1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Институциите се соучесници во „Јавна соба“

29 јануари 2021

Се однесуваме како агресијата и насилството да се случајни, како позади нив да не стојат живи луѓе, како наспроти нив да не страдаат вистински жртви. Пишува Ивор Мицковски

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Што научија помладите и што им се потврди на постарите од случајот Јавна соба и од непостапувањето на институциите?!
Дека навредите, сексизмот, мачоизмот, мизогинијата, споделувањето на интимни фотографии, изнудувањето, уценувањето и сексуалното вознемирување, преку социјалните мрежи или личните и групните комуникации на која било апликација, поминуваат неказнето повеќе од година дена.
Дека во таа култура на неказнивост, проблемот и маката, некултурата и насилството квалитативно и квантитативно растат и се влошуваат. Дека жртвите остануваат нечуени и заборавени, додека насилниците остануваат неказнети и невидливи.
Дека ако си жртва, не само што твоето достоинство ќе биде погазено еднаш, туку и дека кога евентуално жртвата ќе одлучи да истапи (а тоа не е често, ниту пак лесно), таа станува мета на двојна виктимизација и стигматизација.
Дека насилниците не само што не се каат и не ја разбираат сериозноста на своите (не)дела, туку и дека добиваат на сила, па дури преоѓаат и кон вербални и физички закани.
Дека како што директно забележува Калиа Димитрова на феминистичката платформа Медуза: „Институциите ни праќаат недвосмислена порака дека нашите трауми поврзани со сексуално насилство и вознемирување се неважни, непостоечки и невидливи“. Дека „живееме во систем кој одобрува и поттикнува насилство и ги заштитува предаторите, не жртвите. Истиот тој систем активно ги обесхрабрува жртвите да бараат заштита и да пријават насилство“. 

-претходни колумни: 2020 – година на Македонија

Или како што ќе забележи активистката и феминистка Сара Миленковска: „МВР не само што не реагира туку е и почесен член на групата Јавна соба, а загрижени наши сограѓани се први во коментари да објаснат дека сами си го барале и заслужиле понижувањето и вознемирувањето“.

Поинаку кажано, помладите научија и на постарите им се потврди, дека ваквото однесување и насилие е дозволено, дека лесно проаѓа, дека цената која треба да се плати е премала. И конечно, дека насилниците не само што уживаат заштита од државата и институциите кои ништо не преземаат, туку и ќе најдат засолниште во токсичните и релативизаторски коментари на голем дел од јавноста, која наместо да го осуди криминалот, морализаторски ќе се бави со жртвите.

„Лов на вештерки“

Поголемиот проблем во случајот е сексуалното вознемирување и родовобазираното насилство, но со недејствување на институциите тој проблем не само што расте, туку и се прелива и во други форми на нетрпеливост и нетолерантност. Како во времето на институционализираниот „лов на вештерки“ од минатото, тој арбитрарен и симболичен конструкт сега се обидува повторно да воскресне.

Новите вештерки се сите оние жени, виновни што не сакаат да се покорат на архајските шеми и модели кои не ги гледаат како автономни индивидуи и најчесто ги третираат само како објекти. Потоа знаеме дека преминот од таквото сфаќање на жената, најчесто се пренесува и во домот, каде мажот не е способен да прифати дека неговата улога на патер фамилијас е одамна завршена и истрошена, и дека мора да се соочи со една нова антропологија на жената, која е последица на женската еманципација во општеството, и која што преку феминизмот, што преку правните инстанците, веќе е освоена и консолидирана состојба. 

-повеќе на темата: Телеграм ја затвори „Јавна соба“, полицијата уапси дел од членовите

Тоа не значи дека борбата против маскулизмот е завршена работа, туку напротив, дека на културно, социјално, економско, политичко и правно поле мора да продолжи и постојано да се зајакнува.Оттука Јавната соба, таа жална етимологија која алудира на Јавна куќа, не ја доживувам само како место за сексуално предаторство, туку и како обид на многу мажи, да си ја повратат доминацијата над жената и да си го нормализираат насилниот мачоизам и сексизам.

