1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Твит-твит ја порази тик-так

9 август 2018

Би можело да се каже дека (иако навидум тематски различна) кампањата #Бојкот на референдумот е изнудено и општествено диктирано продолжение на државно заробената „Шарена револуција”.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Двегодишнината од крајот на кампањата на објавување „бомби” за ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, инаку претенциозно насловена како „Вистината за Македонија” е временски доволно пристојна дистанца за оценување на нејзините ефекти и последици врз земјата и општеството. Во некои други земји, таквата дистанца би била доволна за низа научни трудови, книги, дури и некое филмче. За разлика од кај нас каде сѐ што остана како потсетник на бурната пролет 2016 се жаргонските бисери на сниманите вмровци и интегристи, јутјуб снимки кои „ќе се најдат” за уценувачки потсетувања на заборавните актери, обесмислената надеж во СЈО и од-време-на-време некое нарачано потсетување дека низ подземјето сѐуште кружат снимки. Кои чекаат да се објават „ако затреба”.

Но кои се ефектите, кои се страничните последици од нивното објавување по политичката сцена, реперкусиите врз внатрешните односи и динамики? Притоа, не ми е зборот за конкретните актери и нивните судбини, туку за страничните социолошки последици како афтершок влијанија врз сите нас, и како индивидуи и како општество.

Фотографија: picture alliance / Klaus Ohlenschläger

Корупцијата и поддршката

Неодамна наидов на интересна студија за „Ефектите на објавување корупција врз изборните резултати” подготвена од група еминентни истражувачи при Националното биро за економски истражувања од Кембриџ, САД. Истражување инаку засновано врз искуствата од Мексико и кампањата на објавување корупциски скандали недела дена пред изборите во 2009 година. Според истражувањето, „разоткривањето на здивеената корупција води кон пад на подршката на владејачката партија, но исто така и кон опаѓање на излезноста на гласачите за опозицијата. Pазоткривањето на корупцијата ја ослабнува идентификацијата со корумпираната владејачка партија и го зголемува бројот на гласачи кои не се поистоветуваат со политичките партии”. Следствено, во одредени околности информациите за корупцијата „резултираaт во деангажирање на гласачите од изборниот процес”. Истражувањето води кон заклучок дека „објавувањето информации за корупцијата е неопходно, но не и доволно за поправање на квалитетот на владеењето, бидејќи гласачите наместо со зајакнат ангажман, можат да реагираат со повлекување” од политичкиот процес. 

Сличностите помеѓу ефектите наведени во истражувањето и искуствата на домашната политичка сцена се премногу слични за да бидат пренебрегнати. Дотолку повеќе што нудат увид во изненадувачки израмнетиот резултат на изборите 2016 како и на наводите од последната анкета за рејтинзите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои можат да се преведат и во споредбата помеѓу ДУИ и албанските опозиции. При што се наметнува заедничкиот именител дека разоткривањето на корупцијата може да ја намали популарноста на корумпираната владејачка партија, но тоа не подразбира зајакнување на ривалите. Дотолку повеќе ако ривалите демонстрираат селективност во разоткривање на корупцијата и/или се самите опфатени во корупција како реликт од минатото или поведение од сегашноста.

Последиците на таквата селективност ни се веќе ем познати ем елаборирани. И деновиве демонстрирани во живо на политичката сцена преку сѐопштата поплава на корупциски скандали поврзани со СДСМ (и, интригантно интересно, помалку ДУИ). Но она на што помалку се обрнува внимание е масовноста на кампањата за „Бојкот на референдумот” која веќе ја има побиено и во ќош ставено длабоко компромитираната „Шарена Револуција”. Дури би можело да се каже дека (иако навидум тематски различна) кампањата  #Бојкот е изнудено и општествено диктирано продолжение на државно заробената „Шарена”. Дотолку повеќе што тврдото одбивање на поврзување со ВМРО-ДПМНЕ и екс-СДСМ отпадоците со квази-про-руска провиниенција потполно се поклопува со наодите од истражувањето на Кембриџ за дистанцата на гласачите од етаблирано-корумпираните партии. И затоа, може да се дебатира дали популарноста на анти-движењата кај нас се само со опортунистички краткотраен ефект, или пак превирање како зачеток на нови пред-институционални политички групирања.

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Референдумот како бајрак

Фактот што движечката сила на кампањата #Бојкот се базира на хоризонтална поставеност базирана врз анонимност и индивидуалност оди во прилог на тезата дека нивната порака е посилна и побитна како идеја водилка (за привлекување) и доволна за дистанца од имањето на лик водач (како фактор на полемика). Но тоа не е најбитната разлика во споредбата помеѓу нивната стихијност и лидерското ќор-подаништво на „шарените”. Иако со право следбениците на #Бојкот можат да се наречат како националистички задоени (поради темата на Договорот со Грција), таквата квалификација ни приближно не ја доловува длабочинската динамика базирана врз нео-урбан конзервативизам и идентитетски традиционализам кој е во пораст. Притоа, прашањето на Референдумот е само бајракот на нивната борба, додека пак вистинскиот жар на антагонизам е директно поврзан со банализацијата на борбата против корупција од страна на СДСМ и „шарените”.

Да не беше Договорот, ќе се најдеше друг обединувачки мотив за збивање на редовите од страна на овие нови струења на конзервативизмот кои сопствената морална оска не ја гледаат во слушање и читање на порнографски воздишки на актерите од бомбите или еротските елаборации на Фатиме Лукас. Туку од созреаната свест дека „слабостите се човечки” но буџетските пари се даночно граѓански. За разлика од дебело платената „шарена” имитација на либерализам, конзервативизмот на апартиските следбеници на #Бојкот е предвесник на длабокото свртување на општеството кон и во прилог на традиционалните, препознатливи и лесно мерливи квалификации на морал и неморал искажан низ парите и отчетноста. 

Претходни колумни од авторот: 

Но, референдумот може да успее

Фаталната баналност на Заев

Додека чекаме да не нападне Русија ...

Неразбрана поука

Лесно и прелесно е на твит-бојкотерите да им залепиме по уши чат-пат етикети, ги поплукаме и прогласиме за националисти (што повеќето и се). Но таквите политикантски напади нема ни да ја дефинираат, камо ли елиминираат, нивната појава како изнуден коректив на шизофрената состојба во која се наоѓаме, предизвикана од половичните „Вистини за ВМРО” на СДСМ и „Вистини за СДСМ” на ВМРО. Уште понаивно е да се очекува дека кататонијата на СДСМ, ВМРО, ДУИ треба само да продолжи доволно долго за да се заборават нивните злосторства против Македонија и граѓаните. Таквите, не луди, туку невоспитано глупави надежи на коруптократите од тие партии очигледно ја немаат разбрано поуката од американската „чајанка” и европските евро-скептици, причината за нивната појава и еволуцијата која сега ја следиме, за да догодина во мај ја констатираме како свршен чин.

Ерго, #Бојкот не е финале, туку зачеток на нова политичка култура со конзервативен фон,  предизвикан и инспириран од дрскоста на системските партии. Може да не ни се допаѓа, оправдано. Може да предизвикува симпатии, осветољубиво. Но, едно е сигурно – дали позитивни или негативни, мислењата и вреднувањата на корумпираните веќе никого не интересирааат и уште помалку потресуваат. Сумирано, неселективната дрскост на твит-твит ја збриша и уништи лажната моралност на тик-так.

Квази-либералниот дискурс на Шарената револуција потклекна при првиот налет на профитирање од „борбата против режимот” и со тоа ја игуби кохезивната енергија за градење нов политички амбиент во земјата базиран врз социјална рамнотежа. Иако засега доминиран од претежно етно-македонски мотив за сочувување на името и идентитетот, новиот конзервативен бран може да го надополни токму она што шарените така евтино и лесно го напуштија - сензибилизирање на општеството за фискална одговорност без пардон и изговор. Владата на Заев ќе може да биде пресреќна доколку овој бран на незадоволство заврши и имплодира со Референдумот – без обзир каков ќе биде неговиот резултат. Но сѐ додека неговиот кабинет ја храни јавноста со катадневни скандали на кражба и неодговорност, енергијата на гнев допрва ќе добива на сила ширум земјата. Заев е на одличен пат да ја повтори грешката на претходниците кои не сакаа да разберат дека горењето на фитилот е претходница на експлозијата. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми