1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ТВ-дуел на Трамп и Бајден: Вжештена размена на удари

ЖА /ДВ
30 септември 2020

Првиот ТВ-дуел меѓу претседателските кандидати Доналд Трамп и Џо Бајден, очекуван со огромно нетрпение, брзо се претвори во хаотична, дива вербална битка, во која двајцата се опсипуваа со префрлувања и обвинувања.

USA Präsidentschaftswahlen TV Debatte Trump Biden
Фотографија: Morry Gash/Reuters

Пет недели пред претседателските избори на 3 ноември, републиканскиот актуелен претседател Доналд Трамп и неговиот предизвикувач Џо Бајден од Демократската партија во Охајо имаа прв ТВ-дуел. На агендата доминираа спорната номинација за судија во Врховниот суд, здравственото осигурување и корона-менаџментот, но и економијата, плаќањето данок од страна на Трамп и расизмот во САД. Политичките противници содржински не понудија нешто ново.

Трамп ѝ даде тон на дебатата, постојано упаѓајќи му во збор на демократскиот кандидат. Бајден пак го нарече Трамп „кловн", „расист" и „кученце на Путин", во еден момент дури му довикна: „што не замолчиш, човече!"

Трамп ги обнови префрлувањата за изборна измама

Интересно беше што Трамп и во оваа прилика, за разлика од својот предизвикувач, одби да вети признавање на евентуален изборен пораз. Актуелниот претседател ги повтори тврдењата за масовни изборни измами при гласање со писмо. Тој не сакаше да ги осуди расистичките групи, напротив, во насока на десноекстремна група изјави: „Горди момци, бидете воздржани и спремни."

Повеќе:

„Скандалите на Трамп станаа нешто сосем вообичаено“

Трамп не гарантира мирно предавање на власта

Дали разочараните републиканци ќе го сменат Трамп?

Концептот на ТВ-дуелот предвидуваше секои 15 минути дискусија на одреден тематски блок, модераторот поставува прашање, двајцата кандидати имаат по две минути за изјаснување и потоа следи дискусија. Но, од тоа не бидна ништо, Трамп го прекинуваше Бајден, поранешниот потпретседател реагираше често со иронични насмевки, повремено бранејќи се со лесно резигниран тон. Дури и искусниот телевизиски модератор Крис Валас од конзервативната ТВ Фокс Њуз делумно имаше големи проблеми да се справи со Трамп.

Поларизација на ниско ниво

На почетокот Трамп и Бајден дискутираа за спорната номинација на нова врховна судијка од страна на Трамп. Претседателот инсистираше на своето право, Бајден ја оспоруваше постапката со аргументација дека номинирањето за толку важна функција требаше да следи по изборите. Дискусијата брзо се претвори во дебата околу здравственото осигурување, Бајден го обвини Трамп дека има намера да ја укине здравствената реформа на својот претходник, Барак Обама и нема никаков план во здравствената политика. Освен тоа, го окриви Трамп за „лаги" во однос на корона-пандемијата: „Сите знаат дека тој е лажго". Претседателскиот кандидат на демократите лоцира одговорност на Трамп за високиот број починати од коронавирус – досега во земјата се преку 205.000, обвини дека кризата го турнала претседателот  во „паника". Трамп пак контрираше – доколку Бајден досега беше на претседателската фотелја, ќе имаше многу повеќе мртви, а демократот има намера поради вирусот повторно да ја парализира економијата во земјата.

Трамп негираше дека со години речиси не плаќал даноци, тврдејќи дека во 2016 и 2017 година платил „мииони долари", иако истовремено изјави: Не сакам да плаќам никакви даноци", а оваа своја желба ја нарече – легитимна.

Трам и Бајден - доминираа меѓусебни навреди и обвинувањаФотографија: Jonathan Ernst/Reuters

Бајден: „Вие сте најлошиот претседател што САД го имале досега"

Кандидатите и во поглед на расизмот во САД очекувано имаа дијаметрално спротиставени ставови. Бајден го обвини Трамп дека не направил ништо за афроамериканското население, дека има надмен однос кон сите кои немаат пари или имаат поинаква боја на кожата.

На тоа Трамп реагираше со укорот – Бајден има лош третман кон заедницата на луѓето со црна боја во земјата, ги нарекол „супер-ѕверови".

Едно нешто сосема очигледно му беше екстремно важно на Трамп – при секоја тема истакнуваше дека како претседател има извонредни постигнувања на сите полиња, а Бајден бил вистински лош потпретседател. Контрирањето на Бајден беше: под Трамп САД станаа послаби, посиромашни и поразединети. Бајден подвлече катастрофален биланс на владеењето на Трамп: „Вие сте најлошиот претседател што САД го имале досега."

Гледачите иритирани од дивата дебата

Првата ТВ-дебата за овие претседателски избори се одржа во Кливленд во Охајо. Поради корона-пандемијата, за разлика од порано, на неа можеа да присуствуваат само околу 80 гледачи. Дуелот го пренесуваа во живо сите поголеми американски телевизии. Но, кај гледачите спектаклот не пројде добро. Во блиц-анкета на СиБиЕс за тоа какво чувство преовладувало кај нив при следењето на дебатата, две третини (69%) од гледачите одговориле дека дискусијата пред сѐ им предизвикала лутина и револт. Актуелниот претседател Доналд Трамп, кој во најновите испитувања на јавното мислење заостанува, и неговиот предизвикувач Џо Бајден пред изборите ќе имаат уште два ТВ-дуели, на 15 и на 22 октомври.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми