Мониторинг од далечина на пациенти со симптоми на коронавирус е систем кој ја намалува потребата од легла во болнички услови, а го планираат повеќе земји. Британски лекари прогнозираат пик на епидемијата околу Велигден
Реклама
Порастот на бројката на заразени и починати од коронавирусот во Италија, Франција, Велика Британија, го вклучи алармот за потребата од нови и зајакнати мерки што националните власти треба да ги преземат за превенција од ширењето на вирусот. Во Италија, земја која стана втора во светот според моменталната бројка на починати и заразени од вирусот, живеат и работат над 10.000 Македонци, и тоа претежно во северниот дел од земјата каде италијанската влада воведе карантин за изолација на повеќе од 16 милиони жители.
Иако авиокомпанија „Визер“ објави дека до 3-ти април годинава ги суспендира летовите од Скопје и од Охрид кон Милано, Тревизо и Бергамо, проблем е што кон критичните региони во Италија се уште функционираат автобуски линии од земјава, а нема јавно достапни податоци во колка обем функционира и приватно организираниот превоз со минибуси и комбиња.
Алтернативни поздрави во време на пандемија
За да го намалат ризикот од заразување со новиот коронавирус, луѓето ширум светот ги менуваат навиките за поздравување. Можеби ќе ве инспирира некоја од овие културни навики.
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas
Ракување
Тоа е еден од најраспространетите поздрави во светото. Ќе излезе ли сега ракувањето од мода? Здравствените експерти препорачуваат да се избегнува за да се намали ризикот од зараза. Германскиот министер за внатрешни работи ја зема таа препорака сериозно па одби да се ракува со канцеларката Ангела Меркел. Двајцата потоа слатко се изнасмеаја.
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Hosbas
Двоен бакнеж во образ
Француската влада ги советува своите граѓани да го избегнуваат традиционалниот бакнеж на двата образа. Но францускиот претседател Емануел Макрон во знак на поддршка го бакна италијанскиот премиер Џузепе Конте во Неапол неделава, давајќи до знаење дека не се плаши од коронавирусот.
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/P. Manzo
Да пукне!
Тоа е гест кој беше популаризиран во бејзболот и кошарката во САД. Преку него се пренесуваат околу 50% помалку бактерии одошто со ракување, но сепак, тоа не го прави целосно безбеден.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Drew
Судир на тупаници
Најчесто користен во спортот, овој поздрав го популаризираше и поранешниот претседател на САД, Барак Обама, на сликата со шведската климатска активистка Грета Тунберг. Освен „кул“ факторот, тупаницата пренесува далеку помалку бактерии одошто ракувањето- над 90%.
Фотографија: picture-alliance/dpa/The Obama Foundation
Прегратки
Прегратката е уште еден начи на ширење микроби, но истражувањата покажуваат дека прегратката на саканиот може и да го зајакне имунолошкиот систем, а во некои случаи- и да ги подобри дипломатските односи. Прегратката меѓу претседателите на Јужна и Северна Кореја Мун Џае Ин и Ким Џонг Ун во 2018 предзивика различни реакции на двете страни на границата. Дотогаш тие само се ракуваа.
Фотографија: Reuters
Тапкање по рамо
Австралиските власти на своите граѓани им го препорачуваат токму овој гест: „Време е Австралијанците засега само да се тапкаат по рамо- без ракување“, изјави еден министер. Иако со овој поздрав речиси и не се пренесуваат бактерии, сепак во некои култури тоа може да се смета и за навреда.
Фотографија: Colourbox
Мавтање
Кралицата Елизабета и принцот Филип често им мавтаат на своите поданици од балконот на Бакингемската палата. Гестот потекнува од традицијата од 18-век кога витезите се поздравувале со вадење шлемовите за да го откријат својот идентитет и да покажат дека доаѓаат во мир. Мавтањето е исто така и навредливо во некои земји.
Фотографија: Reuters/K. Doherty
Тупаница и дланка
Во Кина, каде започна појавата на Ковид-19, традиционалниот „гонг-шу“ поздрав се препорачува во актуелниот момент. Поздравот на фотографијата го демонстрира кинеската актерка Мија Мучи.
Мал наклон со дланките споени една до друга во позиција како за молитва. Таи ваи поздравот е раширен во бројни земји на југоистокот на Азија- а уште е познат и како индиски „намасте“ или бурмански „мингалар пар“.
Фотографија: Imago Images/ZUMA Press/J. Kurtz
Јапонски наклон
Исто така безбеден, традиционалниот јапонски поздрав се уште се практикува во секојдневието. Учењето на елегантниот наклон е важен дел од општествениот статус. На фотографијата, вработени во еден трговски центар во Токио го вежбаат поздравот пред почетокот на новогодишната распродажба.
Фотографија: picture-alliance/dpa/MAXPPP/Kyodo
„Ногување“
Едно вирално видео од Кина неодамна ни покажа и нов начин на поздравување: „ногување“ или "footshake", кое некои го нарекуваат и „Вуханско ракување“. Триењето на валканите чевли, сепак е посигурно од ракувањето.
Фотографија: DW/S. Bartlick
Насмевка
Веројатно најлесниот начин да поздравите некого без да ризикувате размена на бактерии или да го навредите е да го погледнете во очи, да се насмевнете и да кажете здраво.
Фотографија: picture-alliance/PhotoAlto/E. Audras
12 фотографии1 | 12
И додека за патување кон Италија важат препораки за „зголемени мерки на претпазливост“, за сите земјите од нашето соседство и регионот важат препораки за „нормални мерки на претпазливост“. Но, состојбата се менува од ден во ден. Ако се имаат предвид прогнозите на британски медицински експерти, на кои се повикува бугарскиот весник „24 часа“, тие предвидуваат дека пикот на епидемијата ќе биде околу Велигден. Католичките верници годинава го слават Велигден на 12-ти април, а тоа е денот кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори во земјава. Веќе беше најавено дека голем број наши иселенци од европските земји ќе ги искористат празничните денови за да дојдат во татковината и да гласаат. Таквата евентуално зголемена флуктуација на патници во земјава, но и неможноста отсега да се предвиди прогресијата на ширење на коронавирусот до април, ги зголемува стравувањата од нови ризици.
Здравствена контрола од далечина
Здравствените власти веќе најавија дека во близина на Демир Капија се подготвува објект за изолација на повеќе луѓе доколку има потреба за тоа. Наводно, станува збор за поранешен објект на Специјалниот завод кој претходно бил реновиран и има капацитет за педесетина лица.
Но, следењето на здравствената состојба на лица кои биле во ризични региони и се наоѓаат во домашна изолција, може да стане невозможно за мобилните здравствени тимови, ако бројката на такви лица почне енормно да расте, и ако здравствените капацитети станат претесни. Дел од земјите решението го бараат преку систем за телемониторинг. Како што јавува новинската агенција Бгнес, бугарската технолошка компанија „Чек поинт Кардио“ го отворила првиот кризен мониторинг центар за следење на пациенти со симптоми на коронавирус. Според претставничката на компанијата, Ружица Гугуловска, процесот се одвивал преку телемониторинг од далечина. Медицинските уреди биле поставени на телото на пациентот, софтверот постојано ги обработувал податоците и преку интернет ги испраќал до центарот за мониторинг, каде што лекари и медицинските сестри деноноќно ја следат состојбата на пациентите.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.
Фотографија: picture-alliance/Ch. Mohr
8 фотографии1 | 8
„Тоа значи дека еден пациент кој е дома, е мониториран по сите параметри исто како да е во одделение за интензивна нега. Во случај на влошување, лекарите можат навремено да реагираат преку телефон до тамошен лекар и до самиот пациент“, објаснува Гугуловска.
Ова искуство успешно се применувало во повеќе европски земји, вклучително и во Романија од 7-ми март. Според Бгнес, од следната недела требало да започне со работа во Италија, Австрија, Северна Македонија, Хрватска, Грција и Израел.
„Ова им овозможува на болниците да го намалат бројот на легла во единиците за карантин. Всушност, инвестирањето во нови одделенија ќе биде непотребно, затоа што пациентот може да остане дома и да се следи во секое време. Во исто време, технологијата значително ќе го ограничи ширењето на овој вирус. Нашиот систем ни овозможува да го лоцираме пациентот и да следиме дали тој навистина ја почитува карантинската изолација “, вели Гугуловска.
Засега во земјава нема најава за евентуална употреба на таков систем.
Се враќаат патниците од осмомартовските аранжмани
Македонското МНР, согласно со информациите добиени од нашиот Генерален конзулат во Венеција, вчера им препорача на македонските граѓани да не патуваат во неколку региони и провинции (Ломбардија, Модена, Парма, Пјаченца, Реџио Емилија, Римини, Пезаро, Урбино, Алесандрија, Асти, Новара, Вербано Кусио Осола, Верчели, Падова, Тревизо и Венеција), но да избегуваат непотребни патувања и во останатите делови на Италија. Иако такви препораки претходно имаше и од здравствените власти, неколку туристички агенции сепак ги реализираа Осмомартовските патувања во Италија, па во зависност од времетраењето на аранжманот наши граѓани од Италија ќе се враќаат од денес до 11-ти март, со што се зголемува бројката на лица чија здравствена состојба ќе треба да се следи.
Заради понатамошна превенција од ширење на COVID-19, нашиот Генерален конзулат во Венеција во следниот период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации, а се одложува фотографирање на наши граѓани за нови патни исправи.