Општеството и луѓето се навикнуваат на агресијата, и потоа на нејзината патолошка манифестација која е насилството.Фотографија: Fotolia/detailblick

„Нормализирање“ на насилството

И кога сме кај нормализацијата на нештата, изјавата на нашите институции: Жртвите сами да пријават – ја доживеав како крајно проблематична и несериозна. Особено откако дознавме дека некои од жртвите пријавиле, па биле оставени на цедило. Токму на ваков начин се „нормализира” насилството.

Општеството и луѓето се навикнуваат на агресијата, и потоа на нејзината патолошка манифестација која е насилството. Не разбирам како во ова општество се навикнавме да не реагираме, да не се побуниме, да не излезат родители или блиски и да кажат крај - ова вака не смее да продолжи. 

-претходни колумни: Пандемијата како изговор и слепост

Се однесуваме како агресијата и насилството да се случајни, како позади нив да не стојат живи луѓе, како наспроти нив да не страдаат вистински жртви. Очигледно е дека насилството навлегло во секоја пора на нашето постоење штом до овој степен сме отрпнале.Но, од тој аспект немам никаква намера овие општествени феномени и девијации да ги препишам на отсуството на свест кај насилниците, на класните состојби или нивното непостоење, на фактот колку тие биле политички застапени или не, дали живееле во мизерија, од кого учеле, како биле заборавени од општеството.  И некои од овие насилници имале мајка и татко, не умирале сите од глад, некоја пара имале во џеб, не се ова насилни пролетери поттикнати од материјалната бедотија на морална бедност.

Не, имаме ние и познаваме доволно напатени луѓе кои не го одбрале овој пат и ваквото однесување, туку одлучиле да бидат подобри луѓе. Да не заборавиме, и во најмизерните наши градови и општини, и во најнесреќните краеви, и на дното од општеството, сме имале доблесни луѓе кои биле за пример, трудољубиви учители кои пробувале нешто да ни всадат во главите, морални вертикали кои низ труд и работа ни дале шанса да се моделираме и изградиме. Секој имал некаква маржа на избор, помеѓу тоа да биде насилник и силеџија, слуга или слободен и достоинствен човек, доколку тоа сакал да го примети и примени. И токму благодарение на овие последните, како и благодарение на храброста на жртвите, што случајот Јавна соба овој пат не помина незабележано.

Ни требаше време и како јавност да извршиме поголем притисок, но не може една држава да се гради и одржува или правилно насочува само благодарение на оние кои имаат граѓанска култура и легалистички дух. Ако најлошите граѓани меѓу нас немаат намера да се корiгираат и воздржат од насилството, тогаш се знае кој е одговорен за постапување.

Нема веќе оправдувања

Затоа ќе повториме и на повторувањето му нема крај, дека должност е на полицијата да ја гарантираат безбедноста на сите, неселективно и бескомпромисно! Дека должност е на Јавното обвинителство да го процесуира случајот, како што е должност на Судот да ги примени законите, додека власта и Собранието се должни да им дадат насока на политиките и конечно сексуалното вознемирување преку интернет да го регулираат и во Кривичниот законик. Вчера беше донесен Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство кој дава нови рамки и нови алатки со кои властите повеќе ќе немаат оправдувања за непоставување како во случајот со Јавна соба.

Не може да се продолжува како досега и да се реагира само по притисок од јавноста. Зарем мора секој пат јавноста да се вџаши, да полуди, жртвите двојно да страдаат и да истапат во јавност каде добија поддршка, но и гратис навреди, самата власт и институции да сфатат дека од ова нема лесен излез со неправење ништо - за конечно некако да се постапи.

И погледнете денес, за два дена резултати, почна да се приведуваат луѓе, да се бараат начини како да се затвори групата, да се испраќаат апели од највисоките политички инстанци. Значи се можело, ама не се сакало.

А што правиме со таа изгубена година, со нанесената болка и стигми, со претрпениот стрес и повреда на достоинство?! Ништо така! Кога организации и поединци предупредуваа, кога  жртвите истапувале, институциите не мрдаа со мал прст. Не може власта и институциите да реагираат само кога ќе се осетат политички и морално загрозени и треба да се свесни дека за изгубеното време поради непостапување должат одговорност. Преку своето недејствување предолго време беа соучесници во Јавната соба.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми