1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Тајните германски документи за распадот на Југославија

Михаел Мартенс (ФАЦ)
1 март 2022

Од почетокот на годинава се достапни документите на германското МНР за признавањето на независноста на Словенија и Хрватска во 1991 година. Ја потврдуваат ли тезата за вината на Германија за распадот на Југославија?

Helmut Kohl und Hans-Dietrich Genscher in Bonn 1991
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дали Германија е виновна за избивањето на војните на просторот на поранешна Југославија? Дали германската политика е одговорна за распадот на една држава, за повеќегодишното крвопролевање со бројни масакри, за над 120.000 мртви и стотици илјади протерани и бегалци? Ако оние што обвинуваа беа во право, тоа би значело дека Сојузна Република Германија е агресивна бандитска држава која безмилосно започнува војни. 

Грубо кажано, токму ова го тврди легендата која веќе со децении се шири во разни верзии, но во основа секогаш се зборува за тоа како Германија во 1991 година со „прераното признавање на Хрватска и Словенија“ го иницирала крвавиот распад на Југославија. Во зависност од заговорниците, овој наратив се протега до денес, така што Берлин може да се смета за делумно одговорен и за актуелните спорови на Балканот.

Но заговорниците на тезата за посебната деструктивна улога на Германија до сега беа лишени од еден централен извор - досиејата зачувани во политичкиот архив на германското Министерство за надворешни работи не беа достапни. Тие се отворени за јавност дури од почетокот на годинава, по изминување на вообичаениот 30 годишен период на блокада. Секој кој ќе го проучи материјалот ќе види дека нема никакви индикации со кои би се поткрепиле тврдењата дека Бон намерно довел до распадот на Југославија во 1991 година. Сосем спротивното – стотици извештаи за состојбата на теренот од германската амбасада во Белград и генералниот конзулат во Загреб, белешки, транскрипти од состаноци во кабинетот на министерот, записници од разговорите на Кол и Геншер со српскиот претседател Слободан Милошевиќ, неговиот хрватски пандан Фрањо Туѓман и други актери во Југославија, сугерираат дека Бон долго, дури предолго не сакал да увиди дека југословенската држава која, со децении е перцепирана како неврзан фактор на стабилноста, не можела да се спаси, и поради тоа што властите во Белград, Загреб и Љубљана од различни причини воопшто не сакале да ја спасат. 

Западните земји немале интерес за распад на Југославија, покажуваат документитеФотографија: DW

Сепак точно е дека германската позиција се промени под влијание на ескалацијата на конфликтот. Ставот кој сè уште цврсто се бранел на почетокот од 1991 година, дека Југославија мора да се задржи по секоја цена, постепено се губел, иако, пред се германската амбасада во Белград, се држела до фикцијата дека југословенската држава може да се спаси и против волјата на нејзините најголеми народи. Со оглед дека тоа од ден на ден се покажуваше како сè поилузорно, есента 1991 година преовлада другата линија. Кол и Геншер дошле до заклучок дека признавање на Словенија и Хрватска ќе биде помалото зло во југословенската драма. После тоа беа и подготвени – и од овој аспект приказната за самостојно германско делување донекаде е точна – да го бранат својот став од приговорите од Вашингтон, Лондон и Париз.   

Интерес на Западот е зачувување на Југославија   

Но, на почетокот, од 1991 година Бон сѐ уште следи една друга линија. Меѓу многуте документи кои го докажуваат тоа е и белешка од Министерството за надворешни работи од 4 јануари 1991 година, изготвена во рамки на претстојните француско-германски консултации на кои требало да се зборува и за усогласување на ставовите околу Југославија. Во неа се наведува германскиот став: „Во интерес на европската стабилност, интересите на Западот и понатаму мора да бидат насочени кон зачувување на Југославија.“ Така било и на крајот од месецот кога германскиот амбасадор во Белград, Хансјорг Ајф напишал извештај до Бон во кој го сумирал петминутниот разговор којшто го водел со Фрањо Туѓман во Загреб. Во стандардно шифрираниот текст, кој е примен во Бон на 30 јануари, амбасадорот известува дека Туѓман по разговорот одлетал за Виена, „каде бил примен од  претседателот Валдхајм и канцеларот Враницки.“ Во Бон во тоа време сè уште категорично одбиваат средба со Туѓман на највисоко ниво, за да не бидат обвинети за мешање во внатрешните југословенски работи. Ајф сугерира дека е можеби добро Бон да го следи примерот на Виена и да размисли за „попуштање на досегашниот став“. Но, тоа не наидува на добар прием во Бон. Еден службеник - веројатно Михаел Либала, шеф на одделението за Балкан во германското МНР – го коментира предлогот со помалку цинична забелешка: „Австрија НЕ ни е мерило!“.  

Како „Шпигел“ ја раскажа Југославија

Пропаднаа и обидите на Туѓман преку индиректен пат да оствари директна средба со Кол и Геншер. За тоа сведочи извештај на германскиот амбасадор во НАТО во Брисел, Ханс-Фридрих фон Плех. Тој на 26 февруари го известува Бон дека на „приватен ручек“ со амбасадорите во НАТО се зборувало и за тоа дека генералниот секретар на Алијансата, Манфред Вернер е соочен со барање од Туѓман за разговори „преку ‘приватни канали’ (очигледно преку баварските претставници).“ „Неговата негативна реакција наиде на едногласно одобрување,“ известува Фон Плех. 

Дури и кога Словенија и Хрватска на 25 јуни 1991 година прогласија независност, ставот на Бон остана негативен. Уште истиот ден амбасадорот Ајф во Белград и генералниот конзул Ханс Јулиус Болт во Загреб добија насоки од Бон под наслов „Изјави за новинари“. На сите прашања за германскиот став требало да одговорат: „Германската сојузна влада, заедно со своите партнери во Европската заедница, секогаш се залагала за зачувување на единството на Југославија на демократска основа и со почитување на човековите и малцинските права...Прашањето на признавање на независноста на Словенија и Хрватска во моментов не е тема.“ 

Туѓман бил примен во Виена, Будимпешта, Лондон и Рим, пред да биде примен во БонФотографија: Getty Images/AFP/HINA

За интерна употреба во разговорите со југословенските политичари, Бон на дипломатите им го предлага следниов аргумент: со оглед на тоа дека не може да се предвиди дали и останатите југословенски републики ќе го прифатат отцепувањето на Хрватска и Словенија, „раното признавање би било мешање во внатрешните работи на Југославија. Во секој случај, остварувањето на правото на самоопределување не може да се гледа одвоено од обврските за воздржување од еднострани дејствија на штета на останатите припадници на мултиетничката држава и настојувањата со нив да се најде спогодбено решение.“ 

Два дена подоцна, во извештајот за ситуацијата стои дека Геншер и италијанскиот министер за надворешни работи, Џани де Микелис на телефон го уверувале југословенскиот министер за надворешни работи Будимир Лончар дека „само Југославија ќе биде признаена. Двајцата министри го поддржуваат процесот на демократизација во Југославија и нејзиниот територијален интегритет.“

„Распад и повторно воспоставување на Југославија. Тези и антитези“   

Но, интерно, веќе во тоа време внатре во германското Министерство започнува да се случува промена во размислувањето. Потврда за тоа е текстот под наслов „Распад и повторно воспоставување на Југославија. Тези и антитези,“ кој има 13 страни и е класификуван како „Тајно. Само за службена употреба.“  

Против признавање на распадот на Југославија, односно залагање за некаква „обнова“ на Југославија, говори проценката дека во тој случај постои закана од војна. Во текстот се наведува дека мора да се осигура дека Хрватите и Србите „нема повторно да подлегнат на искушението и да се обидат да ја анектираат Босна и Херцеговина, вклучително и муслиманите кои живеат таму.“ 

Ханс Дитрих Геншер кај Слободан Милошевиќ во Белград, на 1 јули 1991, кога сѐ уште верувал дека Југославија може да се спасиФотографија: picture-alliance/dpa/T. Brakemeier

Покрај тоа, се вели, важно е да се вклучи Србија: „Изолирана Србија веројатно ќе покаже уште помала склоност за ревизија на својата политика на Косово, од Србија која, заедно со другите републики ќе се обидува да и се приближи на Европа.“ Затоа Југославија мора да се зачува во „некаков облик“, бидејќи “со исклучок на централна Србија, деловите во кои живеат Срби, Хрвати и босански муслимани, се толку меѓусебно испреплетени, поради што е невозможно создавање на чисти национални држави,“ се наведува во аргументацијата.   

Промена на ставот   

Но, во месеците кои следеа, во Бон сè повеќе на тежина добиваа оние аргументи во документите според кои признавањето на Хрватска и Словенија ќе биде помалото зло. Меѓу останатото, се укажувало и на драстичниот пад на авторитетот на југословенската влада, која речиси веќе и да нема никакво влијание врз републиките. Притоа, анонимните автори на студијата воопшто не се ентузијасти од извесниот крај на постоењето на Југославија: „Секако е јасно дека на меѓународната заедница, а посебно на Европската унија, ќе и биде полесно да има работа со една југословенска држава, отколку со низа мали, нужно нестабилни, а во некои случаи (Босна и Херцеговина, Македонија) едвај одржливи држави – наследнички,“ се вели во извештајот.  

Но, потоа во текстот се додава: „Ако ова биде водечко начело на нашето однесување кон поедините југословенски народи, а притоа да не покажеме барем разбирање за грижите и желбите на не-српските народи, би можеле да се најдеме под сомнеж дека цинично стоиме на страна на посилниот, значи на страна на Србија.“  

„Тврдокорна легенда“ е дека Германија ја растури Југославија

Затоа Хрватска мора на Србите да им го признае правото на „вистинска политичка автономија“ на нејзината територија, „со која се гарантира физичка заштита, како и економски и културен развој преку непречен контакт со своите сонародници во Република Србија.“ 

Ваквата промена на ставот може да се разбере пред се кога се има на ум развојот на настаните во Југославија во втората половина на 1991. Како реакција на прогласувањето на независност на Словенија, Југословенската народна армија, која тогаш веќе беше под голема доминација на Србите, се обиде во таканаречената десетдневна војна да ја поврати контролата над Словенија и југословенските граници. Геншер е огорчен. Разместување на војската „со апсолутно ништо не е оправдано“, рече тој на 1 јули воочи состанокот со Слободан Милошевиќ во Белград.   

Српското уништување на Вуковар многумина го сметаат за пресвртница во ставот на Западот за иднината на ЈугославијаФотографија: picture alliance/dpa

Туѓман во Бон: без црвен тепих   

Една од последиците на постепената промена на курсот во Бон беше и тоа што обидот на Туѓман да се сретне со Кол и Геншер веќе не се одбиваше на прва. По разговорите во Виена, Будимпешта и Лондон, и откако во Италија го прими и претседателот Франческо Косига и премиерот Џулио Андреоти, Туѓман на 18 јули можеше да дојде и на разговори во Бон. Но, во истовреме тие сакаа да се осигураат дека тој тоа нема да го сфати како потврда да германската подготвеност да ја признае желбата на Хрватска за самостојност. Во поднесокот до канцеларијата на канцеларот од 4 јули, одделението 215 на Министерството за надворешни работи, кое било надлежно за Југославија, подготвило предлози и притоа предупредило дека е важно „да се избегне било каков привид на признавање. Разговори на кои сме генерално подготвени со сите, сами по себе не може да донесат и признавање.“ 

Потоа се предлага Туѓман да се прими на најниско протоколарно ниво: „Прием на аеродромот од страна на протоколарен службеник (а не на главниот шеф на протокол). Без црвен тепих. Полициско командно возило (без почесна придружба- мотоцикли), без хрватски обележја на возилата, без хрватски знамиња. По потреба сместување во хотел (не на Петерсберг – официјалниот хотел за прием на гости на германската држава). Преземање трошоци. Разговор со сојузниот канцелар (без храна).“ Во “Предлогот за разговор“, кој за Геншер го подготвило Министерството за надворешни работи, освен тоа се сугерира дека ако Туѓман побара Германија да ја признае Хрватска, најдобриот одговор е таа тема воопшто да не се најде на дневен ред, бидејќи признавањето би претставувало „мешање во внатрешниот југословенски процес на разјаснување."  

Кога Германија ја призна независноста на Словенија и Хрватска

Но, документите од неделите кои следат потоа јасно покажуваат како ставот на Бон, без оглед на напливот вести за крвави конфликти, воени акции против хрватски и словенечки цивили, терор на српските и хрватските доброволци, непочитување на договорот за прекин на огнот и разните неуспешни рунди преговори, од крајот на летото 1991 – сè повеќе се врти во насока на признавање. Тоа било поврзано и со ефектот кој крвопролевањето на Балканот го имаше и врз медиумското известување, јавното мнение, како и расположението во партиите, вклучително и поголемиот дел од опозицијата. Особено, заменикот претседател на пратеничката група на Социјалдемократите (СПД), Норберт Ганцел, водеше кампања и во јавноста, но и зад кулисите за тоа дека е неопходно да се престане со негирање на неминовноста од распадот на Југославија.   

Хрватска и решавање на прашањата на малцинствата   

Откако војската започна со насилна интервенција во конфликтот во Хрватска – наводно „за да се раздвојат завојуваните страни“, а всушност секогаш на страната на српските доброволци – Геншер на 26 август го повикал кај него дома во Бон југословенскиот амбасадор Борис Фрлец.

„Ако примирјето не почне да се почитува веднаш, германската влада ќе мора да го преиспита прашањето за признавање на Словенија и Хрватска. Во тој случај, ќе се заложиме за тоа и во рамки на Европската заедница,“ му се заканил Геншер на овој дипломат – со што и тој се согласил. Вооружените сили на Југославија „повеќе не се народна војска, со оглед на тоа што таму веќе не се застапени Словенците, Хрватите и Македонците. Значи се работи за српска војска која врши агресија врз Хрватска,“ одговорил Фрлец, инаку Словенец – тоа стои во транскриптот од разговорот. Набрзо потоа, тој во знак на протест излегол од југословенската дипломатска служба. 

Милан Кучан ја прогласува независноста на Словенија на 26 јуни 1991 годинаФотографија: Srdjan Živulović/Bobo

Според еден друг архивиран транскрипт, Хелмут Кол, на новоименуваниот хрватски министер за надворешни работи Звонимир Шќепаровиќ, за време на разговорите во Бон на 8 октомври 1991 година му рекол дека „во долгите разговори успеал да го убеди францускиот претседател Митеран да преземе акција по ова прашање.“ Но, пресудно би било Хрватска да го реши „прашањето на малцинствата“. И навистина, за германската влада признавањето на Хрватска (словенечкиот случај бил помалку проблематичен) сега зависело од тоа дали тамошното српско малцинство ќе добие широки права – и тоа преку уставен закон кој парламентот ќе го одобри со двотретинско мнозинство. За таа цел, Геншер во ноември и „понудил“ на Хрватска да им испрати германски експерт како советник.

Со оглед на тоа дека Бон во меѓувреме станува главниот заговорник за поддршка на хрватските аспирации за независност, понудата на Геншер била таква што не би било мудар потег да се одбие. Берлинскиот експерт за меѓународно право Кристијан Томушат е испратен во Загреб со преведувач за да го анализира хрватскиот нацрт закон, и ако е потребно да побара измени и дополнувања. Како пример требало да се земе моделот на Јужен Тирол. Откако е неколкупати ревидиран, Томушат конечно му дава позитивна оценка и во деталниот извештај до Бон го оценува како „целосно избалансиран и реален“. На 4 декември, пратениците во Загреб го усвојуваат уставниот закон „За правата на етничките и националните заедници или малцинства во Република Хрватска,“ кој им е претставен како нешто за кое нема алтернатива.   

Германското „истрчување“   

Тоа не го промени текот на настаните, особено откако во ноември ЈНА го бомбардираше Вуковар и го срамни со земја. Ноќта кон 17 декември 1991 година дванаесет држави на ЕУ одлучија на 15 јануари 1992 година заеднички да ги признаат Словенија и Хрватска. Тогаш навистина дојде до германско „истрчување“ кога Германија по налог на Хелмут Кол одлуката за признавање ја објави веќе на 23 декември.

Милошевиќ, Туѓман и Изетбеговиќ последен пат заедно на потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор. Фотографија: Getty Images/AFP/J. Robine

Тоа налути многумина во Министерството за надворешни работи, вклучително и шефот на одделението за Југославија, Либала. Дваесет години подоцна во писмо до уредникот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ напиша: „Објавувањето на нашата одлука три недели порано која беше проследена и со непримерен триумфализам, се покажа како голема психолошка грешка. Германија превиде дека со тоа даде дополнителни аргументи за клеветењето на германската политика.“ Но, на самите судири во Југославија во тие три седмици немала никакво влијание.   

Југославија нема иднина   

Се подразбира дека архивата на германското Министерство за надворешни работи не може да биде единствениот клуч за разбирањето на германската улога во распадот на Југославија. 

Оставштината на Хелмут Кол, архивата на политичката фондација, францускиот Ки Дорсе, британскиот Форин офис или Министерството за надворешни работи на Србија, би можеле да пружат дополнителни информации. Тоа го сугерира и извештајот на Волфганг Ишингер од 14.мај 1991 година. 

Ишингер, тогашен германски амбасадор во Париз, известувал за разговорот со советникот на Митеран, Пјер Морел, кој забележувал дека „во делови од германскиот печат има симпатии за Хрватите и Словенците”, исто како што во Виена има сили „на кои им недостига потребната воздржаност”. Париз очигледно се плаши од пресилното германско влијание на југоистокот, известува амбасадорот Ишингер. 

Но, и според очекувањата, по анализата на повеќе од 2.500 страници од досието, во архивата на германското Министерство за надворешни работи нема никакви индиции во прилог на тврдењето дека Германија во 1991 спровела политика на систематско уништување на Југославија, продолжувајќи некоја претходна германска големодржавничка политика.

Фактите кажуваат друго: во Бон во 1991 по повеќемесечно двоумење преовладал ставот дека Југославија нема иднина - исто како ни Советскиот сојуз, кој веќе се распаднал.  

*Михаел Мартенс е германски новинар специјализиран за надворешно-политички теми. За време на 90-те живеел и работел во Украина, Русија и централна Азија. Од 2000 работи за германскиот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг”, а од 2002 е дописник за нив од југоисточна Европа. Како публицист меѓу другото објави книга “Во потрага по јунак: приказна за војникот кој не сакаше да убива” (Клио, 2013) и “Во пожарот на световите: Иво Андриќ - еден европски живот” (Лагуна, 2020). Во моментов работи на книга за распадот на Југославија, гледано од призмата на документите од архивата на германското Министерство за надворешни работи кои до скоро не и беа достапни на јавноста. Во процесот на пишувањето на книгата настана и овој текст кој Дојче веле го објавува истовремено со ФАЦ. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми