1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Телефонски именик на починати

23 ноември 2021

Долг црн список од повеќегодишни пријателства носам во џебот, во мобилниот, како темпирана бомба, како една страотна опомена колку сѐ друго е безначајно во споредба со животот. Пишува Ерол Ризаов

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Престанав да го пребарувам мојот телефонски именик на мобилниот откако добив неколку пораки од мои починати пријатели и драги луѓе. Знаете она „hi" на вибер. Тоа функционира по некаков автоматизам понатаму и кога луѓето ќе заминат на оној свет. Ужаснат од помислата да ги избришам брзо се откажав, ми дојде како да бришам дел од мојот живот. Долг црн список од повеќегодишни пријателства носам во џебот, во мобилниот, како темпирана бомба, како опасна закана во  едно зло време, како една страотна опомена колку сѐ друго е безначајно во споредба со животот. Во овие година ипол дена најмногу мои блиски луѓе ги покоси пандемијата.

Додека не стаса апокалипсата не ги забележувавме малите овоземни задоволства. Барем не јас. Во поодминати години дознав колку било убаво да се испие кафе на раат, па макар и сам и кога е студено и кога истура дожд, а и не било толку лошо да се седи подолго време и дома. Открив дека не сум бил клаустрофобичен на станбен простор. Имало нешто добро и во стравот од  вирусите. Чувајте и негувајте ги пријателствата. Се градат со години и децении, а се уриваат со еден збор. За партија, за иделогија, за политичари, за вируси, за разни припадности и посебности кои ги нема во задгробниот живот. Многу недостасуваат пријателите што ги нема...  пораките, фотографиите, видеата, шегите, пцостите, договорите за дружба, за добро гезме, со еден клик сите се тука во „живо". Ама само фатаморгана. 

Доцна е за нови пријателства 

Боже, си велам, се помалку нѐ има, се растури друштвото како „бугарско собрание“. Доцна е да почнам нови пријателства, а некако ми изгледа рано да завршам, иако како што велат лекарите ептен сум бил ризичен. Полн сум со коморбидитети. Од каде пак стаса овој  одвратен збор обнароден со пандемијата,  како научно издржано оправдување за многу умирачки.

Тоа кај мене оди вака: имам преку 70 години, за тие како мене младите, а и медиумите пишуваат како за старци и  одмавнуваат со рака, како да ишкаат вампири. Не гледаат како мува што се дави во маштеница. Имам и прекумерна тежина, читај дебел, како резултат на седење и гурманско балканска некултура. Тука е и каменоломот во бубрезите, проблеми со простатата, мојата гимназиска професорка по филозофија вели не е тоа „сок од простата", на знаменитиот Јован Павловски, туку сок од простак. Стравствен пушач сум, нормално како Турчин со намален капацитет на градите, по малку астматичен, повеќе наглув отколку ќор, имам лично моја пристојна шеќерана, мала кречана во главата како што вели утешително д-р  Чепреганов,  заборавност. Чист холестерол во изобилие како јагнешки џигери во марамица, или дроб-сарма кај Чамо, притисок од сите страни, 160 на саат, и уште неколку сомнителни бодежи и симптоми кои не се истражени, а редовно секоја сабота исчезнувават по две чаши тиквешка жолта и три чаши бело тиквешко без вода, без шприцер и гемишт, оти Свето навреме ставил вода колку што треба. 

Повеќе од авторот: Умираме ли од примитивизам и лаги

Ете тоа се тие коморбидитети поради кои може да се отпатува на оној свет секој момент и без Ковид -19,  со прва и единствена дијагноза- смрт, што би рекол уважениот доктор Кедев. Добро е да биде од нога, што се вели да те удри мајсторот Архангел на спиење. Големо достигнување е  да го надживееш просекот и да умреш здрав. Тоа навистина не е лесно. Треба да се одработи.  Долго пешачење, качување по планини, диети, здрава храна, како да јадеш трева. Како да се издржи кога сѐ што е убаво е забрането, кога повеќе водам грижа за автомобилот отколку за себе. Не можам да ви опишам каква радост ме обли деновиве кога ми ја продолжија возачката до 75 години и тоа без лекарско уверение. Сѐ според закон, оти бил покачен просекот на животниот век. Само десет години порано умираме од скандинавците. Во просек. 

Пет пати се вакцинирав 

Ете поради тоа и не само поради тоа, ќе кажам подоцна поради што, пет пати се вакцинирав. Три пати против Ковид -19, ми се падна ептен неслучајно „фајзер“, привилегиран како американски шпион, плус еднаш од сезонски грип и еднаш за заштита од пневмонија на повик од Клиниката за пулмологија како регистриран пациент. 

Сепак најмногу ми се допадна препораката на искусниот невропсихјатар д-р Џонов, рече: на овие години многу е оптимистички да планираш било што на подолго време од три месеци. Тој така сметал за себе, иако е бајаги постар од мене. На таа животна доктрина го научил неговиот професор, ментор кој проживеал над 90 години. „Жути жутују, црвени путују“.  

Пандемијата продолжува да коси. Велат дека е во ек четврти, или петти бран од чумата на 21 век, што е сосема безначајно кој бран е по ред за сите што седиме во чекалната на душовадникот.

