1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензиите ќе го забрзаат патот на Македонија до НАТО?

4 мај 2017

Пораките дека „Западен Балкан мора да добие силна поддршка во своите евроатлантски интеграции“, навестуваат и сигнали дека Македонија посилно влегува во фокусот на НАТО

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

„НАТО е многу загрижен поради ситуацијата во Македонији, a наш став е дека демократскиот процес мора да биде почитуван и дека мнозинството во парламентот има право да одлучи кој ќе ја состави владата“, изјави вчера во Брисел Генералниот секретар нa НАТО, Јенс Столтенберг, во излагањето и расправата со пратениците во Поткомитетот за безбедност и одбрана во Европскиот парламент.

Порадисостојбите во Македонијано и во регионот, евидентно е дека земјите од Западен Балкан посилно влегуваат во фокусот на Алијансата. Под наслов „Западен Балкан под ризик, мора да биде силно поддржан“, „European Western Balkans, пренесе дел од нацрт-извештајот на Парламентарното собрание на НАТО, објавен од поткомитетот за економија и безбедност, насловен „ Економска транзиција во Западен Балкан: Проценка.“

Корупција, клиентелизам, невработеност...

Во нацрт-извештајот се наведени неколку клучни оценки што ја рефлектираат сегашната состојба во регионот и причините што довеле до неа.

„Со висока стапка на невработеност, распространета корупција, ерозија на состојбата на демократијата и владеењето на правото,неретко со мешање на Русија во државните работи, Западен Балкан мора да добие силна поддршка во своите евроатлантски интеграции“, било наведено во нацрт-извештајот.
Тој дава политички и економски увид во регионот, со бекграунд на настаните. Во него било наведено дека земјите од Западен Балкан остануваат од посебен интерес за НАТО. Иако НАТО признава дека ЕУ била клучен играч во одржување на стабилноста во регионот, била анализирана и економската криза, со забелешка дека се чини оти таа „ја отворила вратата за анти-ЕУ, популистички и националистички движења, кои ги доведуваат во прашање тешките реформи“.
Се смета дека процесот за интеграција на регионот во ЕУ е потресен од страна на голем број политички и економски проблеми во земјите, но и од надворешни фактори. Како еден од нив е наведена и моменталната нестабилност на ЕУ, која придонела да процветаат националистички и авторитарни движења.
Покрај осврт на состојбите во Србија, Косово и Црна Гора, во нацрт-извештајот се наведува дека ситуацијата во Македонија е „уште повеќе обесхрабрувачка“, со одбивањето на претседателот да го даде мандатот за формирање влада на лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Во него се наведува дека политичките тензии меѓу земјите на Западен Балкан не се смируваат, дури ни со интервенција на ЕУ.
Било потенцирано дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со висока стапка на невработеност, особено кај младите „што ги прави повеќе ранливи на демагогија и дезинформации“. Во однос на состојбата со демократијата, се спомнува извештајот од 2016 година, во кој е наведено дека нивото на демократски развој во Западен Балкан назадувало шест години по ред, и дека владеењето на правото е поткопано од страна на политичките елити кои го користат за лична корист. Извештајот приоѓа и подлабоко во проблемите на Западен Балкан, наведувајќи дека во целиот регион, „корупцијата, клиентелизмот, лажирањето на изборите и измамите, се поврзани со проблемот на државна контрола од страна на елитите кои имаат мал интерес за суштината на демократијата“.
Во нацрт- извештајот се заклучува дека постои многу висок ризик земјите од Западен Балкан да се лизнат назад кон националистичката идеологија, додавајќи дека авторитаризмот „не е формула за успех кога проблемот повеќе е во кусок, а не во вишок демократија“.
Во него била допрена и темата односите на Русија со земјите од Западен Балкан, и како што е наведено, тоа изгледало како „плодна почва за предизвикување на влијанието на НАТО и ЕУ“.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Грција под притисок?

Дали тензиите во регионот ќе предизвикаат позасилено влијание на НАТО и ЕУ во регионот, особено во Македонија? Според аналитичари, тоа е „неизбежен чекор, за да се одржи геополитичката стабилност“.

„Веќе извесен период стигнуваат јасни сигнали дека стабилноста на регионот и на Македонија, многу зависат и од т.н. 'институционализирање' на безбедносната соработка, односно од интегрирање во Алијансата. Во однос на Македонија, не е исклучено тие пораки да добијат нов импулс, но не само како (ре)декларирана намера, туку преку поконкретни чекори. Заради потребата од итно безбедносно стабилизирање на регионот, можеби ќе се прават напори билатералниот спор за името да не се третира како лимитирачки фактор за тој процес“, вели за ДВ дипломатски извор.

За сигналите дека можеби ќе следат и некои поконкретни чекори, сведочат и одредени реакции во соседството. Повикувајќи се на анализи во Грција, РСЕ под наслов „Главоболки во Атина поради 'притисоци' за брз прием на Македонија во НАТО“, деновиве објави дека нестабилноста на Македонија може да доведе до зголемен притисок за прием на Македонија во Алијансата. Според грчкиот неделник „Реал“, грчкиот премиер Алексис Ципрас за ситуацијата во Македонија и на Балканот детално разговарал со германската канцеларка Ангела Меркел за време на средбата на маргините на Самитот на ЕУ за Брегзит, и со согласност на Меркел било договорено Грција да преземе конкретни иницијативи за да се помогне за стабилизирање на регионот. Неделникот пренесува проценки на грчки дипломати дека меѓународната заедница може да ѝ прогледа на Македонија низ прсти за одредени критериуми и да го забрза приемот на државата во ЕУ, со цел да помогне да се избегнат нови судири и дестабилизација. Новинарот на весникот „Вима“, Агелос Атанасопулос, кој го следи грчко - македонскиот спор, во анализа за порталот „Протагон.гр“, пишува дека нестабилноста на Македонија може да доведе до зголемен притисок за прием на Македонија во НАТО.

„Јасно е дека Атина сака БЈРМ да биде стабилна. Тоа е единствен начин во одреден момент да може да се реши името, кое е најважниот отворен спор за Грција на Балканот. Нестабилноста може да ги донесе во прв план апелот и притисоците за прием на БЈРМ во НАТО како начин да се смири ситуацијата. Ова би предизвикало главоболка за Атина доколку спорот за името не е решен“, се вели во анализата.

Според Атанасопулос, стабилноста на Македонија е важна и поради големата и активна економска соработка меѓу двете страни, како и за спроведување на договорените мерки за градење на доверба.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми