1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Текстилни работнички или социјални случаи?

Синиша Богданиќ / Симе Недевски11 август 2014

Во изминатите 24 години Хрватска загуби околу 100.000 работни места во секторот на текстил, обувки и гума. „Биди среќна што работиш“, се чести зборови упатени кон останатите работнички кои заработуваат мизерно.

Фотографија: DW/S. Bogdanic

Колапсот на оваа индустрија особено го погоди северозападот на Хрватска кој е традиционално насочен кон производство на текстил и на облека. Поранешната држава, се присетува шефот на Синдикатот за текстил, облека, кожа и гума, Ненад Лечек, отвораше текстилни погони за да ги амортизира социјалните проблеми. Колапсот на сето тоа се наѕираше веќе во 90-тите години од минатиот век во озлогалсената приватизација кога фабриките ги купија луѓе кои не знаеа да ги водат или ги сакаа само поради нивните недвижности.

Потоа, вели тој, започна нов бран на уништување во 2000. година со влезот на Хрватска во Светската трговска организација. Ширум се отворија вратите за увоз на евтин текстил од Исток, кој го дотолче домашното производство, а ни глобалната криза не помогна за заздравување. „Ако нешто ви недостига, прво ќе се откажете од купувањето облека. Тоа е сега главна причина за падот на бројот на вработени. Мислам дека ниту државата немаше слух за помош на индустријата, а ни менаџментот не реагираше на време. Ги предупредувавме што ќе се случи. Не веруваа или мислеа дека за нив ќе има доволно“, раскажува Лечек.

Фотографија: DW/S. Bogdanic

„Ни во ЕУ не влеговме подготвени за пазарен натпревар со германските или белгиските компании кои имаат иста таква традиција. Во прв момент повеќе изгубивме. Текстилната индустрија и во постарите членки помина лошо. Ја гледам Шпанија која со усогласувањето со прописите на ЕУ драстично ги намали правата на работниците, а повторно не профитираше и не отвори работни места“, вели синдикалецот.

И денес текстилните работнички, бидејќи претежно се работи за жени, му припаѓаат на најмалку платениот слој на општеството. Но, за разлика од некогаш, нивните плати не го покриваат ни егзистенцијалниот минимум. Научени на лошо, многу од нив, се ужаснати од судбините на своите отпуштени колешки, на глас велејќи дека барем имаат работа. Тоа е ставот, изгледа, кој го поддржуваат работодавачите, но и владата која не сакаше на работодавачите на некое време да им ги отпише придонесите за на работничките да им се зголемат платите. „На југот на Италија се применува таква програма како мерка за развој на регионот. Краткорочно државата би се откажала од нешто што би и’ се исплатело долгорочно“, незадоволно констатира Лечек.

Пресиромашни да купуваат хрватски производи

Како живеат текстилните работници ги прашавме Марија, Ивана и Дарка недалеку од фабриката во Меѓумурје во која работат. Нивните имиња се измислени, бидејќи не сакаат да го откријат својот идентитет, а не’ замолија и да не споменеме за која фирма работат. Сите три повеќе од 20 години работат во производство и заработуваат од 2.500 до 2.600 куни. Се’ што им треба за живот купуваат на попусти и распродажби, па така и облека. И притоа купуваат евтина увозна облека, која ја уништува браншата во која работат, бидејќи за хрватски производи се пресиромашни.

Но, дека ни во Загреб не е подобро сведочат поранешните работнички од пропаднатиот „Каменско“, фирма која работеше претежно за германски нарачатели и која се претставуваше како „куќа на европската мода“. Некогашната работничка Ѓурѓа Гроздај кратко ни објаснува дека фирмата е намерно уништена поради вредните недвижности и притоа никој не водел сметка за 426 семејства кои се уништени и фрлени на улица.

Фотографија: DW/S. Bogdanic

По долги нецелисходни протести некои од работничките во меѓувреме ги презедоа работите во свои раце и се организираа во „Задруга Каменско“ . По некое време преку социјално претприемаштво покренаа вистински мал сопствен погн во простории кои им ги отстапи градот Загреб.

Денес тие држат курсеви за кроење и шиење, шијат по нарачка, работат свои колекции и се трудат на работничките на кои им требаат неколку години до пензија да ги осигураат преку потребно работно место. „Во овој момент имаме вработено 6 жени. Сите имаат над 33 години стаж, а на пазарот на труд беа само бројка. Имаме и две млади на стручно усовршување, а кога има потреба доаѓаат и волонтери. Почнавме да работиме од лошо кон добро“, вели Гроздај горда што на крајот на годинава ќе биде прва работничка на Задругата која ќе стекне услови за пензија.

Само среќните стигнуваат до пензија

Токму тие неколку години до пензија и’ недостигаат на нашата соговорничка која ќе ја наречеме Тереза. Во вараждинскиот гигант „Вартекс“ работи повеќе од 30 години. Чистата плата за работа и’ изнесува околи 1.400 куни, но со сите додатоци стигнува до вкупно 2.400 куни. „Живеам во центарот на градот. Тие ми се само за расходи. Да живеам сама, би била на просјачки стап, а кога почнав да работам, имавме плати на ниво на медицински сестри“, ни раскажува Тереза.

Фотографија: DW/S. Bogdanic

Се’ уште одлично се сеќава на фабриката во која се вработила пред повеќе од 3 децении. „Тоа беше најмодерната фабрика во Југославија, со нови машини и климатизација. Сега е страшно. Малку работници, многу администрација. Работиме на плус 40 степени и се’ е распаднато. Работните услови се речиси никакви“. Покрај малата плата, Тереза ја мачат и високите норми кои постарите работнички едноставно не можат да ги стигнат.

Сепак, квалитетот е одржан, па фирмата работи и понатаму за големи светски брендови како „Версаче“ или „Хуго Бос“. „Сето тоа е во ред, но за работничките нема пари. Не гледам никаква полза од синдикатот. Ако се побуниш за нешто или нешто забележиш, едноставно добиваш отказ“, се жали нашата соговорничка.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми