1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тачи ја брани акцијата на специјалците

27 јули 2011

Косовскиот премиер вели дека не станувало збор за провокација. Во меѓувреме е реализиран договорот за повлекување на специјалните единици на косовската полиција и отстранување на блокадите од патиштата.

Косовскиот премиер, Хашим ТачиФотографија: picture alliance / dpa

„Ситуацијата е стабилна и мирна. Народот е собран на неколку места. Делот од договорот за повлекување на припадниците на специјалните единици на Косово е остварен, како и за блокадите на патиштата“, изјави Стефановиќ. Тој со командантот на КФОР, Ерхард Билер треба уште да се договори за воспоставување на „иста етничка структура“ на премините и дека со тоа ќе биде решена настанатата криза на северот од Косово.

Косовските специјалци вчера со хеликоптер беа префрлени во базата на КФОР во близина на административниот премин Јариње. Стефановиќ на новинарите им кажа дека е договорено на тој премин кон централна Србија и на преминот Брњак да се вратат припадниците на косовската полиција од српска националност, кои таму работеле пред косовските специјалци да се обидат да ги преземат премините.

Преминот Јариње: локалното српско население ноќеска ги чуваше барикадитеФотографија: dapd

Еден загинат и повеќе повредени

Ноќта на северот од Косово помина мирно, а локалните Срби останаа на барикадите. Општинските совети во Косовска Митровица, Звечани, Лепосавиќ и Зубин Поток одлучија да ја ограничат работата на продавниците и рестораните од 7 до 15 часот, поради влошената безбедносна ситуација. Во вчерашниот судир на Србите со косовските специјалци еден полицаец загина, а повеќе лица беа повредени.

Началникот на косовско-митровачкиот регион, Раденко Недељковиќ, бара да се преиспита улогата на ЕУЛЕКС и КФОР во обидот на косовските специјалци за заземање на преминот, бидејќи на терен се појавиле 12 часа по почетокот на акцијата. Според него, меѓународните фактори треба да извлечат поука дека не може да се игра со интересите на Србите во косовските институции.

Уставот на прво место

Акциите на косовската полиција на северот од земјата не треба да се сфаќаат како провокација, туку како чекор кон контрола на царината на косовската граница, рече премиерот Хашим Тачи.

„Нема да правиме каков било компромис со никого за безбедноста на нашата земја, како и за нашите уставни права и закони. Нашата одлука е легитимна и во согласност со меѓународните стандарди. Косово со легитимитет работи на отворање на границите, а не на нивно менување. Одлуката од понеделникот не беше лесна, но беше фер и неопходна, бидејќи не можеме да бидеме индиферентни и толератни кога би се дискутирало за нашата сувереност и дел од нашата земја да биде користен од контрабанда“, изјави косовскиот премиер.

„Мораме да ја зачуваме, како бесценето нешто, нашата соработка со меѓународните пријатели. Но, уставот на земјата и суверенитетот се свети и ја надминуваат секоја соработка“, додаде премиерот Тачи.

Критики во Белград

Српската радикална партија најави дека денеска поднесува интерпелација против владата во Белград, со која ќе бара таа да се изјасни за својата политика кон Косово и Метохија. Бидејќи партијата не може да собере доволен број потписи за вонредна седница, ќе поднесе интерпелација.

„Очекуваме во согласност со Уставот, владата да ни одговори на ова прашање во рок од 30 дена, во парламентот да се покрене расправа, сите патриотски партии да ја поддржат интерпелацијата и, доколку се случи тоа, да падне владата“, изјави заменик шефот на пратеничката група, Александар Мартиновиќ.

Радикалите го напаѓаат и претседателот Борис Тадиќ, бидејќи во вчерашната изјава не ги осудил ЕУ и НАТО, туку „во стил на размазен и извештачен американски глумец“ повикал на мировно решение.

Меѓународната заедница уверува дека не била консултирана

САД и ЕУ вчера ја критикуваа акцијата на косовските специјалци. Како ЕУ, така и САД изрази жалење што акцијата на северот од земјата не била координирана со меѓународната заедница. „Ги повикуваме владите на Косово и Србија итно да продолжат да работат на намалување на напнатоста и ублажување на моменталната ситуација. Бараме од сите страни да се воздржат од насилство“, се вели во соопштението од Стејт департментот.

Автор: Александар Методијев/ Бета/ Ројтерс/ Макфакс

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми