1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Темнозелено светло за Србија“ и прием за Хрватска

АТ/ ФР/ФАЦ/НЦЦ1 јули 2013

По приемот на Хрватска во ЕУ, германските весници оценуваат дека одлуката е геополитички исправна, но не треба да се замижува пред проблемите. Швајцарскиот „НЦЦ“ пишува и за (не)оправданата недоверба на Белград во ЕУ.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Од денеска на полноќ Европската унија, со пристапот на Хрватска, брои 28 земји членки. Повод весникот „Франкфуртер рундшау“ да постави неколку прашања:

„Потребна ли и‘ е на Европа среде нејзината најголема криза навистина нова земја членка? Згора на тоа повоена земја во константна економска криза? Оној кој во извозната слабост на новата членка, невработеноста, високата задолженост на Хрватска пронаоѓа знаци за нов иден товар на Унијата, тој за жал има право. Не е во право оној кој од сето тоа заклучува, Хрватска и другите тешки земји од југоистокот на Европа треба уште долго да останат вон Унијата. Скептиците на проширувањето имено постојано забораваат да ја видат противсметката. Доколку земјите кои сакаат да пристапат се прецртаат од стратешките документи на ЕУ, тие ни од далеку нема да исчезнат од географската карта. Тие ќе останат таму каде што се, и тие ќе станат забележливи. Нивните проблеми надвор ќе бидат поголеми отколку дома, и, ниту океан, ниту Рио Гранде не' не дели од нив“, аргументира  „Франкфуртер рундшау“.

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ има слично гледиште:

„Одлуката на ЕУ, да ги интегрира земјите од Балканот и да ја држи портата отворена беше исправна - геополитички нема подобра опција. Критика меѓутоа заслужува толеранцијата во однос на очигледните слабости на овие земји. Грешките кои беа направени со Романија и Бугарија во меѓувреме јавно се признаваат, но кај Хрватска сепак се повторија. Притисокот од силното лоби во Германија и Австрија е само една од причините што толерантноста се покажува во област, каде таа ништо не загубила: во борбата против корупцијата“, критикува „ФАЦ“.

„Темно зелено светло за Србија“ е насловот на текстот за српските евроинтеграции во весникот „Ноје цирхер цајтунг“.

„Во Германија се свесни дека со непрекинато проширување на истрошената ЕУ со економски климавите балкански држави во моментов може да се соберат малку поени кај домашните избирачи. Кочничарскиот маневар при процесот на пристапување на Србија се совпаѓа со овој изборно-тактички поглед, исто како и одлуката на канцеларката Меркел од средината на мината недела да не патува на прославата за пристапот на Хрватска во ЕУ. Во моментов Берлин во однос на земјите кандидати ја покажува својата страна со побарувања, и Меркел во петокот нагласи дека конференција за преговори за пристап со Србија би можела да се одржи во јануари, само ако претходно 'дојде до целосна нормализација' во однос на Косово - што и' да значи тоа“, пишува „НЦЦ“ и продолжува:

„Изјавата на Меркел е вода на воденицата на оние Срби, кои на ЕУ со години и‘ префрлуваат игра со обележани карти. Унијата се обвинува дека преговорите за пристап на Србија постојано ги врзува за нови барања. Приговор, кој не е целосно неоснован“, смета „НЦЦ“ и наведува дека Србија ги испорача осомничените воени злосторници и му ги предаде на Хаг, по што како нов услов на земјата и‘ се постави нормализација на односите со Косово и укинување на паралелните институции, иако не сите земји на ЕУ го имаат признаено Косово. 

„Оттука“, пишува весникот „не може вистински да му се верува на Брисел, и покрај тоа што  ЕУ наесен мора уште да ја утврди преговарачката рамка. Иако претседателот на Советот на ЕУ Ван Ромпој нагласува, дека тоа не е поврзано со нови услови на ЕУ, во Белград не се верува слепо во ова уверување“, смета „Ноје цирхер Цајтунг“. 

Истиот весник пишува и за зголеменото турско влијание на Косово.

„Едни го поздравуваат турскиот ангажман како добредојдена помош за модернизација на земјата. Други во тоа гледаат опасна конкуренција од Азија за европската интеграција. Факт е дека Турција на Косово не само економски туку се' повеќе паѓа в очи и културно“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“ и продолжува: „Донаторите се интересираат и за тоа што учат малите Косовари - пред се' кога станува збор за историјата на Османлиите, кои пет столетија владееја со големи делови од Балканот“. Весникот наведува дека турското министерство за образование побарало од Косово одредени модификации на претставата на Османлиите во учебниците, за што на Косово наишло на отворени врати и била формирана експертска комисија. Тоа, пишува „НЦЦ“ меѓутоа наиде на жестока критика од познати Албанци меѓу нив и писателот Исмаил Кадаре, кој потегот го оценува како „културна агресија“, пишува „НЦЦ“. „Таква критика од позната уста не очкуваа во косовското министерство за образование. Вицеминистерот Мустафа мораше повторно да излезе пред печатот (...) Анкара само замоли за тоа, да бидат ублажени некои изрази кои се однесуваат на Осмалиите како 'дивјаци', 'варвари', 'орда'. Можеби, може да се заклучи, одредени корекции во косовските учебници би биле сосема в ред“, пренесува „Ноје цирхер цајтунг“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми