1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тежок старт за минималната плата

Костадин Делимитов
20 септември 2017

Минимум задоволство, максимум дилеми. Законското решение не е по мерка ниту на работниците ниту на работодавачите. Надлежните сепак се оптимисти дека зголемениот минималец ќе повлече во позитивна насока!

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Работодавачите се жалат, синдикатите негодуваат. Законската обврска за минимална плата од 12.000 денари е можеби добра идеја, но вака поставена, сепак и доста проблематична за имплементација. Стопанствениците реагираат дека во услови на ниска продуктивност, посебно во текстилната и кожарската индустрија, реализацијата на законското решение дополнително ќе влијае на конкурентноста:

„Вие можете да наметнете зголемување на минималната плата, но мора да обезбедите поддршка во делот на модернизацијата. Тие плати што се наложуваат се резултат на многу поголема продуктивност. Не ја помагате продуктивноста, а ја наложувате, тоа е малку опасно. И така ние имаме застарени технологии, а со ова уште повеќе ја намалувате моќта за растот. Компаниите во Македонија се оставени самите да го решаваат проблемот со развојот на технологијата - ниту банките функционираат во насока на поддршка на производството ниту пак досегашната власт се грижеше. Сите мерки беа краткотрајни и популистички. Се потрошија 225 милиони евра за поддршка на странските инвестиции, но тие пари да завршеа во текстилот, на пример, сега ќе имавме високи технологии. А што правиме ние? Кубуриме и со години бараме поддршка за да можеме од лон да се претвориме во чист продукт“, реагира Маријана Перковска претседател на кластерот за текстил.

Намалување на придонесите е подобро решение!?

Вака поставен, законот според Перковска ќе предизвика сериозни проблеми, посебно за компаниите во внатрешноста кои кубурат по повеќе основи:

„Голем дел од компаниите ќе имаат проблеми бидејќи со решението не се зголемуваат само платите, туку и придонесите. Затоа ние и инсистиравме и инсистираме на поинакво решение. Намалување на дел од придонесите во индустријата за сметка на работникот. Само така во оваа фаза ќе може да се овозможи исплата на повисоки плати за сите вработени. Вака, само ќе се влијае негативно врз добрите работници за чија сметка ќе се наградуваат условно кажано неработниците. Мора да се сфати дека производството е носител на растот и сѐ додека се однесуваме вака насилнички кон него стануваме сѐ послаби и послаби. Ова решение нема да ги прави задоволни ниту работниците, кои бараат да не биде земена во предвид нормата, но таа е неопходна. Затоа решението е во зголемување на продуктивноста и одржливо зголемување на сите плати“, коментира Перковска. 

Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Работниците бараат укинување на нормата

Незадоволни се и работниците кои предупредуваат дека законското решение остава простор за манипулации. Негодуваат што законот ги обврзува да исполнуваат одредени норми и не нуди гаранции за заштита од злоупотреби:

„Од ваквото решение единствените кои што можат да бидат задоволни се во власта, бидејќи успеаја да донесат решение кое е по нивен терк. Клучниот проблем за нас е нормата која ќе мора да ја исполни секој работник ако сака да ја добие минималната плата. И што добиваме со ова? Максимум труд за минимална плата. Ќе бидеме сведоци како ќе се тераат работници да работат по 11-12 часови. Ова решение е најлошо за работниците, а потоа и за работодавачите кои сепак во дел се субвенционирани“, реагира Пеце Ристевски претседател на СИЕР, Синдикат на вработените во индустријата, енергетиката и рударството.

Она што во вакви услови е клучно, според него, е спречување на злоупотребите. Ако минатата власт немаше слух, тогаш оваа мора да реагира, вели тој: 

„Ние и досега имавме информации за злоупотреби. Имавме случаи кога работодавачи се дрзнуваа на инвалиди да им ги држат картичките и да ги тераат да им враќаат во кеш дел од платата. Кога беше 8 илјади денари враќаа по две илјади денари и повторно земаа по 6 илјади денари. Ние на тоа укажуваме постојано, но досега не се реагираше. Ако се сака да се реши тоа, може да се реши, но досега не се сакаше", предупредува Ристевски.

Министерката Царовска вели дека со покачувањето на минималната плата, придобивките во домашниот буџет ќе го почувствуваат 130 илјади работници Фотографија: Ministerium für Arbeit und Soziales, Mazedonien

За Владата е клучно што тргна работата

Надлежните се задоволни. Тие сепак признаваат дека законското решение носи и аномалии кои допрва ќе треба да се анулираат:

„Останува мала горчина заради тоа што не се укина одредбата со која минималната плата важи само за оние работници кои ќе ја исполнат нормата, одредба која честопати се злоупотребуваше за на работниците да им се исплаќа плата пониска од минималната. Сепак, веројатно ќе беше премногу и да се зголеми минималната плата за 30% и да се укине нормата. Дополнителна утеха е и тоа што сега нормата нема да може да се постави без согласност од работниците. Напорите во наредниот период, и на синдикатите, и на сите борци за работнички права, ќе треба да бидат фокусирани на ова, на укинувањето на одредбата за нормата. Само така, со повеќе мали победи една по друга, ќе можеме да изградиме поправедно општество“, напиша на својот Фејсбук профил Бранимир Јовановиќ, кој е дел од тимот во Министерството за финансии. 

Сепак, според власта, клучно е што со зголемувањето на минималната граница за минималната плата е направен првиот чекор за подобрување на условите за животниот стандард на голема категорија граѓани:

„Со покачувањето на минималната плата, придобивките од повисоки месечни приходи во домашниот буџет ќе го почувствуваат 130 илјади работници во земјава. Ова е првиот конкретен чекор кој ја отвора спиралата на севкупниот пораст на платите што ќе придонесе кон квалитетен животен стандард за граѓаните“, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Фотографија: DW/A. Dimitrievska

Текстилците ќе ги ранат административците!?

За полесна реализација на владиниот план, имплементацијата на законското решение ќе се реализира со владина поддршка. Планот е поддршката да трае во период од една година, по што работодавачите ќе треба самостојно да продолжат да ги исплаќаат платите. Според анализите, станува збор за околу 130 илјади вработени кои земаат пониска плата од 12.000 денари. Но проблемот, според упатените, е што добар дел од нив се вработени во т.н. непродуктивни дејности:

„Добар дел од  вработените што ќе треба да добијат зголемување на минималната плата се во текстилната индустрија. Станува збор за околу 35 до 40.000 работници во оваа дејност. Но проблемот е што остатокот во значаен дел се работници во администрацијата, приватната дејност, трговијата, така што повторно се соочуваме со решение со кое товарот ќе треба да го понесат продуктивните гранки“, реагира Перковска.

Зголемувањето на минимална плата беше прво реализирано ветување од т.н. економскиот пакет мерки на Владата, кој во меѓувреме се надополни со уште две законски решенија - укинување на радиодифузната такса, со важност од 1 октомври, односно закон за материјално обезбедување на дел од стечајните работници кои месечно ќе добиваат по 7.569 денари.   

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми