле допушта само една вистина: најдолгата американска војна, во која со големи трошоци учествуваше и НАТО, е загубена (буквално: пропадната). Во изминатите неколку дена милитантните исламистички талибанци успеаја да заземат повеќе провинциски престолнини во северниот дел од Авганистан. Меѓу нив е и Кундус, главниот град на истоимената покраина, во која германскиот Бундесвер беше задолжен за безбедноста долга низа години.

Талибанците како победници

Бидејќи стана јасно дека САД и нивните партнери од НАТО безусловно се повлекуваат, талибанците се почувствуваа како победници и така и настапија. Бројот на цивилни жртви драматично се зголемува. Според податоците на ОН, речиси една четвртина милион луѓе се решиле на бегство во периодот меѓу мај и јули, со тенденција на пораст. Многумина бараат сигурност во главниот град Кабул, други решија да тргнат кон Европската унија преку соседните земји Пакистан и Иран.

Авганистанската граѓанска војна, која трае четири децении, никако да заврши, напротив – повторно се распламте. Во суштина станува збор за прашањето: треба ли Авганистан да биде фундаменталистичка религиозна држава или не. Како можеше да се случи сево ова и како работите излегоа од контрола?

Прашање на вина

Коалицијата предводена од САД пропушти да преговара со талибанците кога беа најслаби. Тоа беше непосредно по нивниот пад во зимата 2001. година. Западните демократии арогантно ги игнорираа корените и причините на авганистанскиот конфликт и ги засноваа своите воени и политички акции исклучиво врз национални и внатрешнополитички фактори. 

На почетокот главниот фокус на САД беше одмазда за терористичките напади од 11. септември 2001. година и лов на Осама бин Ладен.

Во Германија исто така беше важно солидно застанување на страната на најважниот сојузник- САД и помош во обновата на Авганистан. Тоа беше најдобар начин за на гласачката популација да ѝ се „продаде“ германската мисија во Авганистан. 

Сандра Петерсман, автор на коментаротФотографија: DW/R. Oberhammer

Останатото е историја. Талибанците во пакистанско-авганистанското подрачје се консолидираа. Западната алијанса склучи сомнителни партнерства со брутални војсководачи, овозможувајќи корупција и злоупотреба на положбата и ја пренесе војната во авганистанските села. Војната во Ирак го оттгрна вниманието од Авганистан и доведе до нов терор. Годините минуваа, во ниеден момент немаше јасно излезно сценарио со јасни цели, а американската војска доследно доминираше со политиката и дипломатијата.

Безусловно повлекување

И потоа во летото 2018. година токму американскит претседател Доналд Трамп, од внатрешнополитички причини, започна формални преговори со талибанците, без вклучување на избраната авганистанска влада, без многу обѕири кон партнерите од НАТО. Неговиот наследник Џо Бајден го зацементира безусловното повлекување. Образложението: Авганистан веќе не претставува меѓународна терористичка закана. Дали тоа е точно, ќе покаже времето.

-повеќе: 

Продолжува блиц-офанзивата на талибанците во северен Авганистан

Неуспехот на Западот во Авганистан, Ирак, Либија

Авганистан: Крај на сонот за извоз на демократија

Германските војници заминаа од Авганистан - успех или капитулација?

Се чини дека е исклучено враќање на трупите на НАТО на авганистанското боиште. Она што САД и нивните сојузници сега можат да направат е вршење максимален политички и финансиски притисок врз талибанците. И ним ќе им требаат пари и помош ако ја преземат власта во Кабул. Тоа неизбежно значи и соработка со комплицирани партнери како Пакистан, Иран, Кина и Русија. На сите мора да им биде јасно дека брзото напредување на талибанците не може да се објасни и не би било можно без помош од Пакистан.

Морална одговорност

А Германија? Германија има морална должност брзо и небирократски да им помогне на луѓето кои соработуваа со германските војници и цивилни организации. Многу од нив би станале мета на фундаменталистите како наводни предавници. Погубувањата веќе сега се реалност. Но, германската влада уште се колеба да изврши великодушна евакуација на поголем број луѓе од локалното население кое работеше за Бундесверот и на семејствата на соработниците и да ги пренесе во Германија. Тоа е срамно. Еднакво срамно е што демократска и уставна држава како Германија и натаму продолжува со присилно враќање на одбиени азиланти во држава која е во војна. Чукна часот да престане присилното враќање во Авганистан.

Време е за вистината. Војниците на Будесверот беа во политичка мисија во Авганистан, долга речиси 20 години. Пред сѐ ним и на цивилните жртви во Авганистан германската влада и парламентот им должат немилосрда и беспоштедна конфронтација со она што се случуваше во текот на најскапата и најкрвава германска мисија во странство. И тоа со цел грешките да не се повторат во други мисии, како што е моментно случајот со онаа во Мали.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми