1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тежок удар за Ангела Меркел

Даниел Пелц/хсб/Ж.А.14 март 2016

Изборите во сојузните покраини Баден Виртемберг, Рајнланд Пфалц и Саксонија Анхалт беа тежок удар за германската канцеларка. Голем победник на овие избори е деснопопулистичката партија Алтернатива за Германија, АфД.

Фотографија: picture alliance/ZUMAPRESS.com/L. Huanhuan

„Државата свртува в десно“, беше насловот во весникот „Франкфуртер Рундшау“ на денот на одржувањето на изборите. Но, не се шокирани само медиумите, запрепастени се и многумина гласачи и политичари. Деснопопулистичката партија Алтернатива за Германија, АфД, влегува во парламентите во сите три покраини каде се одржаа изборите.

Во Баден Виртемберг тие освоија преку 15 проценти, во Рајнланд Пфалц речиси 13, а најдобар резултат бележат во Саксонија Анхалт - освоени 25 проценти од гласовите на избирачите. Претседателката на партијата Фрауке Петри по овој повод за првата програма на германскиот јавен телевизиски сервис АРД изјави дека на овие избори „бројни избирачи им свртеа грб на етаблираните партии и го дадоа гласот на нивната партија.“ „Тие сега од нас очекуваат да бидеме конечно опозиција, зашто неа во Бундестагот, а ни во другите покраински парламенти, очигледно ја нема“, истакна Петри.

Фрауке Петри: АфД во офанзиваФотографија: Getty Images/AFP/J. Macdougall

„Зближување во рамките на владејачката коалиција“

Успехот на АфД е исто така тежок удар за канцеларката Ангела Меркел и нејзиниот курс во бегалската политика. Канцеларката се залага за отворени граници и европско решение во бегалската прашање. Притоа, АфД не сака земјата да прекине да прима нови бегалци. Сепак, сојузната влада составена од ЦДУ/ЦСУ и СПД изгледа не сака да го менува својот курс во бегалската политика. Шефот на СПД Зигмар Габриел вели дека нема да дозволи „оние кои наголемо ги поедноставуваат работите, да ја загрозат политичката суштина и насоката на германската политика“: „Ги повикувам сите во Германија, кои се за либерализам и социјална кохезија, да не‘ поддржат во оваа борба.“

Но, една недела во пресрет на покраинските избори, повторно изби судир во големата коалиција. СПД, меѓу другото, бараше зголемена помош за социјално загрозеното население во самата Германија. Ова го одбија политичарите на ЦДУ, зашто не сакаат зголемување на државните давачки. Политичкиот аналитичар Карл-Рудолф Корте за втората програма на германската телевизија ЗДФ смета дека владата мора итно да се зафати со критичните теми и да се зацврсти. „Ќе дојде до зближување во рамките на коалицијата. Општествениот модел е под притисок од странство, но сега и од внатре. Непријателите на демократијата се повидливи. Коалицијата ќе ги преземе задачите и ќе работи на наоѓање европско хуманитарно решение за бегалците,зашто демократијата нема алтернатива“, убеден е Корте, нагласувајќи дека „во овие тешки времиња ќе дојде до зближување, до збивање на редовите во самата владејачка коалиција.“

Меѓутоа, пред сојузните покраини Баден Виртемберг, Рајнланд Пфалц и Саксонија Анхалт за почеток претстои тежок процес на формирање влади. Ниедна партија во ниедна од овие покраини не освои апсолутно мнозинство. Затоа, сега почнува потрагата по можни коалициони партнери.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми