Тајната на шверцерското складиште 25
29 јуни 2016Една од тие пратки е запрена во март минатата година во Грција, под сомневање дека станува збор за шверц со цигари. Фирмата „Њу истерн менаџмент“ (New Eastern Management) натовари тогаш цигари од брендовите „Купер“, „Гр“ и „Ројал блу“, вредни 35 милиони евра на бродот „Захра“. Пратката требаше да ја прими фирма регистрирана во Бенгази- „Умал Белур Шипинг“ (Umal Belur Shipping). Бенгази тогаш беше во рацете на радикалната исламистистичка терористичка група „Ансар ал-Шеријат“.
„Захра“ плови кон исламистите
Грчката полиција за шверц во средината на март минатата година го откри и стоварија товарот од бродот „Захра“ на брегот во заливот Мјесарас на островот Крит. Тоа го пренесоа неколку медиуми во Грција и во Црна Гора.
Според официјалниот извештај на црногорската Управа на царини, „Захра“ испловил од пристаништето во Бар со цигари на 8.март 2015. година. Според документите, цигарите од тој брод требале да бидат истоварени во пристаништето во Бенгази, кое до неодамна беше под контрола на радикални исламисти. Според документите станува збор за 46.062 килограми цигари.
Од Царинската управа е соопштено дека по товарењето на бродската пратка се ставени царински обележја, по што се пломбирани со 7 царински пломби. И други 11 бродски пратки на цигари кои не се запрени, биле наменети за фирмата „Умал Белур Шипинг“ ( Umal Belur Shipping) од Бенгази.
Слободна зона во која влезот не е слободен
Во извештајот за развој на Слободна зона на пристаништето во Бар, Владата на Црна Гора од јуни 2013. година, може да се види дека фирмата „Њу истерн менџмент“ има договор со државата Црна Гора за извршување дејност во Слободната зона на тоа пристаниште. Слободната зона во 2000 година ја основаше Владата на Црна Гора, со пристаништето Бар и општината Бар.
Корисниците на Слободната зона уживаат бројни поволности предвидени со црногорскиот Закон за слободни зони- увоз ослободен од царина, царински давачки и ДДВ, складирање на стока во бесцарински режим на неограничено време, најширок можен круг на делување и потенцијални корисници, ниска даночна стапка на профит, поедноставени процедури... Во владиниот извештај пишува и дека „Њу истерн менџмент“ цигарите за промет ги складира во „магацинот 25“ во пристанишната Слободна зона.
Не е познато дали во тој магацин сѐ уште има цигари од таа фирма. Истражувачките новинари се обидоа да дојдат до магацинот 25 во пристанишната Слободна зона, меѓутоа на влезот ги запре обезбедувањето со образложение дека влезот не е слободен.
Шверцот на цигари не ги интересира полицијата и обвинителството
Според царинските документи, сите бротски пратки на цигари во либиското пристаниште Бенгази од фирмата „Њу истерн менаџмент“ се изработени во пристаништето во Бар пред да бидат запленети цигарите во Грција.
Од Царинската управа не можеа да се добијат информации дали „Њу истерн менаџмент“ и понатаму пренесува цигари на бродови за Либија. Нема никакви докази ни дека црногорската полиција и обвинителство започнале каква било истрага поради шверц на цигари преку фирмата која има магацин во пристаништето во Бар. Во долниот десен агол на царинските пријави сите пратки на цигари од фантомската фирма од пристанишната Слободната зона, може да се види и печат на барската „Оптимум компани“ (Optimum Company), чиј еден од споствениците е и Радивоје Орландиќ, некогашен јавен функционер и член на советот на општина Бар.
Босанска врска
Фирмата „New Eastern Management“ товареше неколку бренда од Грција, Обединетите Арапски Емирати и Босна и Херцеговина. Меѓу нив и „Ројал блу“ на Фабриката за тутун од Сараево.
Според податоците на интернет страницата на Агенцијата за тутун, лиценцата за увоз на цигарите „Ројал блу“ за црногорскиот пазар ја има исклучиво фирмата „Плус“ од Подгорица, која меѓутоа ја нема меѓу лиценцираните извозници на цигари.
Во Централниот регистар на стопански субјекти (ЦРПС) може да се види дека основач на „Плус“ е компанијата „Рокшпед“, која истотака не е лиценцирана за извоз кај Агенцијата за тутун. „Рокшпед“ е фирма на црногорско-албанското семејство Станај и порано беше доведувана во врска со шверц на цигари- меѓутоа, од компанијата го негираа тоа. Во документацијата на Управата за царини за транспортот на цигари во Либија, не се споменува ни „Рокшпед“ ниту фирмата-ќерка - „Плус“, така што нема докзаи дека е поврзана со спорните пратки.
Извршен директор на „Плус“ е Прокопије Периќ, кој пред две години работеше и во фирмата „Рокшпед“. Компанијата плус е официјален увозник на Фабриоката за тутун Сараево, која е сопственик на брендот „Ројал“. „Ние го регистриравме брендот 'Ројал' со 18 цигари во кутија, но никогаш не сме го увезле тој тип на цигари, бидејќи во меѓувреме дојде до измени на Законот за употреба на производите од тутун,, со кои беше забранет увозот на кутии кои содржат помалку од 19 цигари“, рече Периќ. на новинсрско прашање тој одговори дека никогаш не слушнал за компаниите „New Eastern Management“ и „Umal Belur Shipping“.
„Ни јас ниту компаниите за кои сум работел или работам не соработувале со која било компанија од Либија“, истакна Периќ.
Бугарска врска
На профилот на Периќ на интернет мрежата „Linkedin“ пишува дека март 2013 година бил директор за продажба на бугарската компанија „Булгартабак“ (Bulgartabac), која се занимава со производство и продажба на цигари во таа земја и во странство. „Bulgartabac“ во Турска беше обвинуван за шверц на цигари од сопствениот бренд „Престиж' преку Турција до турските соседи- Сирија, Иран и Ирак. Тоа во мај минатата година го објави турскиот весник „Милијет“, повикувајќи се на извештај на Турската комисија за истражување на финансискиот криминал (МАСАК). Бугарскиот портал „Bivol.bg“ истата година објави серијал документирани текстови за малверзациите на оваа компанија и на нејзините раководители. Меѓу другото „Bivol.bg“ објави детали од писмото за раководителите на „Bulgartabac“, политичарите и нивните врски со шверцот на цигари, кое пристигнало кај американската амбасадорка во Софија, Мерси Рајс, а кое го потпишале три лица чии имиња редакцијата на овој медиум не ги објави. Во писмото се опишани детали за податоците на бугарското обвинителство од 2010 година за деловно-финансиските врски на челниците на фирмата до фондацијата на радикални исламисти „Ал Вакф-Ал Ислами“(Al Waqf-Al Islami).
Според податоците од интернет страницата на Агенцијата за тутун на Црна Гора, фирмата „Плус“ е лиценциран увозник на брендовите цигари на фирмата „Bulgartabac“ во Црна Гора. Меѓу марките цигари кои се на листата за увоз во Црна Гора, меѓу другите е и брендот „Престиж“.
„Компанијата 'Плус' е официјален и ексклузивен увезнок на цигарите на 'Bulgartabac' за црногорскиот пазар. Со оглед дека се занимавате со оваа тема, претпоставувам оти знаете дека како увозници користиме акцизни маркички за пазарот во Црна Гора и оти таквиот производ не може да се извезува и да сепродаван надвор од црногорскиот пазар. Компанијата 'Plus d.o.o.' не извезува цигари на производителот 'Bulgartabac', ниту има овластување од производителот за таков вид трговија“, истакна Периќ.
Македонска врска
Фирмите „Рокшпед“ и „Плус“ не се единствени кои во Црна Гора соработуваат со бугарската компанија. Тука е и фирмата од Подгорица „Еуропрогрес“ (Europrogres), која според податоците на ЦРПС на 18. септември 2007. година ја основал Македонецот Милорад Китановски.
Македонските и бугарските медиуми порано пишуваа за врските на Китановски со малверзациите тешки 8 милиони евра за време на приватизацијата на државната фирма „Македонија табак“, во која беше директор. Неговата фирма „Еуропрогрес“ се води како дистрибутер на тутунски производи од бугарска фирма, која се поврзува со исламистите.
На „Linkedin“-профилот на Китановски пишува дека има одлична соработка со фирмата „Булгартабак“ и Тутунскиот комбинат Подгорица (ДКП), кој е со договор врзан со фирмата „Либерти Фзе“ (Liberty Fze) од Обединетите Арапски Емирати поврзана со купувачи од подрачјата под контрола на либиски радикални исламисти.
Сега веќе поранешниот извршен директор на ДКП, Славољуб Вукашиновиќ, им потврди на новинарите истражувачи дека неговата фирма имала соработка со Китановски. „Миле Китановски е еден од важните личности во тутунскиот бизнис во регионот. Инаку, тешко можете да најдете некого кој со ДКП немал коректна соработка. Од компанијата на Китановски само пред неколку години купивме камион тутун во лист. Тутун кој ни одговараше по квалитет и цена. Истотака, на ИТТА- презентацијата, која е од регионално значење, а еден од организаторите е и Миле Китановски, ДКП во минатата и предминатата година- учествуваше и таму нашите производи се оценети со највисоки оценки за што добивме признание“, рече Вукашиновиќ.
Претходниот текст, Црногорски цигари за либиските терористи, можете да го прочитате овде.
Авторите на истражувањето Владимир Оташевиќ, Марко Вешовиќ и Хасан Дијаб се наградени новинари-истражувачи на Центарот за истражувачко новинарство на Црна Гора, ЦИН-ЦГ, црногорскиот весник „Дан“ и хрватскиот „Вечерњи лист“.