Тежок пат до договорот ЕУ – Србија
29 април 2008
„Србите беа најтврдиот орев, но ни успеа„. Ова, со извесно олеснување, по разговорите во советот на министрите на Европската унија, го изјави словенечкиот министер за надворешни работи, Димитриј Рупел. На словенечкото претседателство му успеа да постигне сите 27 држави членки на Европската унија да го потпишат Договорот за стаблизација и асоцијација со Србија. На тој начин, вратата на Европската унија за Србија останува отворена, изјави Рупел: „Потпишуваме. Тоа е голема шанса за Србија. Тоа е силен сигнал до Србија да ни се приближи и да стане членка„.
Сигнал до спрските избирачи
Унијата на овој начин пред се, упатува силен сигнал до српските избирачи, на предвремените парламентарни избори на 11 мај да гласаат за про-европските партии. До последниот момент Холандија беше против потпишувањето на договорот. Таа опстојуваше на тоа Србија да ги испорача сите барани воени злосторници до Меѓународниот трибунал во Хаг.Шефот на холандската дипломатија, Максиме Верхаген, успеа да издејствува договорот со Србија да биде додуша потпишан, но дали ќе биде ратификуван од парламентите на земјите членки на Унијата, а со тоа да влезе и во сила, останува нејасно. Димитриј Рупел изјави дека тоа ќе зависи како ќе се одвива соработката на Србија со Хашкиот трибунал: „Неговото спроведување се разбира, ќе зависи од тоа како министерскиот совет ќе ја оцени идната соработка со трибуналот„.
Стабилна Србија е поважна од барањата за апсење на злосторниците?
Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ, кој цела ноќ учествуваше во преговорите, го поздрави ветувањето на Европската унија. Тој одново изјави дека српската влада прави се да ги уапси избеганите воени злосторници. Во тоа досега се сомневаа Холандија и Белгија. Сега се проби ставот дека стабилна Србија е поважна од досегашните барања.
Европската унија стравува дека на изборите во Србија што ќе се одржат на 11 мај, би можеле да победат радикалните националистички сили. Договорот за стабилизација и асоцијација предвидува широка економска и политичка соработка и претставува решавачки чекор на патот кон преговори за членство.