Откажаната средба со германскиот министер за надворешни работи за израелскиот премиер е пропуштена шанса, но ја отсликува и опасноста Израел да ја загуби аурата на единствена демократија во регионот, смета Дагмар Енгел.
Веројатно не сакаше да разговара околу она што на Габриел му лежеше на срце кога стигна во Израел: за решението во форма на егзистирање на две држави, за изралеската политика на населување или за новите тамошни закони за невладини организации, кои потсетуваат на Русија или Турција. Нетанјаху веројатно порадо би разговарал за израелскиот смртен непријател Иран. Но, и судирите во сопствениот регион на драга волја би ги турнал во сенката на војната во Сирија и светската борба против тероризмот.
Промашена тема
Токму тука лежи и опасноста: ако ништо не се промени во исконскиот судир на Блискиот Исток, расте опасноста од радикализација на цели поколенија млади Палестинци, во Појасот Газа исто како и на Западниот Брег. А таа радикализација нема да го носи името на организацијата Хамас, туку на Исламска држава.
Спречувањето на тоа е несомнено во интерес на Израел и на различни франкции на Палестинците. Ако се утврди заеднички интерес, тогаш е направен и прв чекор кон вистински преговори. На тоа поле Германија, Европа, можат да бидат еден од учесниците. Израел, додуша, никогаш нема својата сигурност да ја довери на било која друга земја освен САД, но сите учесници можат да замислат европска помош во економската обнова на палестинските подрачја.
Предлог-тема за следниот пат
Ваквата соработка нема да пропадне со откажаната средба, исто како што нема да пропаднат ниту германско-израелските односи. Со тоа нема да биде разнишана посебната поврзаност, должност и одговорност на Германија кон Израел.
Двајцата министри за надворешни работи не разговараа на овој 25. април. Една од причините е што германската влада ги откажа заедничките (редовни) германско-израелски консултации. Нетанјаховото одбивање на средбата може да се смета и за јасен одговор. Тоа е погрешно, зашто шефовите на дипломатиите мораат да разговараат и во најтешки околности.
Најнепријатно во сето е што Нетанјаху во самиот Израел добива аплауз при обидот да спречи разговори со незгодните невладини организации. Тоа засилено наликува на Русија или на Турција, а не на единствената демократија во регионот, што Израел сѐуште е. За тоа треба да разговараат министрите за надворешни работи. И тоа тогаш кога повторно ќе се сретнат, а не ако се состанат следен пат.
Израелските населби на палестински територии
И покрај протестите и политичките предупредувања, израелскиот парламент донесе закон со кој се легализираат илегалните населби на палестинските територии. Критичарите велат дека тоа значи крај на решението „две држави“.
Фотографија: Reuters/B. Ratner
На палестинските територии има повеќе од 200 населби
Според податоците на организацијата за човекови права Бетселем, на Западниот брег и во Источен Ерусалим од 1967 до средината на 2013 година се изградени 125 официјални израелски населби и околу сто „диви населби“. Израелските власти, според Канцеларијата на ОН за хуманитарна помош (ОЦХА), за изградба на населби на палестински територии заплениле 35 проценти од површината на Источен Ерусалим.
Фотографија: Reuters/B. Ratner
Нема шанса за мир?
Во моментов еврејска населба се гради во Хар Хома, на Западниот брег, меѓу Ерусалим и Витлеем. Водечки претставници на Палестинците оценуваат дека израелската политика за градење населби го уништува решението „две држави“ и го спречува мирот со Палестинците. Изградбата на населбите на палестински територии е критикувана и во меѓународни рамки.
Фотографија: picture alliance/newscom/D. Hill
Израел конфискува палестински приватни имоти
Новиот закон за ретроактивно легализирање на станови на доселеници на Западниот брег и во Источен Ерусалим е спорен. Со него се погодени 16 населби. За еврејските доселеници да можат да останат каде што се, предвидена е финансиска отштета за Палестинците кои се сопственици на земјиштето.
Фотографија: Reuters/A. Awad
Уривање на Амона
Новиот израелски закон не важи за куќите на доселениците за кои веќе има судска одлука за уривање. Партијата на доселениците имаше намера со законот да спречи принудно расчистување на населбата Амона. Сепак, куќите на 40 семејства беа испразнети минатата недела, а само четири дена потоа се почна со уривање.
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Coex
Барикади и безредија
Одлуката на израелскиот Врховен суд за уривање на Амона беше донесена уште на крајот на 2014 година. Рокот беше повеќепати одлаган. Десните групи и доселениците до крај се обидуваа да спречат евакуација и уништување на местото. Многумина доаѓаа од други места специјално за да демонстрираат. И на спротивната страна имаше насилни протести на Палестинците.
Фотографија: Reuters/M. Torokman
Ескалација при принудното иселување
Жителите на Амона веруваат дека Западниот брег, окупиран од страна на Израел од 1967 година, е дел од територијата која Бог во Библијата му ја наменил на еврејскиот народ. На Западниот брег и во Источен Ерусалим живеат околу 600.000 Израелци. Меѓу доселениците и Палестинците постојано има судири.
Фотографија: Reuters/M. Torokman
Нов дом
На приватни имоти на Палестинци спротивно на законот се изградени околу 4000 станови. Тие треба или да бидат испразнети, или со новиот закон треба да бидат ретроактивно легализирани. Многу од жителите на Амона имаат нов дом во соседните населби, како овде, во Офра.
Фотографија: Reuters/B. Ratner
Принудно иселување во Офра
Но и во Офра има нелегални куќи. До 5 март тука треба да бидат испразнети девет куќи кои се изградени на приватен имот на Палестинци. Куќата мора да ја напушти и семејството Бен Шушан.