Тајланд: Надежта за среќен крај сега е огромна
10 јули 2018Почна најверојатно последниот дел од спасувачката акција во Тајланд. Според наводи на властите, акцијата почнала во 10 часот по локално време (5 часот по средоневропско време). Целта е до вечерва да бидат извлечени сите преостанати момчиња во пештерата, како и нивниот тренер. Тие во поплавената пештера се 17 дена.
Повеќе: Тајланд: Спасувањето продолжува, секоја грешка може да е кобна
На меѓународниот тим специјални нуркачи досега му успеа да извлечат осум момчиња. Во регионот на северот на Тајланд, на границата со Мјанмар, денеска повторно има големи дождови. Акцијата на спасување е и борба против временските неприлики и против времето. Во овој дел на Азија во тек е сезоната на монсуни. Се стравува дека поради дождот, нивото на водата може многу бргу да се покачува, што практично би ја оневозможило акцијата на спасување.
Во меѓувреме, надежта за среќен крај на драмата е огромна. Сепак, се предупредува дека непосредно пред целта не треба да се биде прехрабар. Во третиот дел од акцијата учествуваат 19 нуркачи, главно од странство. Гувернерот најави дека последниот дел од акцијата ќе трае веројатно подолго од претходните два, значи подолго од 11 часа.
Повеќе: Драмата во Тајланд и потрагата по сочувство
Покрај четирите преостанати момчиња и тренерот, треба да се извлечат и четворица спасувачи. Меѓу нив е и еден австралиски лекар, кој е таму да пружи прва помош, доколку е тоа неопходно. Меѓу преостанатите момчиња е и најмладото во тимот, кое има само 11 години.
Се претпоставува дека од пештерата последен ќе биде извлечен 25-годишниот тренер на фудбалскиот тим, кој ги однесол децата во пештерата наспроти предупредувањата.
Момчињата кои се веќе на сигурно, сѐ уште се наоѓаат во болницата во главниот град на провинцијата, Чианг Раи. Сместени се во еднокреветни соби. Лекарите информираат за мали инфекции на белите дробови кај две деца. Меѓутоа, сѐ на сѐ, здравствената состојба на децата е добра. Никој нема покачена температура. Првите извлечени четворица веќе можеа да ги видат и своите семејства, но само преку стакло. Сите осуммина ќе останат во болницата на набљудување уште една недела.