Повеќе од авторот: Антифашистички марш за непречено заразување

Брановите, како морски таласи стасуваат на нашиот брег и кога не дува ветер. Чаре, има ли чаре? Се разбира има. „Ако некој не знае каде да плови ни еден ветер не е поволен.“ Не треба да се седи во чекалната на смртта, туку на животот, пред клиниките и да се примат вакцините. Засега науката, иако не е доволна гаранција, не понудила нешто подобро, или некаков ефикасен лек. Знам сега ќе ми рипнат антиваксерите дека вршам некаква политичка пропаганда, или работам во корист на профитерите кои трупаат милијарди долари, како Бил Гејтс кој божем сакал да го ослободи светот од баласт труејќи милијарди луѓе. Добро, нема да го наречам ова безумие, ама ако не им веруваат на Светската здравствена организација и на нејзините податоци и апели, на нашите домашни податоци и апели, нека си направат своја сопствена истрага, како што направив јас. Од сите мои пријатели кои починаа од коронавирусот, со исклучок на еден, беа над 65 години и сите до еден невакцинирани. Се разбира, оваа статистика не може да биде валидна, но јас немам причини да не верувам ни во мојата, ниту во официјалната статистика на здравствената комисија која се соопштува секој ден која вели дека над 80 отсто од починатите се невакцинирани. 

Има поголеми штеточини од антиваксерите 

Од антиваксерите поголеми шети прават тие што ги знаат добро работите и сега се впуштаат јавно во правни толкувања, за ограничување на човековите права и слободи предвидени со построгите мерки. Покрај партиски и политички  мотивирани јавни личности кои се многу  позагрижени за слободите и правата на противниците на вакцинирањето, отколку за опасноста од зараза, за голема жал со правни тези се јавуваат и дежурните телевизиски ѕвезди, епидемиолози, вирусолози, имунолози, фармацевти, лекари кои како спласнуваат, или се засилуваат брановите од епидемијата, така ги менуваат ставовите. Тие постојано се во право бидејќи веќе предупредиле дека ова, или она ќе ни се случува, ама немало кој да ги послуша. Кога имаш повеќе различни спротивставени ставови за исти работи, лесно е да погодиш како прст во тиква. Како оној видовит што имал успех од 50 отсто  кој погодувал дали трудниците ќе родат машко, или женско. Нашите политексперти ќе ги препознаете по тоа што тие во своите јавни настапи некаде онака попатно, анпасан, ќе споменат дека се вакцинирани, ама кога строгите мерки се тешко прифатливи и навистина ограничувачки, тие се големи  борци за човекови права и слободи и против таквите ограничувања. А, кога мерките се полабави, тие се жестоки критичари на попуштање во мерките  бидејќи тоа ќе предизвика нов бран на епидемијата. Евтино додворување на јавноста и оправдување на отпорот кон единствената, веќе на светско ниво, успешно докажана заштита- вакцината.

Повеќе од авторот:  Се случи чудо во Парламентот

Дури и високите црковни великодиостојници на трите водечки аврамови религии во Македонија го ставија во центарот на вниманието човечкиот живот повикувајќи ги верниците на вакцинација. Ама и на верниците им опадна верата во Бога кога е во прашање пандемијата, се свртеа повеќе накај надрилекарите и празноверието- најголемиот непријател на црквата, повеќе и од безбожниците. 

Еве да ги оставиме на страна сите домашни и светски статистики и препораки на најеминентните здравствени  авторитети.

#dw_BalkanBooster: Дали си вакциниран/а?

01:46

This browser does not support the video element.

Што се случи со нашата хуманост? 

Има нешто што многу повеќе загрижува од пропагандите, антиваксерското движење, партиските и политички мотивираните манипулации со чувствата и стравот на граѓаните, вклучувајќи ги бесмислените и опасни теории на заговор. А, тоа е каде отиде нашата вековна, традиционална хуманост, солидарност  и грижа за родителите, за повозрасните, за нашите дедовци и баби.

Што се случи со нашето домашно воспитување, да ги заштитиме немоќните, нашите најблиски. Толку ли е голема жртвата да се прими вакцината и со тоа да се заштитиме себе си, да  ги спасиме нашите татковци, мајки, дедовци и баби кои често и под влијание на своите деца и внуци ја игнорираат опасноста која за нив е многу покобна. До таму ли стаса себичноста, егоизмот и стравот, па им свртивме грб на нашите најбиски кои се најтешко погодени и изложени на најголема животна опасност од вирусите? Има ли поголема стимулација од тоа да се спасат животите на тие кои не создале? Уште колку треба да траат апелите и кампањите за вакцинација за да се прифати реалноста дека вакцината, иако не стопроцентно, во најголема мерка е најдоброто решение и најдобрата одлука во справување со пандемијата. 

Ете се случи во една работа да заличиме на Запад. Од една страна построги мерки на владите за заштита од пандемијата која повторно хара низ Европа, а од друга страна драматични и жестоки протести против строгите мерки со ограничување на човековите права и слободи. Во демократските системи и двете работи се можни ако не се пречекоруваат црвените линии на пишаните и непишаните правила, закони и почитување на уставни права и на двете спротивставени страни. Едната страна чини повеќе пари, другата повеќе животи.

Да и Македонија има закони кои важат од поодамна, но кои не се споменуваат оти се поограничувачки од најновите предложени мерки за заштита на населението. Така во Кривичниот законик глава 21 во кривичните дела против здравјето на луѓето во членовите 205 и 206 е прецизно наведено кои се казнените мерки за пренесување на заразни болести и за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. И во двата члена се предвидени парични, или затворски казни до една, или до три години во зависност кој член е прекршен. Се разбира, најдобро е во ниту еден случај да не се применат овие законски мерки, доколку имунизацијата на населението се одвива според заложбите на здравствените власти и во догледно време го достигнат степенот од над 80 проценти вакцинрано население што е предусловот за стекнување на колективен имунитет. Нешто што досега во Македонија, со оглед на бројот на жители, веќе требаше да се случи. Додека ние стасаме до 80 отсто имунизација ќе не префтаса нова мутација. Не дај боже. Тогаш свежите гробови ќе бидат најголема стимулација  да не настрадаат и тие што ќе преживеат. 

       

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми