Талибанците очекуваат крај на евакуацијата на 31 август
БГ /АФП
24 август 2021
Претставници на талибанците денеска предупредија дека нема да дозволат продолжување на рокот за евакуација на странски и домашни граѓани кој истекува на 31 август. САД под притисок за евакуациите.
Реклама
Талибанците нема да дозволат продолжување на рокот за евакуација од Кабул, и ги повикуваат западните држави да престанат со изнесувањето на обучени Авганистанци од земјата.
Повеќе европски држави се загрижени дека нема да успеат да ги изнесат своите и авганистанските граѓани од земјата до рокот на 31 август, кој го добија од талибанците. Се очекува тоа да биде главна тема и на состанокот на групата Г-7 најразвиени земји во светот, додека во истовреме расте притисокот врз претседателот на САД, Џо Бајден да издејствува продолжување.
На прес-конференција во Кабул, портпаролот на талибанците Забибула Миџахид рече дека исламистичката група нема да дозволи продолжување на рокот. Тој им порача на жените кои работат во авганистанските владини служби да останат во своите домови додека не се подобри безбедносната состојба во земјата.
САД и нивните сојузници досега извлекоа речиси 60 илјади луѓе од Авганистан, откако талибанците во само една недела ги поразија безбедносните сили и го освоија главниот град Кабул.
„Дури и доколку евакуацијата продолжи неколку дена по 31 август, нема да бидеме во можност да ги изнесеме сите луѓе кои ние и САД посакуваме“, изјави шефот на германската дипломатија Хајко Мас. Слични ставови доаѓаат и од Франција, Британија и Шпанија.
Талибанците досега формално ја поддржуваа евакуацијата, но предупредуваат дека нема да дозволат продолжување на рокот. Муџахид денеска ги предупреди САД да престанат да ги евакуираат од земјата и „авганистанските експерти“ како инженерите.
„Побаравме да го сопрат тој процес“, рече тој.
Според весникот Вашингтон Пост, шефот на ЦИА Вилијам Брнс во понеделникот остварил тајна средба со ко-основачот на талибанското движење Мула Абдул Гани Барадар во Кабул, но нема детали за што се разговарало.
Шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес денеска изјави дека безбедносната ситуација се влошува.
„Талибанците стануваат поагресивни, има пукотници и се поочигледно насилство“, рече таа.
Талибанците тврдат дека нема да владеат како во периодот од 1996 до 2001 година и објавија амнестија за сите владини службеници и припадници на безбедносните сили.
Жените во Авганистан пред талибанците
Шармантни и модерно облечени, слободни и со кренати глави: вака изгледаа жените во Авганистан некогаш. Фотографиите што ги прикажуваме овде се направени во 1960 и 1970 години во главниот град на Авганистан, Кабул.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Модернизација
Оваа фотографија, направена есента 1962 година, прикажува две авганистански жени пред зградата на Радио Кабул. Всушност, жените во Авганистан за првпат добиваат права во 1920-те години за време на владеењето на кралот Аманулах. Била промовирана еднаквост на жените, а семејствата биле охрабрувани да ги испраќаат своите ќерки во училиште.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Студентки по медицина
Иако обидот да ги интегрира жените во општеството на кралот Аманулах завршува неуспешно, таквата политика продолжува повторно по Втората светска војна. Во 1959 година за првпат две жени се „откриваат“ во јавност- тоа се кралицата Хумаира и принцезата Билкис. Примерот потоа го следеа и многу други жени во урбаните средини, како овие студентки по медицина во Кабул во 1962 година.
Фотографија: Getty Images/AFP
Уставот од 1964
Две студентки по медицина разговараат со својата професорка. Фотографијата е снимена во 1962 година во Кабул. Уставот од 1964 година им дава еднакви права на жените во Авганистан, иако дел од нив можеле да се вклучат во општествениот живот и претходно.
Фотографија: Getty Images/AFP
На аеродром
На оваа фотографија од 1967 година се четири модерно облечени жени пред зградата на аеродромот во Кабул. Сепак, ваквите слики биле забележувани само во урбаните центри на земјата. Во руралните региони, жените ретко уживале било какви права поради патријархалните сфаќања и племенските обичаи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Стјуардеси
Ова е женскиот персонал на државната авиокомпанија „Аријана Афган Ерлајнс“ фотографирани во 1970 години.
Фотографија: parsine
Студентки
Студентки на Политехничкиот универзитет во Кабул: во средината на 1970 години тоа било нешто сосема нормално во урбаните центри. Само дваесетина години подоцна на жените ќе им биде забране пристапот до тој универзитет, но и до образованието воопшто.
Правата на жените во Авганистан доживуваат процут за време на комунистичкото владеење од 1978 година. Се прави обид таквата политика да се прошири и на руралните региони каде истата наидува на жесток отпор од конзервативците. На фотографијата: мајка со своите две деца во Кабул.
Фотографија: Getty Images/AFP
Советска окупација
Студентки и студенти во Кабул во 1981 година: Советската окупација на Авганистан претставува еден од најтешките периоди за земјата, но комунистичката управа им дава еднакви права на жените и го форсира нивното образование и вработување. До 1991 година повеќе илјади жени биле дел од процесот на високо образование- имало 190 професорки и над 22 илјади учителки.
Фотографија: Getty Images/AFP
Ерата на талибанците
Правата на жените им се одземени по крајот на граѓанската војна во 1996 година и прогласувањето на Исламската држава. Под власта на талибанците, жените мораат да носат бурка и да бидат придружувани од член на семејството. Дури и по падот на талибанците, многу жени плашејќи се од последиците продолжуваат целосно да се покриваат, како што покажува оваа фотографија од 2002 година.