Темни облаци над Турција
10 септември 2015 Турција мина низ два турбулентни дена. Еден од најголемите весници во земјата, Хуриет двапати беше нападнат, исто како и седиштата на про-курдската партија ХДП, а запалени и каменувани беа и голем број дуќани. Последиците од војната против тероризмот лесно можат да запалат конфликт на домашен терен, доколку лидерите продолжат да делуваат неумесно.
Изборите се за помалку од два месеци а Турција минува низ опасни денови кои можат да ја втурнат во сериозен политички судир. Убиството на турски војници од страна на Курдската работничка партија, која Турција и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, предизвика масовни улични протести. Протестите против терористичката организација се исправен потег, но во некои делови од земјата, нештата излегоа од контрола. Дел од демонстрантите ги напаѓаа весникот Хуриет, приватни фирми и седиштата на ХДП.
„Стравот и демократијата не одат заедно. Ние во моментов чувствуваме страв“, рече главниот уредник на Хуриет, Седат Ергин. Таа изјава го симболизира притисокот кој го чувствуваат турските медиуми кои им се спротивставуваат на претседателот Реџеп Таип Ердоган и на владејачката АКП. Повод за нападите врз Хуриет беше насловна страница на весникот на која, наводно, лажно била пренесена изјава на Ердоган.
Ниту еден политички став не може да оправда ваква агресија. Нападите врз медиумите и врз демократски избрани партии како ХДП се криминал. И покрај тоа што некои напаѓачи беа уапсени, фактот што овие напади воопшто се случија е причина за загриженост.
Сеењето омраза и дискриминација во општеството нема да и‘ помогне на ниту една политичка партија. Напротив, граѓаните ќе почнат да се прашуваат кој е одговорен за нестабилноста. Во ова време, на земјата најмногу и е потребна солидарност, и разбирање дека е потребна коезгистенција на сите кои живеат во земјата. Личноста која, според функцијата, би требало да ги претставува сите граѓани, без оглед на нивната верска, политичка или етничка припадност, е турскиот претседател. Затоа е разочарувачки што сите политички лидери освен Ердоган им се обратија на граѓаните и повикаа на солидарност. Тука повеќе не се работи за тоа кој ќе победи на изборите. Се работи за иднината на земјата која долго се бореше за своето единство. Сега земјата е соочена со поинаков вид на тероризам, исполнет со омраза и дискриминација кој можат да го спречат само граѓаните доколку цврсто и застанат на патот на провокацијата.