1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тврдоглавиот грчки национализам

Гец Али
22 јануари 2019

Германскиот историчар Гец Али во колумна за весникот Берлинер Цајтунг остро се пресметува со грчкиот национализам. Али го опишува етничкото чистење во грчка Македонија и Солун. Колумната ја пренесуваме во целост

Griechenland Proteste in Athen
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Од 1991 година кога Македонија ја напушти распаднатата Југославија, земјата е постојано малтретирана и бојкотирана од Грција. Причината: само северногрчката провинција Македонија со нејзиниот главен град Солун смее да го користи тоа историско име. По долготрајно европско модерирање минатата година беше изнајден компромис: Македонија се преименува во Северна Македонија. Но според анкетите, на две третини од Грците тоа не им е доволно. Тие сметаат дека територијалниот опис Македонија, а со него и наследството на Александар Велики им припаѓа само ним.

Аргументите говорат дека не е така. Најпрво, грчката национална држава со античка Македонија има исто толку заедничко колку и денешна Германија со Рајхот на Карло Велики. Вториот аргумент е посилен: денешната грчка провинција Македонија стотици години му припаѓаше на Османското царство. Грција ја  анектираше оваа територија дури во ноември 1912. Во Атина се говореше за „Новогрција“. Со оглед на тоа што во регионот грчкото население беше во малцинство од само 25 проценти, уште од почеток се јави потребата, регионот да се хеленизира со проблематични средства.
Тоа тешко успеваше. Во 1919 година, на Париската мировна конференција, грчкиот премиер Венизелос презентираше лажирани статистики, за да ги претстави Грците како мнозинство. Особено во Солун, урбаниот и економски центар на „Новогрција“, етничкото чистење зема посебен замав.

Гец Али, германски историчар и новинарФотографија: picture-alliance/Eventpress Hoensch

Во 1912 година градот имаше 150 илјади жители. Од нив: 27 илјади Грци, 33 илјади Турци, 81 илјади Евреи и 9 илјади од други националности. Грчките војници и „борци за слобода'“ таму веднаш започнаа со погроми насочени кон Турците и Евреите: кражби, насилство и убиства. Атмосферата ја опиша Јозеф Нехама (грчки историчар од еврејско потекло): „Грците од нашата населба ни завидуваат на нашите трговски успеси и сакаат засекогаш да не иселат. Тие директно ги напаѓаат Евреите“.

Во 1913 година, германскиот весник Левант предупредува: Недоволната лична заштита, непостоечката правна држава и корумпираните грчки цариници принудуваат многу еврејски фирми да кренат раце. Еврејскиот Лексикон кој се издава во Берлин, во 1927 година пишува: „Целта на грчката влада е што побрзо да го дејудеизира и хелинизира Солун“. Според пописот од 1928 година, во Солун тогаш живееле 250 илјади луѓе, од нив 60 илјади Евреи. Додека Грците во 1912 година сочинуваа само 18,5 отсто од населението, 16 години подоцна веќе беа убедливо мнозинство од 75,5 проценти. Турците, Србите и Бугарите беа исфрлени преку економски притисок и размена на население.

Би можел да ја раскажам историјата уште поточно и до 1944 година. Но едно е јасно: Не постои грчки монопол врз името Македонија, туку само елинистички илузии. 

 

Гец Али е германски историчар, професор и новинар кој долги години го истражува Холокаустот. Добитник е на повеќе општествени и новинарски награди. Текстот е објавен во весникот Берлинер Цајтунг.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми