1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Талибанците ја менуваат стратегијата

Флоријан Вајганд
12 ноември 2016

Откако си го припишаа нападот врз германскиот конзулат во Мазар и Шариф, радикално исламистичките Талибанци ја презедоа одговорноста и за денешниот напад во најголемата американска база во земјата.

Afghanistan Explosion in der Nähe des deutschen Konsulatsbüros in Mazar-i-Sharif
Фотографија: Reuters/A. Usyan

Четири лица загинаа во силната експлозија во американската воена база на аеродромот Баграм во близина на Кабул. Авганистанските власти соопштија дека нападот го извел бомбаш самоубиец кој како локален работник влегол во базата. Одговорноста за нападот во најголемата американска база во кој се повредени уште 14 лица ја презедоа Талибанците, кои ја засилуваат својата офанзива пред настапувањето на зимата, кога вообичаено стивнуваат воените дејствија. Тие ја презедоа и одговорноста за завчерашниот напад врз германскиот конзулат во Мазар и Шариф, најголемиот град во северен Авганистан. За првпат цел на Талибаните не беа војници, туку дипломати.  Зошто Германци, и зошто дипломати- значи цивили, а не војници? На тоа прашање по нападот на Генералниот конзулат на Германија во Мазар и Шариф одговорија самите Талибанци: причина е нападот на американската авијација на едно место во близината на Кундуз во почетокот на ноември- во кој се убиени повеќе од 30 цивили. Иако американските авиони фрлија бомби, својата цел ја нашле благодарејќи на „информациите од германските војници“, како што рече еден портпарол на исламистите.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Google

Тоа, секако, може да биде и чиста пропаганда. Но, ако е точно тоа што го велат Талибанците, тогаш во Германија би можело да започне дискусија. Германските војници веќе еднаш пратија информации на американските единици- истотака со фатални последици. Во септември 2009. година, полковникот на Бундесверот Георг Клајн ги насочи американските бомбардери на еден камион-цистерна кој го запленија Талибанците. Околу камионот се собра населението од блиското село. Камионот е ракетиран, а загинаа околу 100 цивили. Меѓу нив имаше и деца.

Нападот од пред неколку дена на едно друго село во близината Кундуз, е навистина од поинаков карактер. Талибанците очигледно влегле во куќите, а можно е и да ги искористиле нивните станари како жив штит. Но, и тука загинаа 30 луѓе- и повторно меѓу нив имаше жени и деца, па и бебиња.

Дипломатите како соборци

Останува да се види дали тие важни но суптилни разлики ќе имаат значење во надворешниот дискурс. Жртви на одмаздничката акција се за првпат цивили, а не војници. Талибанците за своја освета го одбраа токму германското дипломатско претставништво. Мораме да констатираме дека често нагласуваната разлика помеѓу војници и цивили како мета на напад- веќе ја нема. Дипломатите, како претставници на една НАТО држава, важат за соборци на непријателот. Само поради храбрата реакција на чуварите и војниците, и со многу среќа, не му се случи ништо на ниту еден дипломат.

Флоријан Вајганд, автор на коментарот

И тоа отвора нови прашања: Берлин ќе мора добро да размисли за тоа како ќе го продолжи својот ангажман. Кој може да тврди дека наредниот пат нема да бидат нападнати германските организации за развојна помош?

Мора да биде поставено уште едно, последно, прашање: Мазар досега важеше за едно од најсигурните подрачја во Авганистан и како место во кое можеа да бидат вратени авганистанските бегалци кои не добиле дозвола за престој во Германија. Германија стори многу овој град повторно да стане место вредно за живеење. Изградени се болници и училишта, соработката со локалниот гувернер е одлична, а во бедниот полскиот логор на аеродромот се’ уште се стационирани германски војници.

Жртви на вчерашниот (10.11.) напад беа Авганистанци. Околу 100 луѓе беа повредени од урнатини. Имаа несреќа да се најдат на една жива улица во центарот на градот. Ако веќе и задржувањето во сенка на едно германско претставништво е опасно по живот, што е тогаш воопшто сигурно?

Загинати и повредени во нападот врз германски конзулат

00:33

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми